34. ГЕНЕРАЛНО СОБРАНИЕ НА СМК ПОВИКА НА СЕМАКЕДОНСКО ПОМИРУВАЊЕ И ОБЕДИНУВАЊЕ

10 август 2024 година, Скопје, Македонија – Во присуство на пратеници и претставници на македонски организации од сите делови на Македонија и од светот, денес во Скопје се одржа 34. Генерално собрание на Светскиот Македонски Конгрес (СМК).

За членови на работното претседателство на 34. Генерално собрание на СМК беа избрани Тодор Петров претседатеал и членови Туркан Љокановци, Борче Стефановски, Билјана Челик и Михаил Огненовски, а за членови на Верификационо-изборната комисија беа избрани Билјана Челик претседател и членови Драган Романски и Лидија Демниева.

Македонската национална химна “Денес над Македонија” ја изведе оперската пеачка Ирена Крстеска од Виена, Австрија.
Поздравни телеграми до 34. Генерално собрание на СМК пристигнаа од Светскиот Македонски Конгрес Канада, Светскиот Македонски Конгрес САД, Светскиот Македонски Конгрес Австралија, Светскиот Македонски Конгрес Азија и Светскиот Македонски Конгрес Африка. Посебна телеграма пристигна од Ацо Крстески, претседател на Светскиот Македонски Конгрес за Европа.

Од поканетите гости претседателот на Македонија, претседателот на Владата на Македонија и министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија или нивни претставници, на 34. Генерално Собрание на СМК присуствуваше само отец Сашко Николовски со благослов на поглаварот на Македонската православна Црква – Охридска Архиепископија и Јустинијана Прва.

Поздравно обраќање пред пратениците на 34. Генерално собрание на СМК имаше претседателот на СМК Тодор Петров.
34. Генерално собрание на СМК донесе одлука за прием на Здружението на бегалците од Егејска Македонија “Беломорци” од Свети Николе и Здружението Хуманитарно Културен ФЕНИКС од Скопје, за полноправни членки на СМК.

34. Генерално собрание на СМК донесе одлука за верификација на мандатот на пратениците во 34. Генерално собрание и усвои Извештај за работа на СМК за периодот 2020-2024 година и Програма за работа на СМК за периодот 2024-2028 година.

34. Генерално собрание на СМК донесе одлука изборот на претседател да се изврши со јавно гласање. Имајќи предвид дека во согласност со членот 57 од Статутот на СМК кандидат за претседател на СМК можат да предложат СМК за Европа, Австралија, САД, Јужна Америка, Канада, Азија и Африка и најмалку десет пратеници во Генералното собрание на СМК, Верификационо-изборната комисија соопшти дека кандидатура за претседател имаат поднесено СМК за САД и 24 пратеници во Генералното собрание на СМК.

34. Генерално собрание на СМК едногласно донесе одлука за избор на Тодор Петров за претседател на СМК за мандатниот период 2024-2028 година. Тодор Петров се заблагодари на довербата и потпиша свечена изјава “Јас, Тодор Петров, изјавувам дека функцијата Претседател на Светскиот Македонски Конгрес ќе ја вршам совесно и одговорно, и дека ќе се придржувам и ќе ги почитувам Статутот на Светскиот Македонски Конгрес, Македонската национална програма, актите на Генералното Собрание и целите и задачите на Светскиот Македонски Конгрес.“

34. Генерално собрание на СМК избра членови на претседателството, надзорниот одбор и постојаната мисија на СМК при Организацијата на Обединетите Нации (ООН) за мандатниот период 2024-2028 година.

34. Генерално собрание на СМК за членови на претседателството на СМК за мандатниот период 2024-2028 година ги избра: Тодор Петров претседател, Георге Атанасоски почесен претседател, Александар Јаневски потпретседател, Златко Ковач потпретседател, Вангел Божиновски потпретседател, Драган Романски потпретседател, Будимир Апостолски потпретседател, проф.д-р Михајло Миноски потпретседател, м-р Васил Стерјовски потпретседател, м-р Веле Алексоски потпретседател, Боне Темелков претседател на СМК-Канада, Роберт Стојановски претседател на СМК-Австралија, Ацо Крстески претседател на СМК-Европа, Спасо Jaeгер претседател на СМК-САД, Ирфан Карим претседател на СМК-Азија, Бошко Добревски претседател на СМК-Јужна Америка, Саша Петков претседател на СМК-Африка, Борче Стефановски генерален секретар, Михаил Огненовски претседател на Светскиот македонски младински конгрес, Иван Петрески член, Емилија Дубарџиева благајник, Билјана Челик член, д-р Игор Јанев член, Ѓерги Тане член, Ефтим Клетников член, Наќе Туфекчиев член, Туркан Љокановци член, архимандрит Никодим Царкњас член, д-р Петар Поповски член, проф.д-р Душко Алексовски член, Исмаил Бојда член, Томче Ширков член и Тони Такашманов член. Во проширениот состав на претседателството членуваат и сите претседатели на СМК за одделните држави.

