Aлбанскиот премиер Еди Рама на 18-ти септември оствари средба со македонскиот Претседател Ѓорге Иванов и разговарале за соработката меѓу двете земји и заедничкиот пат кон европската иднина.
На средбата станало збор и за спроведувањето на меѓународните договори и соживотот меѓу македонскиот и албанскиот народ во двете земји.
Македонија е значајна за Албанија, не само поради тоа што во неа живеат голем број Албанци, туку поради нејзината улога во вкупниот баланс и безбедност во регионот, изјави албански премиер Еди Рама, по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
Рама од своја страна ја нагласи потребата од јакнење на односите меѓу двете земји, според кого по договорот меѓу Белград и Приштина се отвора ново време на можности за јакнење на соработка во регионот, вклучително и меѓу Албанија и Македонија.
Посебен акцент на средбата бил ставен и на положбата на македонската заедница во Албанија и албанската заедница во Македонија.
На заедничката прес конференција албанскиот премиер Рама изјави:
“Ние бевме и остануваме загрижени за имплементацијата на механизмите договорени со меѓународните партнери за добар соживот на Македонците и Албанците во Македонија. Исто така, и претседателот ја изрази неговата загриженост и побара да се покаже поголемо внимание за македонското малцинство во Албанија. Јас оваа порака ја примив не само како обврска на Владата да се грижи за сите малцинства, туку и поради фактот дека ние не можеме да бараме од другите нешто што самите не можеме да го исполниме за другите – изјавил Рама.
Од друга страна претседателот Иванов, истакна дека: „Разговаравме за прашањата кои нè преокупираат како регион, сето ова во корист на благосостојбата на нашите народи. Со заедничкиот пат кон ЕУ се менува нашата реалност, сите го знаеме минатото на Балканот, но прв пат имаме нешто што нè доведува до иднината”-изјави Претседателот Иванов за медиумите.
Претседателот Иванов исто така, изјави дека: „Европската унија е таа што може најмногу да му помогне на нашиот регион да добие нов амбиент. Европската идеја е таа, што од иднината нас не обединува да работиме во сегашноста, и да ги исполниме европските стандарди, принципи и критериуми. Така ќе се создава потесен простор за оние што не им мислат добро на луѓето на Балканот, се разбира доколку ние сме доследни на европската агенда“,- изјави Иванов.
Рама и Иванов разговараа и за реализација на инфраструктурните проекти кои им ги должат на новите генерации. Претседателот Иванов ја искористи средбата со новиот албански премиер да му ја врачи поканата од премиерот Груевски за посета во Македонија. (Македониум)