Нови гранични премини за поттикнување на соработката меѓу Албанија и Македонија

Официјални претставници во Македонија и во Албанија рекоа дека отворањето на нови гранични премини ќе ја зголеми соработката помеѓу пограничните градови и ќе придонесе за економски развој во двете земји.

Васил Стерјовски, генерален секретар на „Македонската алијанса за европска интеграција“, рече дека поголемиот број гранични премини и подобрата инфраструктура ќе овозможат полесно поврзување на Македонија со Албанија и ќе отворат нови перспективи за граѓаните во пограничните региони.

„Ова создава постојана и подобра соработка, како и нови можности за вршење заеднички бизнис и за нови работни места“, рече Стерјовски за SETimes. „За граѓаните на регионот Голо Брдо во Албанија, каде што беше отворен нов граничен премин, градот Дебар во Македонија им стана поблизок од некои албански градови. Ова е од особено значење во зима, кога снегот ја блокира целата област. Ова им олеснува на локалните граѓани да дојдат до храна и лекарска помош во пограничните градови во Македонија, наместо во регионалните центри во Албанија“.

Стерјовски рече дека граѓаните во двете земји 20 години чекале на отворање на граничниот премин кај Голо Брдо. Преминот им овозможува на албанските граѓани да стигнат до Македонија за 30 минути. Стерјовски рече дека ова е згодно и за граѓаните кои живеат во Албанија, а работат во Македонија.

Наум Сотироски, од Горица (Корча) во Албанија, рече дека отворањето на преминот е одлична можност за локалните жители.

„Доаѓаме тука да работиме, бидејќи дома кај нас е многу тешко да се најде работа“, рече Сотироски за SETimes. „Многу млади лица од пограничниот регион сè почесто доаѓаат да работат во македонските градови, а многумина и одат на училиште таму, со цел да добијат подобро образование“.

Според официјалните податоци, над 1.500 албански граѓани работат во Македонија. Најголемиот дел од нив доаѓаат од пограничните региони на Подградец, Горица, Коњух (Елбасан), Лин, Мала Преспа и Пустец.

Стојанка Палко, генерален координатор на македонското здружение „Илинден“ во Тирана, рече дека отворањето на нови гранични премини е важно за етничките Албанци што се заинтересирани да работат во Македонија. Таа рече дека Македонија, исто така, ќе има корист.

„Интензивно работиме на отворање на нови гранични премини, бидејќи на тој начин Македонците и Албанците полесно ќе наоѓаат работа и полесно ќе патуваат во соседните градови“.

Miki Trajkovski/SETimes