ХРИСТИЈАНСКИТЕ СВЕТИЛИШТА ВО С. ТУМИНЕЦ, ПРЕСПА (Р. АЛБАНИЈА) СО ПОСЕБЕН ОСВРТ НА МАНАСТИРОТ „СВЕТА МАРЕНА“

Кога во 1924 г. меѓу Албанија и Грција доаѓа до спогодба за корекции на нивната граница, с. Туминец, заедно со селата: Горна Горица, Долна Горица, Глобочани, Пустец, Зрновско, Леска, Шулин и Церје, ѝ е отстапено на албанската држава (Тодороска, 2014, 117). Денес, овие села ја сочинуват единствената македонска општина во Р.Албанија, општината Пустец, населена со македонско православно население. Според етнографските карактеристики, пак, се вбројуваат во етничкиот предел Долна Преспа, кој е поделен на два суппредели – Голема Преспа и Мала Преспа. Споменатите села ѝ припаѓаат на територијата на Мала Преспа, која го опфаќа западниот брег на Преспанското Езеро.

Во поглед на пределската припадност локалното население не се согласува во целост, бидејќи, според нив, овие девет села се дел од Преспа, а во Мала Преспа припаѓаат селата, кои се наоѓаат во јужниот дел од Преспа, околу Малото Преспанско Езеро во егејскиот дел на Македонија, денес – во Р.Грција: „Татко ми, Бог да го прости, рече така ко дојде новинарот… ‘А бе кој беше тој што го кладе името Долна Преспа, Мала Преспа. Мала Преспа е она онандека (покажува кон селата кои се денес во Р.Грција – заб. на авт.). Ние
сме дел од Преспа, од ова тука Преспа’“.

Селото Туминец се наоѓа на брегот од полуостровот на Големото Преспанско Езеро, на Пречна Планина, во близина на граничниот премин Горица – Стење, а од неговата северна страна се расположени селата Коњско и Стење. Официјалното албанско име на селото до 1970 г. е Безмишт (Bezmisht), потоа е преименувано во Каламас (Kallamas), за во 2013 година повторно да биде вратен автономниот топоним Туминец. Името на селото за прв пат се споменува во Слепченскиот кодик од 17 век (Пјанка, 1970, 144).

Според народното предание, името Туминец е добиено поради тоа што „тука се минувало, на едната страна е езерото, а на другата планината“. Во однос на вториот назив Безмишт, кој се употребува само од албанското население, Гуре Дума го има запишано следново предание: „Некогаш некојси бег, во ова село развил големи стада со ситен добиток и продавал голема количина месо, кое се нарекувало миш-беу или беу-миш, што во превод значи беговско месо. И оттогаш останало името на селото Безмишт“ (Дума, 2007, 107).

М. Стојанова, пак, има запишано народно предание според кое селото Туминец е оформено од некое племе што дошло од кај р. Волга во Русија. Преданието понатаму вели: „И сега се населе тука. Куќи си напраја, си сторија нешто и сетне ко дојдоа за деца да имае, да са жене да са маже или нешто, немаа поп. Поп зедоа од Јанкоец. И сега и попот са жена и тој. И са напрај фамилија… И та фамилијата са деле Поповци. Демек по време“ (Стојанова, 2015, 30, ф. 57).

Во селото има околу 600 (шестотини) жители и 200 (двесте) куќи, кои се поделени во 4 (четири) маала, според фамилијарните презимиња и тоа: Вурмовци, Мишевци, Поповци и Цариновци. Населението претежно се занимава со: земјоделство (најмногу одгледува пченка и жито), рибарство и печалбарство во соседните држави Грција, Италија и Македонија.

Еден километар на исток од селото се наоѓа месноста Старо Село, каде што се претпоставува дека била првичната населба, а кога настанала дислокацијата на сегашното место не се памети. На оваа месност постојат остатоци од рушевини на градби со камен, а за една поголема грамада се верува дека е остаток од „старата црква“. Оваа грамада и денес се именува како црква и населението ја почитува како свето место со палење на свеќи „за здравје“ (Дума, 2007, 9–10).

