Господине Бумчи, како поранешен министер за надворешни работи на Република Албанија се чини дека не ја научивте лекцијата за европско однесување кога се во прашање примената на меѓународните конвенции. Вашата изјава е опасна и штетна за добрососедството, реагираше денеска генералниот секретар на Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски на изјавата на Алдо Бумчи по посетата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов на албанскиот премиер Еди Рама.
„Доколку се точни наводите во вашата изјава, тогаш бараме од вас, како искусен политичар, да и објасните на албанската јавност, зошто ЕУ инсистира на исполнување на 11-та препорака што е поврзана со доследна примена на меѓународните стандарди за почитување на човековите права и правата на малцинствата. Ве потсетуваме дека ова препорака вам ви беше доставена,во време на вашата Влада. Правата на малцинствата се универзални и не зависат од бројот на населението на малцинствата. Еден од главните услови на предизборниот договор помеѓу партијата Македонска алијанса за европска интеграција и Демократската партија, беше обврската на ДП за подобрување на правата на македонската заедница во Албанија. Еди Рама, како нов премиер има доблест да се фати во костец со решавање на сите вакви и слични проблеми бидејќи има визија за тоа како треба да се развива нашата држава. Премиерот Рама ја има нашата целосна подршка не само за ова, туку и за сите негови напори што ќе ја носат земјата напред во големато европско семејство“, изјави Стерјовски.
Тој додаде дека претставниците на македонската заедница во Албанија го поддржува потпишувањето на меѓусебен договор меѓу Република Албанија и Република Македонија за заемна заштита на македонската заедница во Албанија и на албанската заедница во Македонија.
“Хармонизацијата на стандардите на третманот на македонската заедница во Албанија и албанската заедница во Македонија треба да е придружувач на заеднички иницијативи и соработка на двете земји во секое поле, особено во областа на образование на јазикот на малцинствата, застапеноста во јавниот живот, употребата на јазикот и писмото или и на топонимите, економски развој на областите каде живеат, малцинствата итн. Партијата Македонска алијанса за европска интеграција го повикува Г-дин Еди Рама, албанската влада, Парламентот и други страни креатори и надлежни во областа на малцинствата да направат реалност, политики во корист на малцинствата, што ќе овозможи целосна имплементација на 11-та препорака на Европската унија и ќе гарантира повисоко ниво на третманот на малцинствата во Албанија”.- изјави Васил Стерјовски. (Македониум)