ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНСКОТО УЧИЛИШТЕ ВО ВРНИЦА, ГОЛО БРДО


Од: ПАВЛИ БОГДАН НИКОЛА

 

Некои автори на книги во Албанија кој пишуваат за областа Голо Брдо, меѓу другото имаат напишано за образованието во областа и во село Врница. Но ниту еден од нив нема точно напишано за македонското училиште во с.Врница.

Некој пишува дека, се вели дека во Врница имаше училиште на македонски јазик но треба да се провери, друг пак пишува дека имало но самите ученици и жители го напуштиле итн. Јас не ги знам причините на овие натписи ниту сакам да полемизирам со авторите. Но како син од ова село сакам да ја прикажам реалноста таква како што беше.

За волја на вистината, треба да се кажи дека во Врница, Голо Брдо два пати е отворено училиште на македонски јазик. Првото училиште е отворено во годините на Првата светска војна. Учител во ова училиште беше Софрени од Галичник кој беше со една рака. Силјан Марку беше ученик во ова училиште и ми има кажувано за учителот Софрени. Други ученици во ова училиште беа и Постол Друшку, Пандил Бога, Борис Никола, Данаил Мазнику и др.

Учењето се одвиваше во црквата која и го финасираше ова училиште. Ова училиште се затовори кон крајот на Првата светска војна.

После затворањето на ова училиште во Врница немаше училиште се до 1935 година кога се отвори училиште на албански јазик.

Кога јас почнав да одам на училиште во учебната 1943-1944 година учителка беше Паулина Прендуши од Скадар. Јас со моите врсници Славко Нина, Петко Мазнику и Теофил Никола како и другите деца не знаевме ниту еден збор на албански јазик и на учителката му беше многу тешко да не разбери и да комуницира со нас. Со цел да не принудеше што побрзо да научиме албански јазик, таа одбра еден оригинален начин, но за нас доста непријатен. Имено на една даска нацрта едно магаре и под него напиша “јас сум магаре”. Кога ќе не слушнеше да збориме на македонски јазик, го ставаше “магарето” на нашиот грб и ние плачевме од срам затоa што со нас се подбиваа возрасните.

После ослободувањето на земјата имајќи го фактот дека во Врница еднаш имаше училиште на македонски јазик и имаше доволен број на деца а и односите со СФР Југославија беа добри,  повторно се побара да се отвори училиште на македонски јазик.

Ова барање на Врницарите се прифати и во учебната 1945-46 година се отвори училиште на македонски јазик, чиј ученик бев и јас. Учителите кој дојдоа беа од селата од Македонија од Дренок и Модрич. Првиот учител се викаше Милан Марковски и после него Живко Марковски и двајцата од Модрич и третиот Евгени Колиќев од Дренок. Во ова училиште учеа Тофил Никола, Петко Мазнику, мојата сакана сестра Софиа Мазнику, Недан Мазнику (Никола), Неда Марку, Доника Марку, Ќиро Никола, Милан Марку, Кочо Бога, Славко Нина, Славко Мазнику, Кочо Мазнику, Олга Марку, Лигор Мазнику, Душан Марку и др.

Треба да се каже дека во ова школо учеа сите деца од селото што ги исполнуваа годините и никој не го напушти школото. Два дена во неделата учевме и албански јазик.  Од македонските учители најмногу впечаток ми остави Евгени Колиќев од Дренок кој најмногу бараше и беше комуникативен. Тој знаеше подобро да влези во светот на децата, организираше прошетки и разни игри. Тој имаше и виолина со која не учеше разни песни и стихотворби за деца. Такви беа и песните што ми текнуваат.

Ја посадив лубеница, покрај вода студеница

Се научи тетка Дола ми украде троја кола

Ја повардив тетка Дола ја однесов право дома

И рефренот Сено слама, зоб, зоб, зоб и др

Или стихотворбата за 1 мај

Како весел сончев изгрев

Како талаз низ мориња

Лета првомајска песна низ нашата татковина

Пеат градови пеат села и ратајот тивко пее

Да живее први мај

И така и песната за ветрот

Надвор силен ветер вее

А наш Диме сал се смее

Вете ветре што си луд

Не ме плашиш ти со студ

Надвор силен ветер коси

Диме топло палто носи

Вете ветре што си луд

Не ме плашиш ти со студ

За сето ова денеска после 60 години се сеќавам со задоволство, така се сеќавам и со респект за учителот Евгени.

Ова училиште на македонски јазик се затвори со влошувањето на односите на НР Албанија со СФР Југославија после Резолуцијата на Имформбирото и со затворањето на границата 1948 година. Дури и креветот на учителот остана во школото, затоа што со затворањето на границата, никој не смееше да помини.

После 1948 образованието се одвиваше само на албански јазик. (Македониум)