Хрватскиот европратеник и известувач за Албанија во Европскиот парламент, порача дека ќе се бори македонското малцинство во оваа земја да ги ужива сите права и да биде третирано како грчкото. Според него, не може една земја што сака да влезе во Европската унија да ги третира различно малцинствата.
“Во неколку разговори што досега ги имав со албанските власти, го поставив прашањето за правата на македонското малцинство. Тешко можам да поверувам дека таков проблем воопшто постои, па затоа ќе инсистирам и во иднина да се реши истото. Тоа е нешто што Албанија, ако не го решила, ќе мора да го реши. На пример, јас прочитав и слушнав во разговорите со властите во Албанија дека тие права со грчкото малцинство се средени на задоволувачки начин и се разбира дека истото мора да се направи и со македонското национално малцинство“, рече Никола Вуљаниќ за државната агенција МИА.
Според Вуљаниќ, ЕУ е унија на граѓани, а дури потоа унија на нации, граѓанските права се најважни, на чело со правото за идентификација со сопствената национална заедница и права внатре во таа заедница.
Хрватскиот европратеник, смета дека едно од клучните прашања што секоја земја мора да ги одговори пред да стане кандидат за членство во ЕУ е положбата на националните и другите верски малцинства во својата земја.
Запрашан како ќе се натераат албанските власти да ги доделат сите права на македонското малцинство на својата територија, според хрватскио пратеник во Европарламентот, тоа е можно оти евроинтеграциите имаат огромна поддршка кај Албанија, па властите на чело со Еди Рама без никаков проблем може да се постават спроведувајќи реформи, вклучувајќи ја и реформата со признавање на сите права на малцинствата, брзо и независно бидејќи нема зошто да се двоуми со оглед на тоа што има поддршка од народот.
Најавувајќи дека ЕП ќе донесе Резолуција со препорака Албанија да стане земја-кандидат за членство во Европската унија, Вуљаниќ, сепак прецизира дека Европската комисија, која секогаш е внимателна и мора да биде таква, ќе постави некои услови и нема веднаш да се согласи на промена на статусот на Албанија. (Македониум)