34. Генерално собрание на СМК за членови на Надзорниот одбор на СМК за мандатниот период 2024-2028 година ги избра: Љупчо Димулков претседател и членови Лидија Демниева и Олга Вељановска.

34. Генерално собрание на СМК за шеф на Постојаната мисија на СМК при ООН го избра проф.д-р Игор Јанев, а за заменик шеф на Постојаната мисија на СМК при ООН Ѓерѓи Тане.

34. Генерално собрание на СМК донесе повеќе резолуции: Резолуција за името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ; Резолуција за Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија; Резолуција за Македонците и пописот во Република Албанија; Резолуција во врска со барањето на Европската Унија за изменување и дополнување на Уставот на државата Македонија; Резолуција за формирање на Македонско-Горанска заедница на Косово; Резолуција за геноцидот врз Македонскиот народ; Резолуција за уставобранителите од 27 април 2017 година; и Резолуција за поддршка на републиканскиот кандидат Доналд Трамп за 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави.

34. Генерално собрание на СМК во Резолуцијата за името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ потврди дека Македонија ја признава како држава на Македонскиот народ во која сите се еднакви пред Уставот и законите независно од етничкото потекло, верското уверување, социјалниот статус, општествената положба и политичката определба. СМК побара итно и безусловно еднострано раскинување на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година и на Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година, и продолжување на членството во ООН под единственото државно и историско име кое се состои само од еден и единствен збор – зборот Македонија! СМК побара итно и безусловно еднострано распуштање на македонско-бугарската и македонко-грчката меѓувладина комисија за ревизија на македонската историја.
34. Генерално собрание на СМК во Резолуцијата за Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија даде силна поддршка на името, статусот, достоинството и јурисдикцијата на Македонската Православна Црква како помесна автокефална црква која е дел од Едната Света Соборна и Апостолска Црква и претставува една и единствена легална и легитимна канонска наследничка на древната и славна автокефална Охридска Архиепископија односно Патријаршија и Јустинијана Прва. СМК македонското црковно прашање го смета за затворено! СМК отфрли евхаристиска заедница и канонско единство на МПЦ-ОА со Православната Црква на Украина под јурисдикција на Грко-Православната Патријаршија на Истанбул. СМК смета дека МПЦ-ОА е еден и единствен сопственик на сите православни епархии, цркви и манастири во државата Македонија и на македонските православни епархии, цркви и манастири надвор од нејзината територија. СМК потврди дека сите православни епархии, цркви и манастири во државата Македонија се под јурисдикција на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. СМК отфрли можност македонска православна црква и манастир во државата Македонија и надвор од неа да стане ставропигијален, односно под јурисдикција на друга помесна православна црква! За СМК е прифатливо: Друго службено име на Македонската Православна Црква е Охридска Архиепископија и Јустинијана Прва. СМК побара поткренување на достоинството на МПЦ од Архиепископија во Патријаршија со поглавар титулиран како Патријарх Македонски и на Јустинијана Прва, Архиепископ Охридски и Митрополит Скопски.

