Беседа на Славе Македонски пред Управниот одбор на Сојузот на бугарските писатели одржана на 9 ноември 1995 година, при неговото исклучување од Сојузот затоа што е Македонец и ги брани Македонците во Бугарија.
Почитувани колеги од Управниот одбор на Сојузот на писателите во Бугарија, како што е редно да се каже. Овој театар на кој сум повикан како обвинет го токмите веќе две години. Бев анатемисан на конгресот, а на овогодишното отчетно собрание заради мене во Уставот го придодадовте дополнителното членче 8. И еве, го повикувате на суд опасниот урнувач на бугарската држава. Надвор од редовите на бугарските писатели, предавникот на бугарската нација Славе Македонски. Кога би можело и на бесилка!
Меѓутоа, од пристојност ме повикувате да сум се бранел, да го одбранам своето право на членство во писателското здружение, кое се’ уште ја користи почитта на жителите на Република Бугарија. Под жители се сметаат и Бугари, и Турци, и Цигани, Ерменци, Руси, Власи, Каракачани и Помаци, а, исто така и Татари од кои потекнува и секој што овде присуствува, кој се дуе со бугарското насилство врз нас, небугарите, а само жители родени во оваа земја, – т.е. државјани на повеќенационалната држава Бугарија. Ни го наметнувате вашето татарство со најбрутални методи.
Гледајќи ви ги лицата и очите, повеќето сте од семката на Тракијците и Македонците. Но, тоа си е право на секој да се чувствува таков, како што се наречувале и неговите подалечни претци. Молам бидете си Бугари, благословени да сте, меѓутоа, како национал-патриотари, т.е. шовинисти, здодевни сте ни на Турците, Евреите, Циганите, Ерменците, Власите и најмногу на нас Македонците кои, поради неправедниот однос на големите сили во 1913 година, и главно по вина на кнежевството Бугарија, сме во вашата држава. Но, тоа не значи дека сме должни покорно да се согласуваме со вашите груби методи од вашата држава да бидеме произведувани како Бугари и (за помеко) бугарски Македонци. Нашата човечка суштина побудува кај нас реакции, несогласување со геноцидот врз нашата етничка припадност.
И еве, поради тоа што како писател и внук на комити ги заштитувам трите милиони Македонци во Бугарија-ги будам заспаните, ги охрабрувам уплашените од старите и денешните тероризирања, сте решиле да ме исфрлите од редовите на писателите во Бугарија. Тажно, дами и господо! А парадирате дека сте европејци, демократи. Криво ви е што неодамна на еден многу значаен меѓународен форум Бугарија е пикната во друштво со Папуанците. Ами тоа што ме исфрлате од вашето друштво, срамот пред светот не ќе биде за мене. Туку за вас!
Ајде да позборуваме како писатели, умни луѓе. Ако вие кои се чувствувате како Бугари сте чесни, а и политички мудри, за да живееме во разбирање како повеќето етноси во светот еднаш годишно на нас, Македонците, би требало да ни правите поклонение.
Доколку Кирил и Методиј не ви ја подареа азбуката, а македонскиот народ јазикот, тогаш денес вашата уметничка литература (ако воопшто и дојдевте до неа без нашата помош) ќе звучеше еве вака: ОНДУР МОНДУР КААЛАМАНДУР – хунско-театарско ломотење. Солунските браќа, мудриот Климент Охридски, неговите ученици браќата Миладиновци, запишувачот на македонската Веда Словена, Банскалијата, којшто ја создаде првата бугарска граматика, да ги додадам и 130-те книжевници од Македонија, кои многу вложија врз основа на македонските говори да создадат нов и моќен бугарски книжевен јазик, сите овие мажи ми даваат право да бидам во творечкиот писателски сојуз на живи и неживи писатели од нашата многунационална држава. Тие, посочените славни Македонци, ме ставија во писателската фаланга, сега раководена од вас на настрвените да го исклучите сиромашкиот Славе.
Со кој памет, прашувам? Од списоците можете, меѓутоа, што ќе биде со неговите книги. Ќе ги исфрлите ли од петте илјади библиотеки, па и од домовите на луѓето? Та бај Славе е автор на зборниците македонски раскази со висока уметничка вредност: „Штуро племе“ и „Чевли за Господ“, кои беа кастрени при нивното објавување поради силно изразеното македонство, но пак си останаа да ги слават Македонците.
Шест бугарски професионални театри и дваесетина аматерски, како и сцените во Јапонија и во Америка, прикажале над илјада и двеста претстави според мојата книга – „Штуро племе“ – молам, еве го Министерството за култура, па коригирајте. Само оваа книга е доволна да бидам почитуван од свесниот читателски народ во Бугарија уште сто години. За разлика од краткорасказните и репортажни книшки кои се третирани како повести и романи од вештачки напумпани белетристи, како и песнарките на некои што се и овде присутни како мои егзекутори-судии.