Во средината на селото се наоѓа гробната црква Св.Димитрија, која најверојатно е подигната во 12 век, а фреските се датирани во 18 век и е прогласена за споменик на културата на Албанија во 1970 г. Патрониот празник на црквата, 8 ноември, се одбележува со свечена литургија, а датирањето на фреските според теренските истражувања од ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, А. Василески е на мислење дека датираат од 15 до 17 век, но за подетаљно датирање се потребни дополнителни научни истражувања. Верниците, најчесто жените, во црквата носат „пчејнца и кравајче“ да ги „испее“ свештеникот за здравје.

На крајот од селото, пред околу 150 години, е изградена црквата Св.Никола, во чија непосредна близина се наоѓаат и некогашните гробишта од с.Коњско. Во врска со нејзината изградба С.Ристески има запишано предание според кое црквата е изградена по видение на сон на некој човек во „Стамбол“. Во сонот му било речено да оди во с.Конско, кај некој човек Коља, кој знаел дека на местото викано Лиса има закопано казан со злато, и таму да го жртвуваат неговиот шарен вол. Откако го откопале златото, човекот за себе зел само дел од златниците, а со преостанатите златници, пак, Кољо ја изградил црквата во с.Туминец и, според неговото име, ја посветил на „Св. Никола“. Понатаму во преданието се предава родословот на неговите потомци (Ристески, 1993). Но, за жал, црквата била разрушена за време на комунизмот, па денес е подигната целосно нова црква. Црковната слава се празнува на Зимен Св.Никола, 19 декември. Специјално за празникот, во секоја куќа се меси обреден леб т. н. колак, украсен одозгора на четири места со „прескурник“. Колакот се носи утрото во црквата, каде што, по завршувањето на свечената богослужба „попот му пее литургија“. Потоа колакот се крши со раце и дел се раздава на присутните, а преостанатото се носи дома и се јаде „за здравје.“

На западниот брег од Преспанското Езеро, на околу десетина километри од с. Коњско во правец север – југ кон с.Туминец, се наоѓа пештерна црквичка посветена на Св.Богородица, над која има комплекс на монашки ќелии на два ката, од крајот на 13 и почетокот на 14 век, од кој период е датиран и византискиот фрескоживопис (Ангеличин-Жура, 2004, 112–124), зоографисан од сликарот Алексиј, ученик на зографот Јован. Како ктитори на оваа пештерска црква се посочуваат игуменот јеромонах Пајсиј и монахот Партениј (Милюков-Николаевич, 1899, 63–65). Верниците ја посетуваат за време на големите Богородични празници и палат свеќи „за здравје“.

Во насока на истиот правец или, пак, јужно од селото, на самиот брег од Преспанското Езеро, покрај местото наречено Писан Камен, се наоѓа манастирот со дедикација на старохристијанската маченица св. Марена/Марина. Оваа маченица од малоазиската област Писидија, која настрадала кон крајот на 3 или на почетокот на 4 век, има голем развиен култ во охридската диецеза, особено меѓу Москополе, Охрид, Корча и Преспа.

Според досегашните истражувања, првата ликовна претстава на светителката е зачувана во фрескоживописот во црквата „Св. Константин и Елена“, Охрид од 1477 г. (Суботић, 1971, 54). Нејзиниот култ особено нараснува во 18 век, во времето на засилениот православен екуменизам меѓу Македонците, Власите, православните Албанци и Грците, кои се наоѓале под црковна јурисдикција на Охрид. Тоа е и времето на културната обнова на популарните светителски култови од охридско-москополскиот културен круг во книжевноста и во уметноста. Така, покрај почитта на светите Климент и Наум и словенските учители – Седмочислениците, особено нараснуваат култовите кон: зетскиот владетел Св.Јован Владимир, елбанаскиот монах св. Никодим и старохристијанската маченичка св. Марена/Марина (Грозданов, 2016, 229–231).

Освен во стилско-ликовните претстави и црковната литература, обновата на култот на св. Марена оставила свои траги и во подигањето на православни светилишта со нејзинадедикација, меѓу кои, со најголема прослава, се здобива манастирот во близина на влашкото село Л`нга, на планината Мокра, над Подградец, Р Албанија, возобновен 1754 г., главно поради неговата чудотворност, која произлегла од чувањето на делови од нејзините мошти, кои денес се исчезнати, од една страна, и со чудотворната икона на која е претставена светителката и која денес се чува во Музејот во Корча, од друга страна (Луческа, 2017).

