ПУСТИ МАКЕДОНЕЦ

Можев да речам и “Пусто македонче”, како што го имаме навика ние Македонците само да се жалиме. да цимулкаме, да се омаловажуваме од памтивека но јас немам намера да се жалам, туку да се согласам со оваа горчлива вистина дека, токму со нас Македонците, си подигрува не само судбината но и сите оние кои не знаат дека сме такви ние Македонците, дека сме неранимајковци и дека му дозволуваме на секого кој не е Македонец да ни го крое нашиот ќурк. Нејсе, секако и да е тоа е факт што ни е носи најголемата штета и никако да му викнеме на разумот за да се промениме.

Сега да се вратам на мојата тема. Не се сеќавам точно на кој кат работевме, малтерисувавме на една пуста висока зграда во еден кварт на јужна Атина. Можеби бевме на петтиот или на деветтиот кат кога јас одев по талпите, со полни кофи со малтер и сонував Сонував дека уште за недела дена ќе дојдеше Великден, Големден, најголемиот и најочекуваниот наш празник за кој се подготвуваме цела година дена. Сонував дека уште за два дена ќе се ослободев ол тежината на малтерот кој, богами, иако дваесет и петгодишен, сепак ги чувствував болките на рацете и на рамената по цела ноќ и не можев да заспијам. Сонував дека ќе одам дома, таму, во моето родно село, во Мала Преспа, од каде бев заминат уште пред четири години. Сонував дека ќе тргнам од вечерта од Атина со автобусите за Корча, дека ќе застанам на раскрсница кај Сонблак, дека таму ќе фатам такси за дома, за Преспа, доколку не излезе татко ми или некој друг од роднините да ме чека таму. Сонував дека ќе ме пречека мајка ми, иако, можеби ќе биде уште ноќ кога ке стигнам, а таа, кутрата, мајка ми цела ноќ не ќе спие Ќе ме чека. Сонував дека таа ќе ми отвори ширум партите, како во песната на прочуениот Војо Стојановски, дека ќе ме прегрни, ќе ме бакнува течејќи и солзи по сега веќе избразденото лице повеќе од мераците од колку од годините. Сонував дека, иако преуморен од долгиот пат и од секојдневната тешка работа, сепак не ќе легнев да се одморам но, ќе каснев нешто на брзина, се знае дека некое парче месо од јагне или од јаре кои татко ми ги растел за Великден и ќе излезев средсело. Ќе се сретнев со другарите, сo врсниците, со оние кои се насобрале од сите страни на светот како мене, и дошле да го слават Великден во родното место. Ќе се сретнев со сите мои соселани, со другарките, со селските убавици помеѓу кои, се знае дека ќе биде и таа, најубавата, светицата моја црвена како тутенка од срам и од младешката жар која и ја гори душата и снагата исто како и мене. Ах, таа, мојата Марија! Токму таа ми ја трга преумореноста на тешката работа, кога ќе бидам легнат, кога ќе сакам да ми дојде сонот, да заспијам, да се одморам и токму тогаш, таа, речиси секоја вечер, ќе се јави, ќе се насмее, ќе ми побара прошка што не ме остава да заспијам и ќе продолжи да зборува, да зборува без прекин онака како што имаат навика и знаат само женските, за првиот бакнеж, за последната наша средба кај црничката, покрај езерото, токму тогаш, пред четири години кога јас тргнав за на печалба. Ах, пуста наша печалба! …

Потоа, со ишарет, со намигнување на очите, ќе се отстраневме од групата и ќе тргневме за таму, покрај езерото, под црничката…!

Таму, ех таму како е!…

Јас ќе проверам наоколу да не има некој а таа, таа знам дека не сака да знае за тоа. Јас и таа, две заљубени, изгорени души, две разделени срца за толку четири години, разголени, ќе се претопиме еден во друг и преуморни, далдисани од долгата љубов можеби и ќе заспиеме еден покрај друг, така, голи. Колку убав е животот кога е исполнет со љубов! Пусти живот не изживеан од нас Македонците! Пуста љубов недољубена токму од нас Македонците!…

И така, сонувајќи, со кофите полни со малтер. ја изгубив рамнотежата, згазнав на крајот на талпата и таа се преврте. Потоа, како во филмовите, несвесно, ги пуштив кофите со малтер, паднав надолу и, за среќа, стигнав се фатив на подолната паралелна цевка. Сите околу мене се стаписаа и викаа исплашени секој по свое. Потоа, некој, набрзо, се пушти, ме фати и ме тргна кон талпата на скелето.

Куртулив. Можеби самиот Бог, Исус Христос ме спаси. Сигурно тој беше… Токму тогаш, ми заѕвони телефонот, ме бараше татко ми. Ми рече: Сине види. тешко ми е ама нема што да прајме… Поарно е да не дојдиш уште во овој пат за Великден, поштом се вели дека Грците не ќе ве оставаат да се вратите назад. Јас се вкочанив, се изгубив и, како во магла, го слушав татко ми кој ми објаснуваше. На многумина од нашите кои одат кај конзулот во Корча за визи или за еден печат на документите, уште надвор, некој од албанските полицајци ќе му наредел, Еј, слушајте, ако има во редицата некој од Шулината од Преспа, нека излези од редот поштом конзулот не сака да слушне за нив а камоли да му услужи… Така што, мили сине…

Јас како во сон, му одговорив. Добро, татко, добро! Поздрави дома и… Го исклучив телефонот, се навалив на цевката замислено. Една убава девојка, вистинска гркоманка – како што се вели кај нас, на која името не и го знаев а и не сакав да и го знам, врвеше по патот и како секогаш, ме задеваше со свирежи, со љубовни зборови. Се свртив да ја погледнам. Не знам зошто, токму тогаш на неа помислив како на мој човек и сакав да дознам која е. Ми се стемни пред очите. За миг повторно ја изгубив рамнотежата и повторно можеше да се ничкосам надолу. Стигнав се собрав себеси. Гркоманката која сигурно ме виде дека ќе паднев, замина со ќикотејне и со мавтање на раката со мислата дека поради неа се изгубив. Богами и беше во право. Некој од другарите ми препорача да слезам и да се одморам.

Тој ден го стемнав како пијан, како да пливам во магла. На вечерта си легнав без вечера: Не ми се јадеше. Уште незаспан, ми се јави таа, мојата, убавицата Марија. Почна да прашува и да прашува без прекин, со радост, со љубовни зборови, шепотејќи со низок глас, колку јас да слушам. Кажуваше што ќе правиме кога јас ќе одев дома. Како ќе одиме во црквата на Великден, како ќе ги палиме украсените великденски свеќи, како ќе ги печкаме великденските црвени јајца, како ќе одиме кај езерото, на зелената трева, под црничката, како…

Слушав и слушав а не можев да прозборам. Што да и речев? Да и кажев дека не можев да дојдам поради пуста виза, поради грчкиот конзул? Да и го скршен срцето, да и ја пресечев радоста, да и ги убиев соништата?!… И ништо не реков. Само и реков да ги поздрави моите и да разговара со нив.

Пусти јас што се родив Македонец!


Спасе МАЗЕНКОВСКИ