34. Генерално собрание на СМК во Резолуцијата за Македонците и пописот во Република Албанија ги отфрли прелиминарните пописни резултати од пописот одржан во Албанија од 18 септември до 16 ноември 2023 година, поради фалсификат на бројот на етничките Македонци, со грубо мешање на Бугарија во внатрешните работи на Албанија пред и за време на пописот на населението. СМК ја поддржа декларацијата на Македонците и другите национални малцинства во Албанија за неприфаќање на пописот од 2023 година и нивните барања за нов попис на населението во согласност со меѓународните стандарди заради елиминација на двојното попишување на населението и манипулација со бројките на националните малцинства. СМК повика на семакедонско помирување и обединување во Албанија, заради одбрана на македонскиот идентитет против обидите на Бугарија за денационализација и асимилација на етничките Македонците во “Бугари“! СМК повика на воздржување од меѓусебните напади и изјави пред медиумите и во јавноста кои го дефокусираат вниманието од заедничкиот непријател на Македонците во Албанија и светот – Владата во Софија! СМК апелира Македонците членови на други политички партии во Албанија да пристапат во единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција заради нејзина консолидација и победа на наредните локални и парламентарни избори во областите и местата каде живеат! СМК ги поддржа Македонците во Албанија во формирањето на здруженија и нивно обединување во единствена Македонска заедница како сојуз на македонските здруженија заради заштита на интересите и финансирање на нивните активности и проекти од буџетите на општините и државата и од меѓународни фондови. СМК ги понуди своите услуги на добра волја за надминување на сите недоразбирања меѓу Македонците во Албанија.

34. Генерално собрание на СМК во Резолуцијата во врска со барањето на Европската Унија за изменување и дополнување на Уставот на државата Македонија го отфрли впишувањето на “етнички Бугари“ во преамбулата, членот 49 и членот 78 од Уставот на државата Македонија! За СМК “етнички Бугари“ во Македонија, Албанија и Косово нема! СМК за неприфатливо го смета впишувањето на софиски врховисти и колаборационисти во Уставот на државата Македонија! СМК ја признава бугарската нација како политичка нација со своја културна идентификација, во чијашто основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите помеѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации. СМК предложи историско македонско-бугарско помирување и Договор за траен мир и добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост од членот 1 на Повелбата на Организацијата на Обединетите Нации, што значи: взаемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи. СМК побара Софија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур за правата на Македонците во Бугарија, во спротивно го поддржуваме исклучувањето на Бугарија од Советот на Европа поради флагрантно кршење на меѓународното право за човековите права и слободи на Македонците во Бугарија!

34. Генерално собрание на СМК во Резолуцијата за формирање на Македонско-Горанска заедница на Косово, ја поддржа одлуката на Горанското друштво во Македонија за формирање Македонско-Горанска заедница на Косово. СМК апелира Македонската Влада да продолжи со издавањето македонски државјанства за жителите на Гора и Призренска Жупа како Македонци по потекло. СМК покрај Косовската влада, ја повика и Македонската Влада во грижата за положбата, правата и слободите на Македонско-Горанската заедница на Косово, со национална стратегија прифатлива и за владината коалиција и за парламентарната опозиција, и да вложува во развојот на Гора и Призренска Жупа во објекти од образованието, спортот, културата, здравството, животната средина и патната инфраструктура. За таа цел Македонската Влада да именува национален координатор за Македонците во Косово или за соседните земји на Македонија. СМК побара граничниот премин Стрезимир-Рестелица да работи 24 часа во текот на целата година! СМК потврди дека “етнички Бугари“ во Косово нема и најостро ги осуди политиките на Софија за денационализација и асимилација на жителите на Гора и Призренска Жупа во “етнички Бугари” поради злоупотребата со издавањето бугарски пасоши.

34. Генерално собрание на СМК во Резолуцијата за геноцидот врз Македонскиот народ повтори дека во Балканските војни 1912-1913 година извршена е окупација врз Македонија и геноцид врз Македонскиот народ што траат до денес, државите учеснички во овие војни ги смета за окупатори! СМК побара репарации за штетите по животите и имотите на насилно прогонетите Македонци и за експлоатацијата на природните и археолошките богатства на Македонија под окупација од Балканските војни до денес. СМК побара Собранието на Република Македонија, Генералното собрание и земјите членки на Обединетите Нации, Европскиот Парламент, Парламентарното собрание на Советот на Европа и Самитот на ОБСЕ да донесат посебна Резолуција за осуда на окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ од Балканските војни до денес. СМК ќе предложи Резолуција за геноцидот врз Македонскиот народ во Собранието на Македонија. СМК иницира изградба на Музеј на геноцидот врз Македонскиот народ. СМК побара Владата или Министерството за култура да формираат државна комисија за истражување на геноцидот врз Македонскиот народ, а наодите да ги објави во повеќетомно издание на повеќе светски јазици.