Па, штом десетина години сум во вашиот кучкарник, во оваа коњушница од безочни ждрепци коишто се клоцаат со кобили и коњи, белким сум имал некаква полза? Сите вие и претходните водачи на Сојузот, како и нивни блиски, шетавте по светот на товар на нашиот творечки фонд, некои од пренапорни патувања му ја предадоа на Господ душата далеку од нивниот дом, па за враќањето на нивните тела отидоа уште народни пари, меѓутоа, сиромавиот Славе барем еднаш до Одеса да го испративте. Или од кумов срам да му испратевте преклани барем една телеграма за долговечност во годината кога наполни 60 години.
Далеку сум од помислата дека барем од интерес за продажба (и некаква заработувачка, се разбира) издавачката куќа на Сојузот можеше да ги преиздаде неговите македонски раскази, а камоли и тој да добие некаква наградичка од Сојузот. Во текот на сиве овие единаесет години не сум бил почестен ниту со едно регионално одличје за своето професионално творештво.
Барем еднаш во текот на овие шест сиромашни години по 1989-та да сте ме потпомогнале со некоја илјадарка? Кога преклани неранимајковци од ванчовистичката ВМРО-СМД ми ги искршија забите и отидов кај доктор Стамболов да ми направи бесплатно вештачки, нему, на забарот на Сојузот, на мајтап, или сериозно, почитуваниот претседател Хајтов му рекол: „Заби, на тој бугарски предавник, да ни се заби со заби правени со наши пари, не!“ Дали во текот на сите овие десетина години сте ме виделе да се одморам по горештините покрај морето во нашите писателски одморалишта? Јас дури не знам ни како се стасува до таму. И пред 1989-та, и потоа, кога во Бугарија божем имаме демократија, многу тешко успевав да соберам пари за да ја платам и семејната такса. Тоа не се многу пари, но бај Славе никогаш и нив ги немал. Како непопустлив Македонец не му беше давана работа. Дури и кога веќе беше член на СБП. Па, кога денес ме исфрлате од вашата коњушница, за што би можел да жалам?
Можеби е случајност, но моето исклучување го поведувате кога поради мојата отворено јавно истакнувана македонска религија, под свирката на главниот државен обвинител Иван Татарчев, против бај Славе е срочено кривично дело, да не ве повикам да ме спасувате. Ајде, олан, не сум дури толку наивен. Познати ми се марифетите на бугарските национал-шовинисти. Колку еден грош вреди животот на Македонецот, тоа е докажано.
Други господа, ваши претходници, ни со прст не мрднаа испраќајќи ги на стрелање Никола Вапцаров и Антон Попов. Или, пак во времето на фашизмот корпусите на бугарската војска не испокоси ли еден ал егејски и вардарски Македонци? А што да се каже за крвавиот терор на Ванчо Михајлов во Пиринска Македонија, кој безмилосно ги истребуваше Македонците? Но, сега, овде зборуваме за поети и писатели Македонци кои настрадале од бугарското шовинистичко насилство. Речиси во сиромаштија си замина големиот поет Атанас Далчев. Со воздишка ми велеше дека нема да ми биде лесно да живеам со бугарските фелдфебели, доколку не играм според нивната свирка. Можеби овде некој ќе ми скокне, меѓутоа, пред својата смрт големиот белетрист (понадарен од Вазов) Димитар Талев, жалеше што луѓето во Охридско ги именувал како Бугари, додека тие на светот му се познати само како Македонци. И на друг еден писател од македонско потекло Д. Димов, бугарските шовинисти му ги скусија дните. Впрочем, вие од мене подобро ги знаете подробностите за овој случај.
Та, зборот ми беше, кога ме подбраа да ме судат татарчевци, со оглед на тоа што сум во вашите редови, можеше да се случи да побарам од вас заштита. Затоа брзате да се ослободите од мене, поткопувачот на темелите на државата и предавник на бугарската нација. Видете, ние Македонците сме најдобрите пријатели на чесните и добри Бугари. Слава богу, што тие се многу по оваа земја, а шовинистите малку.
Што се однесува, пак, до тоа што ме третирате како предавник на бугарската нација, вие сте во грешка. Доколку се однесувам предавнички спрема Македонија – да, но јас со перо, ум и срце работам за делото на Македонците, се борам за признавање на нашата македонска националност, ништо друго, ништо повеќе. Против мнозинството од бугарскиот народ лош збор не сум рекол. Добрите Бугари секогаш го признавале нашиот македонски етнос и јазик, единствено вие бугарските шовинисти извршувате, нека ми биде простено, дивјачки работи против нас. И кога ме исклучувате од вашите редови, не поради тоа што сум убил човек, силувал жена, девојче, ограбил банка, туку затоа што ја бранам нашата македонска кауза, можам само да му се чудам на вашето театарско дивјаштво од кое Македонија секогаш страдала.
Славе Македонски
П.С. Славе Македонски (1931 – 2002) – македонски поет, раскажувач, романописец, драмски автор, публицист и литературен преведувач. Завршил театарска режија во Москва, а има работено како професионален писател, новинар и режисер. Во 1995 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија.
Архив, Илустрирано списание на Матицата на иселениците од Македонија, „Македонија“, бр. 512, декември 1995
©Македониум