Друго силно духовно православно светилиште на св.Марена е манастирот во близина на с.Туминец, за кој, според досегашните сознанија, во научната литература не е посветен ниту еден труд. Податоци поврзани со неговата историја дознаваме од В.К`нчов, кој, при своите патувања од 1888 до 1897 г. во патеписот „Битолско, Преспа и Охридско“, забележал: „…Од Коњско по крајот на брегот се оди за Завер. Планинските височини допираат до самиот брег… На средина на патот на една мала полјанка е изграден манастирот “Св. Марена”. Местноста е горска. Достап до манастирот има од кај водата и по суво од северната страна по стрмните пешачки патеки. Црквичката е стара. Сликите, исто така, се стари. Тие сите имале словенски натписи, но злобната рака на грчкиот Охридски владика Мелетиј се потрудила да ги уништи тие споменици на минатото. Тој владика, за време на борбата по црковното прашање, ја обиколил целата Преспа со еден ѕидар и еден зограф. Зографот ги уништил сите словенски натписи што ги сретнал по патот владиката. На некои места натписите се издлабени со малтер и на нов малтер се напишани грчки зборови. Така е и во Св.Марена. Јасно се гледа над ликовите, каде што е новиот малтер и каде што се новите натписи. Само над вратата на црквата останал половината од уништениот натпис, тој тука е замачкан, но јасно се читаат зборовите „свѧта марена“. Манастирот сега е под управа на грчкиот владика. Од целата Преспа само тука, неколку села, го признаваат уште духовното владение на патријаршијата“ (К`нчов, 2000, 46).

Речиси идентични податоци дознаваме и од рускиот историчар и публицист П. Н. Милјуков, кој, при неговата научна археолошка експедиција низ Македонија, во 1898 г. запишал, како и В. К`нчов, дека во оваа црква имало словенски натписи, уништени од охридскиот митрополит Мелетиј и покрај противењето на верниците од Охридско-преспанската епархија, Цариградската патријаршија го определила за митрополит бившиот архимандрит Мелетиј (1860–1879/1880), еден од најконтроверзните фанариотски владици во периодот на 19 век, за кого австрискиот конзул П.Окули, во известувањето за формирањето на посебната црковна општина во Охрид на 24 септември 1869 г., на истиот ден ќе напише: „… епископ Мелетиј, наречен преспански деспот“, дека над црковната врата се читаат само зборовите „свѧта марена.“ Исто така, запишал дека црквата била обновена во 1888 г. и дека во 1898 г. таму немало монаси (Милюков-Николаевич, 1899, 63; Снегаров, 1955, 434).

Во 1967 г. манастирот е пренаменет во сушилница за тутун и бачило и сосема запустен, слично на останатите верски објекти, како последица на донесувањето на Декретот од Енвер Хоџа со кој албанската држава била прокламирана за атеистичка и сите религии биле забранети во општеството (Тодороска, 2014, 245, ф. 483; Стерјовски, 2006, 74).

По падот на Енвер Хоџа доаѓа до возобновување на верските објекти и на обредните практики поврзани со нив (Тодороска, 2014, 250–251). Истото се случува и со манастирот Св.Марена, каде што, поради непристапниот пат, било доста отежнато носењето на материјалите за негова реконструкција: „Луѓето со магариња носеа песок, сѐ што беше овије шо се мермери, работи се дојсоја сѐ со рамена… Иконостасот не ми го пуштија преку граница (Р. Ѓорѓиоски, заб. на авт.) и пуштив абер по него (се мисли на Васил Митре, заб. на авт.) да дојде и згора преку планина (преку Сува Гора, заб. на авт.) го поминавме није и тука нé чекаше еден трактор и го фрливме и го дојсовме на вака.“7

Една од најголемите заслуги за изградбата на конаците и за реновирањето на црквата има митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, но и големиот број донатори од Македонија: „Со иницијатива него можам да речам сите цркви шо беа изрушени дедото Петар, алал да му е на него, тој киниса да напрајт нешто во Преспа то што беше, почна побрѓе од црквата Глобочени…, ајде сетне почна со Пустец, па беше на друга, ај сега напраја нова во Туминец (Св. Никола, заб. на авт.),
владиката Петар има дадено голем, голем контрибут… “,