34. Генерално собрание на СМК во Резолуцијата за уставобранителите од 27 април 2017 година најостро ги осуди политички монтираните обвиненија за “терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ и драконските казни на неправедно осудените за настаните во Собранието на Македонија од 27 април 2017 година, и побара нивно безусловно ослободување од натамошно извршување на казната и бришење на пресудите! СМК побара Врховниот суд на Македонија со вонреден правен лек да ги поништи пресудите против сите од настаните во Собранието на Македонија на 27 април 2017 година и да го обнови судењето поради дополнителни докази за лажни изјави на сведоци и селективен избор на докази и сведоци против обвинетите. СМК повторно иницира иницијатива до Уставниот суд на Македонија за оценување на уставноста на Законот за амнестија за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година донесен на седница на Собранието одржана на 18 декември 2018 година и негово поништување.

34. Генерално собрание на СМК во Резолуцијата за поддршка на републиканскиот кандидат Доналд Трамп за 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави ја поддрже номинацијата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп за 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави, и ги отфрли сите обиди за негова дискредитација и дисквалификација! СМК апелира американските државјани со македонско потекло на претседателските избори на 5 ноември 2024 година да гласаат за Доналд Трамп за 47-ми претседател на САД СМК побара укинување на визите за македонските државјани за влез во САД и изрази очекување Доналд Трамп како 47-ми американски претседател да ја врати во сила одлуката на САД од 4 ноември 2004 година за признавање на државата Македонија под нејзиното едно и единствено историско и државно име – Македонија, да стави крај на Студената војна, да го потврди Американско-Рускиот детант и да го поттикне мирот и развојот во светот, бидејќи светот не им припаѓа на глобалистите, туку на нациите и патриотите!

34. Генерално собрание на СМК донесе одлука 35. Генерално Собрание на Светскиот Македонски Конгрес ќе се одржи на 9 август 2025 година (сабота) во истата оваа Голема сала на Советот на Град Скопје.

34. Генерално собрание на СМК ги реафирмира поважните македонски национални и државни празници за Македонците во светот: 4 Февруари – Ден на раѓањето на Гоце Делчев, 4 Мај – Ден на убиството на Гоце Делчев, 5 Мај – Ден на Македонската азбука, 9 Мај – Ден на победата над фашизмот, 24 Мај – Ден на Македонската и сесловенска писменост, Ден на Светите Кирил и Методиј и Ден на македонската кирилица и глаголица, 20 мај – Ден на Разловечкото востание, 22 Јули – Ден на раѓањето на Александар Трети Македонски, 2 Август – Ден на државноста на Македонија, 10 Август – Светски ден на Семакедонското помирување и обединување, Ден на геноцидот врз Македонскиот народ, 11 Август – Ден на Сенакедонското знаме, 8 Септември – Ден на независноста на Македонија, 30 Септември – Ден на Македонскиот непокор, 11 Октомври – Ден на востанието на Македонскиот народ, и 8 Декември – Ден на Свети Климент Охридски.

34. Генерално собрание на СМК во Резолуцијата за рудникот Иловица упати безрезервна поддршка на месното население во општина Босилово и општина Струмица во отпорот против можноста за повторно отворање на рудникот Иловица, поради последици по животната средина и масовно и трајно иселување на жителите од блиските села. СМК побара Владата да ја преиспита концесијата на компанијата “Еуромакс“ за рудникот Иловица!

34. Генерално собрание на СМК побара Владата на Македонија и Владата на Србија, како и МПЦ-ОА и СПЦ да договорат враќање на спомен-собра и историската поставка од Првото заседание на АСНОМ во манастирот “Свети отец Прохор Пчињски и да се врати одбележувањето на 2 авгсут со пригодна содржина.
________________________

ПОЗДРАВНО ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СМК ТОДОР ПЕТРОВ НА 34. ГЕНЕРАЛНО СОБРАНИЕ
СЕ’ ЗА МАКЕДОНИЈА И ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ПО РОД И ДРЖАВЈАНСТВО!

Почитуван отец Николовски, почитувани пратеници, почитувани браќа и сестри Македонци, драги гости и пријатели, одржувањето на триесет и четвртото Генерално собрание на Светскиот Македонски Конгрес е добар повод да си припомниме дека, денес е 10 август – Светскиот ден на семакедонското помирување и обединување, затоа што на денешен ден пред 111 години, на 10 август 1913 година со Букурешкиот мировен договор, од земјите учеснички во Балканските војни 1912-1913 година Македонија беше окупирана, а врз Македонскиот народ беше извршен геноцид што трае до денес.

