ДОСЕГА НЕПОЗНАТА И НЕОБЈАВЕНА ФОТОГРАФИЈА ОД ВЕРИДБАТА НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

Да се открие досега непозната и необјавена фотографија од најголемиот и најславен македонски револуционер, апостолот на македонското револуционерно движење и идол на Македонскиот народ Гоце Делчев, несомнено е едно од најголемите историски откритија на македонската историска наука во поново време. Покровител на ова истражување e Зоран Чулчески – Чулче од Холандија во чест на своите родители Васкресија (84 г.) и Васил Чулчески (87 г.), македонски патриоти од Охрид. Воедно Зоран Чулчески – Чулче е и главен покровител и спонзор на документарната серија „Потомците на Александар Велики Македонски“, чиј комплетен автор е Александар Донски, која во моментов се снима на англиски и на македонски јазик и во која ќе бидат објавени бројни докази за етно-културните врски помеѓу античките и денешните Македонци.

А сега да се вратиме на фотографијата и на доказите за етничкото потекло на Гоце Делчев. Сопственик на фотографијата денес е Јордан Симоновски (род. 1947), познат штипски фотограф, снимател и хроничар, еден од основачите на најпознатото фото студио во Штип и пошироко во втората половина на XX век, студиото „Фото Трајче“. Фотографијата со децении стоела во нивната семејна архива заедно со десетици илјади други фотографии од подамнешно и поново време. Кога снимав документарна емисија за Јордан Симоновски, за време на прегледувањето на неговите фотографии наидов и на оваа фотографија, која ме заинтересира и по нејзиното проучување и анализа сфатив дека пред мене се наоѓа фотографија од извонрено историско значење. Упатувам голема благодарност до Јордан Симоновски, кој овозможи објавување на оваа бесценета фотографија.

Како дошла фотографијата со Гоце Делчев во семејството на Јордан Симоновски, тоа не се знае со сигурност. Фотографијата Јордан ја наследил од својот дедо Мите Сушев (1880 – 1964) родум од Сушево, чиј брат Ристо Сушев, имал драматичен животен век. Имено, Ристо бил активен комита и учествувал во Илинденското востание. По неуспехот на Илинден никој не знаел ништо за него. Неговиот брат Мите бил убеден дека загинал. Меѓутоа, во 1906 год. Ристо ненадејно се појавил во дворот на својот брат, но не сакал да каже каде ги поминал претходните три години. Истата 1906 година заминал за Софија, а оттаму за Одеса во Русија, каде се оженил со Русинка. Во 1917 година Мите со сопругата Марија и ќерките сакал да оди за Русија кај својот брат Ристо, но заради Октомвриската 2 револуција, транспортот со Русија бил во прекин. Двајцата браќа никогаш повеќе не се виделе во животот. Последен пат контактирале во 1940 година.

Што се однесува до фотографијата, една од претпоставките е дека револуционерот и комита Ристо Сушев ја дал оваа фотографија на својот брат Мите (дедото на Јордан Симоновски).

Втората можност е дека Мите Сушев ја добил оваа фотографија од трето лице. Во секој случај се работи за фотографија која досега никаде не е објавена ниту позната, ниту кај нас ниту во Бугарија. Ако се има предвид дека тогаш фотографиите биле ретки и скапи (посебно фотографиите на илегалните војводи и револуционери), а скапо било и умножувањето на фотографиите (кое се вршело преку директно пресликување со апарат) енигмата за добивањето на оваа фотографија во посед на Мите Сушев, а подоцна и на неговиот син Трајче и внук Јордан, е уште поголема.

Како што се гледа, на фотографијата (која на некои места е малку оштетена, главно поради прекршување, но сепак е јасно видлива) има шест личности од кои две седат, а четири стојат.

Прва од десно на фотографијата е Јустинијана (Јанка) Каневчева – вереницата на Гоце Делчев. Веднаш до неа е самиот Гоце Делчев.

Пред нив седат родителите на Гоце: таткото Никола и мајката Султана.

Лево од Султана стои млад маж, а меѓу Султана и Никола стои млада жена. Во продолжение ќе ги анализираме ликовите поединечно.

Ликот на Јустинијана (Јанка) Каневчева во целост е идентичен со единствената нејзина позната фотографија од тоа време. Јанка е свечено облечена најверојатно во скап кадифен фустан, дотерана фризура и украс на градите.

Веднаш до неа стои Гоце, кој е благо свртен кон Јустинијана. Неговата десна рака е спуштена врз рамото на татко му Никола што несомнено е гест што покажува блискост, љубов и почит кон својот родител. И Гоце е облечен во свечена облека. Тој носи сако со двојни копчиња, какви што биле во мода во Европа во тоа време. Под сакото се гледа дека носи темна кошула. Ова е единствената позната фотографија на Гоце во темна кошула. На сите останати негови фотографии тој носи бела кошула. Ова може да биде силна индиција дека Гоце не случајно овде е свечено облечен во кошула каква што вообичаено не носел, т.е. во кошула каква несомнено се облекувала само заради посебни настани.

Никола и Султана седат пред нив облечени во своите традиционални алишта од кукушкиот крај. Нивните ликови исто така во целост се идентични со останатите нивни ретки фотографии од тој период.

На фотографијата се уште еден млад маж и млада жена, чиј идентитет засега не можевме да го утврдиме. Ликот на младиот маж е блед, т.е. не може јасно да се препознае. Неговата лева рака е поставена врз рамото на Султана, од што со голема веројатност може да се претпостави дека тоа е некој од браќата на Гоце Делчев: Димитар, Милан или Христо. Впрочем ист таков гест на блискост, љубов и почит на фотографијата има и кај Гоце, чија десна рака е ставена врз рамото на неговиот татко Никола. Младиот маж е исто така свечено облечен.