Пред самиот влез на манастирот, од десната страна, во 1995 г. е подигната и помала црква посветена на Св.Спиридон Чудотворец, по видение на сон на една 96-годишна жена од Туминец: „Мало црквиче, му се видело в соне, тетка на мајка ми, `95-та рече: Го славите Спировден? – Ами нема црква – Ако, Спировден го слават на Св.Марена! И навистина, сетне, се појаве и напраја цркве мало.“ Со возобновувањето на манастирот во 1993 година повторно се возобновува и манастирската слава, која се празнува секоја година на 30 јули, на денот посветен на старохристијанската маченица Св. Марена/Марина. Сосема скромни податоци за празнувањето оставил Г. Дума кој запишал: „Св. Марена се слави во село Туминец, на манастирот што го носи истото име од светицата Марена. Тука се собираа и се собираат гости од сите села на Мала Преспа. Најголем џумбус тука правеле селаните од селото Горна Горица. Тие како побогати луѓе од останатите селани, низ цела ноќ ќе печеле меса, пееле и играле. Сите имале гајди“ (Дума, 2007, 82)

Манастирската слава се состои од црковни и од народни обичајни практики: колење курбан, подготовка на обредно јадење, литургија и обредна вечера и обреден ручек, проследени со песни и ора. Подготовката за славата започнува претходниот ден со колењето на курбанот – јагне или јаре, кои локално го нарекуваат „мрша“, и тоа речиси во секоја куќа во селото: „Нема човек што нема да закољи за утре, што си било јагне, јаре, нема куќа да остани… така останало традиција, ние така втасавме од ко има бидено, со мрши.“

Утрото, околу 4 (четири) или 5 (пет) часот, на самиот празник, откако месото ќе се испече во фурната, се тргнува за на манастирот. Во минатото печењето било на манастирот, но таа практика денес е изоставена. Народот, во манастирот, се собира уште вечерта, спроти празникот, каде што се служи обредна вечера од: грав, риби, ориз и зелена салата, додека во дворот на манастирот се пеат песни и се играат ора, претежно од младата популација. Репертоарот на песните е различен, се пеат претежно народни македонски песни, но има и по некоја албанска и по некоја српска народна песна. Околу полноќ, дел од посетителите остануваат да преспијат во манастирските конаци, а дел со чамци се враќаат во своите домови.

Утрото, на самиот празник, повторно со чамци, верниците доаѓаат во манастирот каде што во 7 (седум) часот започнува свечената божествена литургија, која се служи на македонски јазик. Верниците палат свеќи за здравје и благодарност, ја целиваат иконата на св. Марена и ја даруваат со пари, а на Светиот престол оставаат крпи, чорапи и кошули, исто така, за здравје. По завршувањето на литургијата се свети вода, свештеникот ги попрскува верниците што го целиваат светиот крст и си земаат од светената вода за дома.

Потоа, пред црквата, има лицитација на даруваните предмети, а парите се наменети за манастирските потреби. Околу пладне повторно има забава од песни и ора, а попладнето верниците си одат во своите домови, каде што се служи обредното јадење – курбанот и рибата (крап, белвица и сл.). Со тоа завршува празнично-обредниот комплекс поврзан со манастирската слава во чест на св. Марена.

Оваа слава е една од најпочитуваните во Преспа и е една од најмасовно посетените од страна на македонското православно население, не само од Мала Преспа и од Македонците, кои живеат ширум денешна Р Албанија, туку и од Р Македонија и македонската дијаспора, чиј број се зголемува од година во година.

Наместо заклучок би ги цитирале зборовите на Васил Митре од с.Туминец, кој ни укажа големо гостопримство при теренските истражувања и ни упати еден апел: „И да му се заблагодариме на љуѓето од Мала Преспа, и посебно на Туминец што денеска Вие пулите што се прает, сите ора, не само љуѓето од Мала Преспа, туку од цела Македонија ги зближи љуѓето… Една гољема мољба имаме, си велам јас, да напрајте еден повик на цела Македонија, нешто некој средства да се напрајт патот, то ќе останит демек векоично нешто, шо ушче појќе ќе не зближит, сега ако имаше денес пат таму не вервам јас да не дојт цел народ и само едно да ти кажам Македонија е голема, ама на Прилеп
да му се заблагодариме многу. Прилеп ет посебно, има најголема чест во Мала Преспа.“

ЕЛИ ЛУЧЕСКА