На неколку километри источно од селото Туминец во Мала Преспа, Република Албанија, на десетина метри од македонската граница, на самиот брег на Преспанско Езеро, на локалитетот Орлов Рид, во вертикалниот карпест дел од брегот се наоѓа пештерска црква „Св. Богородица“ со, особено, интересен живопис. Меѓу жителите на Туминец, местото е познато како „Црквината“, а се работи за пештерска црква на повеќе нивоа, која во некој постар период била населена со монаси. Во вертикалниот брег се издлабени најмалку три простории, една над друга, а до нив се доаѓа по скали, кои на почетокот се бетонски, обновени во поново време, а на вториот и третиот кат се искачува по дрвени скали. Пештерските простории започнуваат со првата, која е на дсетина метри над земното ниво, а завршуваат со третата, која се наоѓа на триесет метри на вертикалниот брег. Сите простории биле затворени со камен ѕид, а до секоја од нив се доаѓа по специјално подготвена патека, ходници и скали. Пред вратите на просториите биле изградени и чардаци од дрвена конструкција, но денес останал само чардакот пред најниската просторија, која е најзачувана и целосно живописана во внатрешниот простор. На оваа просторија, најпрво се соочуваме со исклучително квалитетно изработениот лик на патронот на црквата, св. Богородица со малиот Исус, од типот Умиление, во убаво обликувана ниша над влезната врата. Ретко убавата претстава на св. Богородица со малиот Исус е дополнета со импресивно украсена рамка на нишата. На вертикалниот дел од рамката, во централниот дел, среќаваме ликови на два лава, „чувари“ – по еден од двете страни, а целата рамка е богато украсена со одмерени, добро хармонизирани флорални украси, кои и даваат свечен изглед на целата ниша со патронскиот лик. Зографот употребил живи, впечатливи бои, употребени со чувство за хармонија и нагласено естетско ниво. На долниот дл од нишата, хоризонтално бил испишан текст посветен на ктиторот, јеромонахот и игумен, Пајсиј и на зографот Алексиј, ученик на познатиот зограф, Јован. Еве како се изјаснил Гоце Ангеличин – Жура, историчар на уметност, археолог и истражувач од Охрид, за овој портрет на св. Богородица:
– „Пред главниот влез во една полукружна ниша, орнаментирана флорално и глави на два лава, е насликана една од најубавите иимпресивни претстави на Св. Богородица со малиот Христос од типот Умиление.“1
Отворајќи ја вратата на пештерската просторија, наидуваме на простор од десетина метри квадратни и целосно насликани ѕидови со христијански светци, гоемите празници и убаво естетизирани и стилизирани фризови и други украсени форми.
Гледајќи директно од вратата во просторијата, на ѕидот спротивно на влезот, најпрво во очи паѓа впечатлив и невообичаен лик на светец именуван како Александар (Александрос). За нас нема сомневање дека зографот се обидел да го наслика најголемиот македонски крал и освојувач, Александар III Македонски како светец. На тоа јасно не упатува самата претстава со капа во форма на перјаница, но и со бои и форми, кои упатуваат на претстава на овој крал како египетски фараон, како и свечена кралска облека украсена со бројни кралски симболи. На кралската наметка, од двете страни, високо на градите, односно, на рамениците, среќаваме по еден симбол, кој го претставува сонцето со осум краци, македонска стилизација, а на другите делови од облеката се среќаваат украси со квадратни и кружни форми изработени од бисери, како и бисери во редица по рабовите на облеката, многу украсни срмени ленти, како и разна симболика – двоглав орел, грифон и слична симболика, која упатува на кралско достоинство. Не изостанува ниту главниот симбол на кралската власт, скиптарот. Двете раце на ликот се свиткани во лактовите, споени на средината на градите, а со дланките се потпираат на кралски жезол(скиптар). Од десната страна на ликот, јасно се чита името Александрос.
Целата појава упатува на тоа дека зографот изработил лик на македонскиот крал претставен како светец укажувајќи на извесна намера на фрескоживепосецот да направи лик на светец според ликот на споменатиот крал сакајќи да го овековечи споменот за овој голем македонски крал и освојувач, создател на најголемата империја во историјата.