На денешен ден, пред 23 години, на 10 август 2001 година, околу 8 часот наутро, кај месноста Љуботенски Бачила, на 5 километри од селото Љуботен, камион на Македонската Армија полн со муниција, налета на две нагазни противтенковски мини при што загинаа 10 припадници на Вооружените сили на Македонија.

Пред два дена, пред 23 години, на 8 август 2001 години, кај месноста Карпалак се случи најброен масакр во војната 2001 година. Беа убиени десет, а ранети тројца резервисти, припадници на Вооружените сили на Македонија, застрелани од заседа со зољи и минофрлачи од припадници на терористичката формација ОНА…

Утре, на 11 август го одбележуваме Денот на семакедонското знаме. На седница на Собранието на Македонија одржана на 11 август 1992 година, пратениците го донесоа Законот за знамето со шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа на предлог на независниот пратеник Тодор Петров! За жал, вториот одроднички пратенички состав на собраниската седница одржана на 5 октомври 1995 година го смени со актуелното државно знаме…

Почитувани браќа и сестри Македонци, во изминатите триесет години, и покрај се’ и после се’, Светскиот Македонски Конгрес се профилира во неформален светски парламент на Македонците во светот, стана и остана авангарда во македонските работи. Ги негуваме традициите на Македонскиот конгрес формиран на 12 јануари 1899 година во Женева, Швајцарија. Тогаш Македонците од западно европските и источно европските земји одржале Македонски Конгрес, со намера да го прокламираат неотуѓивото, неотстапно и неприкосновено право на самоопределување и самоидентификација на Македонскиот народ на сопствена Македонска држава на Македонскиот полустров, на Балканот, во времето на Отоманската Империја, со намера да формираат и Македонска влада во егзил.

И, не е грев ни срам да повториме, Светскиот Македонски Конгрес беше македонската пролет во предвечерието на дисолуцијата на поранешна СФР Југославија со четирите блокади на македонско-грчката граница одржани на 6 април, 19 мај, 21 јуни и октомври 1990 година. Изнудивме визите за Грција да се вадат на македонско-грчките гранични премини, наместо во амбасадата во Скопје. Светскиот Македонски Конгрес го врати симболот на Империјата Македонија – шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа за државно знаме на Републиката Македонија. Светскиот Македонски Конгрес ја врати античката историја на Македонија. Светскиот Македонски Конгрес беше овластен предлагач и носител на кампањата за референдумот за општините на 7 ноември 2004 година. Претседателот на СМК го спаси референдумското прашање на 8 септември 1991 година за да не останеме во редуцирана федерација. За време на војната 2001 година, Светскиот Македонски Конгрес ја предводеше блокадата на македонската граница кон Косово и Србија, на граничните преминин Блаце и Табановце од 8 август до 6 септември 2001 година, го свртиме вниманието на светската јавност дека, Македонците се жртви во војната а не други. За жал, други ослободуваа “албански земји од славомакедонските окупатори“. Светскиот Македонски Конгрес беше носителот на отпорот против референдумот за промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ одржан на 30 септември 2018 година. Светскиот Македонски Конгрес беше организатор на двата најголеми семакедонски протести одржани на 25 април и 29 мај 2021 година за ослободување на осудените за настаните во Собранието на Македонија на 27 април 2017 година, со марш од Владата до Собранието. Ги обединивме Светската македонска иселеничка средба за првпат одржана во 1971 година и Пограничната средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за првпат одржана во 1980 година во Една и единствена Семакедонска средба во 2014 година…

Иако, за волја на вистината, за цело време бевме дискредитирани, дискриминирани и стигматизирани. На 21 и 22 јули 1993 година Собранието одржаа седница без епилог по “Информација во врска со состојбите со одржувањето на Првото Генерално собрание на Светскиот Македонски Конгрес свикан за 7 и 8 август 1993 година и седницата на Извршниот одбор на Вториот Светски Македонски Конгрес (на покојниот Киро Глигоров), свикана за 20-22 август 1993 година“, со предлог заклучок “Тодор Петров да се затвори, Светскиот Македонски Конгрес да се забрани“. Тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчковски во експозето пред Собранието рече “Светскиот Македонски Конгрес на Тодор Петров претставува меѓународна терористичка организација“, а неговиот колега министерот за одбрана Владо Поповски рече “Македонската национална програма на Светскиот Македонски Конгрес ќе предизвика Трета Балканска Војна, бидејќи историјата на Македонија ја почнува од антиката до денес!“

