Никола Беровски (1923. Битола – Тирана, 1993) — македонски просветител и преведувач, кој целиот работен век го минал меѓу Македонците во Албанија.
Никола Беровски во Спомените, во 1991 година, пишува:
„Во учебната 1948 година учителите од Македонија, по резолуцијата на Инфомбирото, заминаа засекогаш од Албанија оставајќи драгоцени спомени во изминатите четири учебни години меѓу македонското малцинство од Мала Преспа и Голо Брдо.
Во 1945 година Македонците во Албанија почнаа да учат на својот мајчин македонски јазик. Училиштата, со настава на македонски јазик продолжија со работа и во учебната 1948/49 година, но само во Мала Преспа.
Сите учебници на македонски јазик пристигнати од Македонија беа до еден поништени, а за други немаше ни збор. Учителите требаше да обезбедат учебници и други наставни средства за учениците за да биде совладано основното знаење предвидено од наставната програма за изучување на македонскиот јазик.
Основа за наставата од I до IV одделение беше земена од содржината на учебниците за основците на албански јазик. Преведувавме наставен материјал од албански на македонски јазик, а пишувавме со машина со букви на албански која ни беше на располагање дадена од просветните органи на градот Корча, Така во сите одделенија на основното училиште се преведуваше на македонски јазик секој урок со кратка најпотребна содржина, напишана со латински букви, во осум копии, по една за секој учител.
Уроците се предаваа од учителот усно, а главните потребни заклучоци се пишуваа на училишната табла или се диктираа на учениците за време на часот, но и попладне.
Букварот и сметанката, за прво одделение учениците ја добиваваа на мали ливчиња приготвени од учителот за секој ученик. Напатствијата што им се даваа на учителите им се даваа секоја сабота по работното време.
Еднаш во месецот сите учители се береа во Пустец и дискутираа за нивната работа, тешкотиите во наставата и добиваа напатствија за понатамошната работа. Така се работеше пет години (1948-1952), кога почнаа да излегуваат и првите учебници на македонски јазик за македонските училишта во Албанија.“
Првиот буквар со читанка за прво одделение на македонски јазик во Албанија е отпечатен во 1952 година.
Стево Симски