Имајќи предвид дека живописот во оваа пештерска црква се датира во крајот на 13 или почетокот на 14 век,2 неминовно е да се заклучи дека во тоа време ликот на овој крал бил особено популарен и почитуван во оваа област. Ваквото почитување на овој лик во минатото потсетува на денешното нагласено почитување на симболот на шеснаесеткракото сонце кај жителите, кои се исклучиво Македонци, во овој крај, односно, во Мала Преспа, како и почитта и негувањето на македонската историја и култура изразена преку примената и нагласеното чувство кон нејзиниот главен симбол – сонцето со македонска стилизација. Тоа упатува на сличен однос кон македонската историја и култура, како и кон македонските културни вредности и кај стариот зограф, кој направил црковна уметност со икслучителна уметничка вредност и високи естетски дострели. Според Гоце Ангеличин – Жура од Охрид, зограф бил Алексеј, ученик на силна зографска школа под раководство на познатиот живописец теолог и црковен достоинственик, односно, секретар над Охридската Архиепископија, Јован.3 Тој бил ѓаконот и референдар Јован, организатор на голема и престижна школа за фрескоживопис од втората половина на 13 и првата половина на 14 век, чии дела среќаваме, речиси, на целата етничка територија на Македонија, особено во најпознатите цркви и манастири од крајот на 13 и почетокот на 14 век.4
Ликот на Александар е прв на ѕидот спроти вратата, односно, на западниот ѕид, а десно од него се редат три лика на светци, кои се тешко препознатливи поради оштетување. Препознатлив е третиот лик, кој го претставува св. Никола. Сите четири лика се поставени во стоечка положба, но нивната долна половина е сосема избледена или уништена, освен ликот на св. Никола, кој во долниот дел е подобро сочуван. Веројатно е дека живописецот Алексиј со извесна причина и намера за смислен пристап ги поставил ликовите на споменатите светци десно од ликот на Александар.
Фасцинира комплетното покривање на ѕидовите на пештерската црква со живопис, како и квалитетот на живописот, односно, неговата висока уметничка вредност, како и вештината на споменатиот фрескоживописец Алексиј. Иако се работи за, релативно, мала просторија, во неа среќаваме бројни претстави на голем број светци и библиски претстави на големите празници, разновидни украсни форми од флорално потекло и слични уметнички изрази. Тука се претставите Св. Богородица Небесна во главната ниша од олтарот, високите свештенослужители, св. Василиј, св. Јован, св. Атанасиј, Раѓањето Христово, Крштението Христово, Распетието Христово, Успение на Богородица, Лазаревото Воскресение, Мироносците на Христовиот гроб, Св. Преображение, како и ликовите на св. Христифор, св. Параскева и други ликови и сцени.
Доживувањето при средба со оваа црковна уметност е посебно, фасцинантно, речиси, драматично. Фасцинатната естетика, која ја среќавате во суровата природа, во објекти напуштени од домаќините, речиси, оставени сами на себе и изложени на разни влијанија и оштетување, не може да ве остави рамнодушни, без разлика дали сте или не сте едуцирани во областа на христијанската религија и уметност. Посветеноста и вештината со која живописецот ги насликал споменатите христијански ликови и композиции се гледа на самото место. Тој успеал да наслика ликови со одмерена, но силна изразност на боите, со психолошка продлабоченост на лицата на светците, како и силна драматичност на прикажаните сцени. Една од одликите на уметноста на ликовите на светците на овој црковен уметник е нивната динамичност, сериозност и блажениот израз. Секако, овој исклучителен живопис и споменик на христијанската уметност на 13 и 14 век на македонскиот и балканскиот простор, заслужува многу посериозен научен пристап и анализа на секој дел посебно, односно, на секој лик и композиција.
На следниот кат, односно, следната просторија одејќи по дрвените скали по вертикалата на стрмниот брег, која била монашка просторија, среќаваме само слика на св. Богородица Ширшаја (Небесна) со малиот Исус. Според естетиката, таа се совпаѓа со живописот од првата просторија и може да се забележи дека, по ништо, не заостанува зад него, иако е во голема мерка оштетена. Јасно се забележува дека пред влезот на просторијата имало и дрвен чардак, кој целосно се распаднал. На највисокиот дел, како трет спрат, се наоѓа уште една пештерска просторија, целосно во природна форма, до која се доаѓа низ посебен отвор во карпата по подвижна дрвена скала. Нејзиниот отвор, исто како на претходните две, бил затворен со ѕид од камен и кал, но не можат да се забележат други остатоци од престојот на старите монаси.
На крајот, мораме да додадеме дека овој исклучителен споменик на културата во Мала Преспа, Република Албанија, со својата културна, историска и ахитектонска вредност, претставува споменик од непроценливо значење, односно, споменик од општоцивилзациски и општочовечки каракатер и заслужува вистинско и сестрано внимание. Нема да погрешиме ако кажеме дека тој е неправедно запоставен, без соодветен третман, без соодветен надзор, како и без соодветна научна анализа. Особено, без содветна заштита од натамошно оштетување, разградување и уништување.
1 Гоце Ангеличин – Жура, Пештерната црква „Св. Богородица“, с. Туминец –Р Албанија, 397.
2 Исто.
3 Исто.
4 Елизабета Димитрова, Сашо Коруновски, Софија Грандаковска, Среновековна Македонија – култура и уметност.