Претседателот Киро Глигоров 1992 година формира Втор Светски Македонски Конгрес на чело со Џон Битов од Канада и Владо Ралев од Швајцарија. На 8 август 1997 година Владимир Ралев и Тодор Петров потпишаа заедничка Изјава за обединување на Светскиот Македонски Конгрес со седиште во Швајцарија регистриран во 1994 година и на Светскиот Македонски Конгрес со седиште во Македонија регистриран во 1990 година, во еден и единствен Светски Македонски Конгрес.

Изјавата за обединување во еден и единствен Светски Македонски Конгрес беше ратификувана на Петтото Генерално Собрание на Светскиот Македонски Конгрес што се одржа во Гостивар, на 9 август 1997 година и на состанокот на претседателот Калче Магдески, координаторот Владимир Ралев и секретарот Мишко Васовски, на Светскиот Македонски Конгрес регистриран во Женева, одржан во Детроит, САД, на 14 октомври 1997 година.

Се разбира, Вториот Светски Македонски Конгрес беше “заменет“ со организацијата Обединета Македонска Дијаспора формирана во 2004 година во Вашингтон, САД, која беше дел од шарената рефолуција против ВМРО-ДПМНЕ, сега им се партнери. Секому според заслугите.

Почитувани, Светскиот Македонски Конгрес, не е супститут на институциите на власта во државата Македонија, иако не обвинуваа дека градиме паралелна држава, ниту има ексклузивно право во македонските работи или монопол врз македонското прашање. За нас зборуваат делата и конзистентноста од почеток до крај – за Македонија и за Македонците, секогаш, во секое време и пред секого, во сите делови на Македонија, меѓу Македонците во целиот свет.

Градиме силно движење за Македонија и за Македонците, во сите делови на Македонија, дома и во светот, впрочем делата зборуваат и потврдуваат. Секогаш тоа ќе останеме. Но, ни останува обврската за итно и безусловно еднострано раскинување на Договорот Заев-Борисов и на Спогодбата Димитров-Коѕиас и итно и безусловно еднострано распуштање на македонско-бугарската и македонско-грчката меѓувладина комисија за ревизија на македонската историја!

И никогаш да не заборавиме: Со сите разлики помеѓу нас Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички содржател. Со Македонија не’ има, без Македонија сите заедно ќе не снема! Нека секој со кого сака нека работи за Македонија и Македонците, но против нашите негатори, не едни Македонци против други Македонци.

Мораме да се избориме против врховизамот, Македонија не смее да стане бинационална држава, бидејќи тоа е против мултиетничкото општество и унитарноста, за да не цртаат граници Албанија и Бугарија во Македонија, како што своевремено Милошевиќ и Мицотакис цртаа граници помеѓу Грција и Србија некаде велешко.

За крај, како вовед на триесет и четвртото генерално собрание на Светскиот Маекдонски Конгрес, семакедонскиот аманет како метафора: Македонската света земја којашто Вие со македонска крв ја окупиравте, не Ви ја продадовме, ниту Ви ја подаривме. Таа никогаш нема да биде Ваша! Чувајте ја, почитувајте ја, сакајте ја, обработувајте ја, но знајте, дека утре, кога Вашите деца ќе си играат, во секое поточе, во секоја река, под секое дрво, под секој камен, живеат духовите на нашиот древен народ Македонски. И наскоро, многу побргу отколку што Вие можете и да си помислите, духот на семоќниот наш Врховен Бог Македонски – Македон, ќе слета над оваа земја и со својот здив ќе ги откорне плитко закопаните коски на Вашите мртви претци, исфрлајќи ги преку Синото, Белото и Црното Море, во Азија и Африка, онаму од каде што дошле, а нашето семе како Феникс повторно ќе никне на својата света земја Македонија!

За многаја лета Македонија, Божји благослов за Македонците каде и да сме во светот. Честит 10 август – Светскиот ден на семакедонското помирување и обединување, честитки и за 11 август – Денот на семакедонското знаме! Ви благодарам на вниманието.