Интервју со д-р Васил Јотевски
За историчарот Васил Јотевски, научен соработник во Институтот за национална историја, настаните врзани за двата Илиндена, од 1903 и 1944 година, се исцрпно обработени во македонската историографија. Се знае кој и под какви услови и влијанија го кренал востанието во Крушево и по четириесетина години ги удрил темелите на првата македонска држава. Јотевски, експерт за историјата на Пиринска Македонија, беше еден од историчарите кои токму затоа жестоко реагираа на идејата за заедничкото славење на Илинден на Македонија и Бугарија. Тој тогаш излезе со контрапредлог: за почеток, прво да се празнува 60-годишнината од давањето на културно-просветната автономија на Македонците во Бугарија. Токму сега, во август, е годишнина од одлуките на тогашната Бугарска работничка партија, која во првите години по Втората светска војна им ги дала речиси сите национални права на Македонците од пиринскиот дел на Македонија. Колку за потсетување, на пописот на населението во 1946 година во Горноџумајскиот крај, денешен Благоевград, од околу 252 илјади лица, како Македонци се изјасниле околу 160 илјади. Во тој период, Македонците учеа на мајчин јазик во училиштата, имаа културна автономија.
– Јас би бил најсреќен ако сега новата македонска влада иницира такво нешто. Тоа и го очекуваат Македонците кои таму се борат за своите права. Знаете, минатото во никој случај не можеме да го измениме. Можеме само да го збогатиме со новооткриена документација и со анализа на новите сознанија. Како би можело сега, на пример, некој да каже дека немало антифашистичка борба, дека немало партизански одреди, дека немало бугарски одред војници кој се формирал на територијата на Гевгелија, во Коњско, за да се борат против фашистичка власт во своја земја. Тие факти не можат да се сменат, туку треба да се признаат.
Од тој аспект, ве загрижуваат ли сега изјавите на бугарскиот министер за надворешни работи дека „Бугарија нема да ја поддржи евроинтеграцијата на Македонија ако таа не престане да и се меша во историјата“, но и изјавите на бугарскиот претседател Георги Прванов?
– Таа изјава ја доживеав во контекст на идејата за заедничкото славење на Илинден. Бидејќи таа идеја не помина, сега одат на оваа варијанта. Нашата, македонската историографија никогаш не посегнала по бугарската историја, по бугарските херои или по некои значајни настани од нивната историја. Некогаш дури ми е жал што нашата историографија често се држи само во етничките граници на Македонија. Бугарските политичари и историчари нека не се плашат дека ние нешто ќе присвоиме. Македонскиот народ досега не испеал ниту една песна за некој бугарски крај, за Васил Левски или за Христо Ботев, за Плевен, за Бугарија. Се прашуваат ли тие некогаш зошто не испеале некоја песна за Гоце Делчев или за некој друг македонски деец. И, сега, чиј е Гоце Делчев, наш или нивен? Или, да земеме друг пример: во Енциклопедијата на Бугарската академија на науките од 1978 се наведени типови на населението кои ја населуваат Бугарија. Покрај другите, се наведува дека постои и монголоиден тип кој се простира во сите краишта на Бугарија со исклучок на Пиринскиот крај додека други типови има. Да стануваше збор дека сме ист народ, сигурно ќе имаше макар и еден процент од тој тип во овој крај.
Од бугарската страна, но и од страна на некои наши политичари, од Љубчо Георгиевски, се потенцира дека Илинденското било заедничко востание на бугарскиот и на македонскиот народ?
– Таа теза и изјавите дека Илинденското востание било заедничко треба категорично да се отфрлат. Тезата дека востанието, всушност, треба да се нарекува како Илинденско-преображенско востание намерно се уфрла за да се наметне впечаток дека станува збор за еден народ и дека затоа имаме заеднички корени и историја. Илинденското востание е дело на македонскиот народ. Во периодот кога се подготвуваше востанието никаде не се спомнува дека тоа ќе се крева и на територијата надвор од етничките граници на македонскиот народ. Никаде не се спомнува планот за кревање на востанието на 18 август, на верскиот празник Преображение. Тој термин нема да го сретнете во ниту еден документ на востаниците, ниту, пак, такво нешто било спомнувано на Смилевскиот конгрес кога се носеше клучната одлука за востанието. Преображенското востание се крева во Одринско, кое е се’ уште под турската власт, но тоа нема врска со Македонија.
Сепак, бугарската историографија и политика упорно ја гради тезата за „заедничката историја“?
– Познато е дека во подолг временски период двата народа беа во рамките на османлиската држава без своја држава. Во таква ситуација и двата народа имаа заеднички интерес да се борат, против османлиското владеење и духовното владеење на Грците и во тоа соработуваа се’ до моментот на формирањето на Бугарската егзархија. Таа црква се наложи и над македонскиот народ и по појавата на Егзархијата кај Македонците се јави отпор како што се јави во случај кон Грците. Нашите револуционери од тој период зборуваа: „ние не се боревме за тоа грчкото влијание сега да го замениме со бугарско“, туку за сопствена држава и тука е судирот. Македонскиот народ ја водеше своја самостојна борба за национално ослободување и конституирањето самостојна држава. Земете го само, на пример, организирањето на македонската емиграција во Бугарија. Зарем некој би бил емигрант во истата држава и меѓу својот народ.
Во еден период се велеше дека проблемите меѓу Македонија и Бугарија се „проблеми меѓу историчарите“.
-Навистина, постои голема историска и друга литература во која ќе најдете работи што се граничат со апсурд. Во една книга насловена „Библија и човештвото“ се обработува историјата на Бугарите долга цели 35 000 години. Се наведува дека Бугарите биле создавачи на 22 империи и 55 држави во светот…
Постои друго издание, „Атласот на Бугарите“ од 2001 година, луксузно и репрезентативно издание потпишано од угледни професорски имиња во кое се зборува за големината на бугарското племе. Таму може да се прочита дека нивната прва држава од 681 година е создадена од седум словенски племиња што имаат бугарско потекло. Надополнето ова со тезите што ги пласира осведочен македономрзец Божидар Димитров, директор на Националниот музеј во Софија и некои други.
Како сега да водите дијалог со такви историчари, како да ги спротивставите објективните научни сознанија од историската наука? Затоа кај мене нема дилема: тие се тоа што се, ние сме тоа што сме. Македонците се’ што имале како своја трага оставиле низ историјата и тоа се наоѓа и ден-денес. Тоа допрва се открива од современата цивилизација. Прашање е само кога со тоа ќе можат да се помират бугарските историчари и политичари. Со историчари што објавуваат вакви книги не може да водите здрава полемика.
Во историјатот на односите на Бугарија кон Македонија постои еден период кога тие ја признаваат македонската самобитност. На што се должи тоа, дали само на позитивниот однос на тогаш владејачките комунистички партии?
– Мислам дека не е само тоа во прашање иако има и тоа големо влијание. Македонците беа дел од антифашистичкото движење и околностите сакаа тогаш да ги извојуваат националните права. Таа ситуација во Пиринска Македонија најдобро е искажана на регионална конференција на Окружната конференција на Бугарската работничка партија за Пиринска Македонија. Во една предлог-декларација се вели: Горноџумајската област, односно пиринскиот дел на Македонија, стопански и етнографски е неделив дел од Македонија. Секретарот на Бугарската работничка партија Трајчо Костов сакаше да го интернационализира македонското прашање на ниво на Информбирото. На друго место за Македонија не се расправаше. Во тој период се водени и разговорите за формирање балканска федерација во која покрај шесте југословенски републики требаше да влезе и Бугарија. Спорот беше само во тоа дали Бугарија да влезе како седма република или како посебна држава. За да се обедини пиринскиот дел од Македонија мораше да се отстапи еден дел од Србија, нејзиниот источен, пиротски крај, каде што главно живеат Бугари. Значи, Србија требаше да се откаже од нејзините источни територии за пиринскиот дел да се припои кон Македонија. Бугарија тоа ќе го прифатеше, но Србија не. Мое убедување е дека тоа е една од причините поради која подоцна се искомплицираа работите.
Ве загрижува ли тоа што се’ повеќе Македонци земаат бугарски државјанства?
– Да, секако, и од секаков аспект. Јас бев жесток противник и на тоа Македонците од Егејска Македонија во своите пасоши да ги избришат местата на раѓање и само да им стои Република Грција. Корисно е тие да отидат таму, да се зборува македонски, но сепак… Грците, сепак, можат да манипулираат со тие работи пред европските институции. Така и Бугарија сега може да манипулира со тие издадени државјанства во Македонија. Убеден сум дека 90 отсто од тие бугарски пасоши се земени од економски причини. Но, длабоко ме загрижува што еден поранешен премиер го направи тоа. Тоа не е заради економски причини. Не наоѓам оправдување ниту за обичните граѓани, а камоли за него.
Мислите ли дека Македонците во Бугарија можат да го исполнат условот за пет илјади собрани потписи за регистрација на партијата?
– Не би сакал да шпекулирам со бројките. Попишувачите на последниот попис на населението ги внесуваа податоците во анкетните ливчиња онака како што им одговараше. Познато е дека имаше многу случаи во кои луѓето се изјаснуваа дека се Македонци, а тие внесуваа дека се Бугари. Уверен сум дека тие пет илјади пристапници ќе бидат собрани.
Меѓу Македонците во Бугарија постои голем револт по откривањето дека Љубчо Георгиевски земал бугарско државјанство. Иницијаторите за собирање пет илјади потписи за регистрација на партијата ОМО „Илинден“ – ПИРИН неодамна ми рекоа дека нему ќе му понудат да го даде 5001 потпис за пристапница за партијата. Таа пристапница ја чуваат за него, вели Јотевски.
Интервју на д-р Васил Јотевски од 2006 година.