Што се однесува до младата жена на фотографијата, која стои до евентуалниот брат на Гоце, претпоставуваме дека тоа е една од гоцевите сестри. Индиција за ова е истиот гест како кај Гоце и кај младиот маж, а тоа е нејзината рака спуштена врз рамото на таткото Никола. Гоце имал пет сестри и тоа: Руша, Цоца, Тина, Лика или Елена. Според малкуте податоци и фотографии од тоа време од гоцевите сестри што ни беа достапни, имајќи ја превид ситната фигура на младата жена од нашава фотографија, можеби станува збор за сестрата Лика, иако ова треба да се потврди или оспори. Младата жена е исто така свечено облечена најверојатно во кадифен фустан со рачно изработена украсна чипка на горниот дел од фустанот.

Историската вредност на фотографијата

Оваа фотографија има несомнена историска вредност. Имено, науката досега не беше сигурна дали Гоце бил верен со Јустинијана или само му била девојка, но фотографијава дефинитивно потврдува дека тие сепак биле верени. Имено, незамисливо за тоа време (првите години на ХХ век, но и подоцна) било момче да се фотографира со својата девојка без да бидат верени. И плус на фотографијата да се присутни и родителите на момчето. Оттаму практично оваа фотографија открива нов момент во биографијата на Гоце, а тоа е дека тој сепак бил верен со Јустинијана (Јанка) Каневчева.

Понатаму, заради свечените облеки на Гоце, Јустинијана и на засега неидентификуваните млади маж и жена (веројатно брат и сестра на Гоце), сметаме дека со право може да се претпостави дека оваа фотографија е направена по повод некој свечен настан, а тоа може да биде само веридбата (армасот) на Гоце и Јустинијана (Јанка). Исто како и денес, така и во тоа време, луѓето се фотографирале по повод некој свечен настан. Во прилог на оваа претпоставка е и фактот што на фотографијата се и родителите на Гоце, заедно со неговата свршеница. Ако е така, тогаш оваа фотографија е од исклучително историско значење бидејќи на неа (најверојатно) е прикажана веридбата на најголемиот македонски револуционер Гоце Делчев.

Оваа фотографија не само што е единствената на која заедно се сликани Гоце и Јанка, туку ова е и единствената фотографија на Гоце Делчев заедно со своите родители: мајката Султана и таткото Никола.
Доколку се докаже дека на фотографијата е и една од неговите сестри, тогаш тоа е уште еден сегмент од историска важност затоа што ова би била прва и единствена фотографија од неговата евентуална сестра сликана во тој период.

Освен големата историска вредност, оваа фотографијата има и своја човечка димензија, а тоа е семејната блискост на децата со своите родители по повод заедничка радост. Којзнае дали друг пат повторно се собрале членовите на ова несреќно семејство кое судбината го разделила исто како што го разделила и нивниот народ…

Нема сомнение дека фотографијата е направена некаде во Македонија, а најголем доказ за ова е присуството на родителите на Гоце. Имено, за татко му Никола се знае дека заминал од Кукуш дури по Балканските војни, а гробот на мајката Султана останал во Кукуш.

Ако се знае дека Јустинијана (Јанка) била во Софија на почетокот од 1902 година (според едно нејзино писмо), тогаш јасно е дека фотографијата е направена пред 1902 година, дури можеби и пред 1900 година, т.е. во времето кога Гоце сѐ уште можел слободно да се движи низ Македонија.

Вереницата на Гоце Јустинијана (Јанка) Каневчева се родила на 11 јуни 1878 година во Охрид, а починала на 3 март 1920 година од туберкулоза на возраст од само 42 години. Поради преселувањето на нејзините родители во Софија, таа се школувала во овој град, а во 1900 година се вработила како учителка во Скопје. Дење работела, а навечер, заедно со други активистки илегално помагала во активностите на Македонската револуционерна организација не само во Македонија, туку и во Софија каде често се среќавала со Гоце и каде се родила нивната меѓусебна љубов. Пред своето последно заминување за Македонија Гоце за последен пат се сретнал со Јанка во Софија, која му подарила црвено знаме со лав и фигура на девојка која била симбол за Македонија. За убиството на Гоце кое се случило на 4 мај 1903 година во селото Баница, Јанка разбрала неколку дена подоцна. Облекла црнина што ја носела следните неколку години, т.е. постапила исто како и сите вдовици во тоа време. Оваа е уште еден доказ дека таа била негова вереница, а не само девојка. Подоцна се омажила за блискиот пријател и соборец на Гоце Михаил Герџиков, но за жал рано го напуштила овој свет. Постои македонска народна песна „Јанка низ гора врвеше“, која многу веројатно е посветена токму на гоцевата вереница Јустинијана (Јанка). Во песната Јанка оди низ гората и ја прашува дали го видела „млад Гоце Делчев војвода“, но гората ништо не ѝ одговорила…

Мајката на Гоце Султана Нурџиева Делчева се родила во 1850 година во кукушкото село Мурарци и за нејзиниот живот нема многу податоци. Починала во 1907 година на возраст од 57 години.

Таткото на Гоце Никола Делчев се родил во 1844 година во Кукуш. Работел како менаџија и трговец, а поседувал лозје и ниви. За време на Балканските војни, во 1913 година Грците го запалиле Кукуш при што изгорела и неговата куќа. Никола се преселил во Горна Џумаја (денешен Благоевград) каде од бугарската држава добил пензија. Починал на 6 март 1920 година, односно само три дена по смртта на својата снаа Јанка.

Александар Донски

https://www.mn.mk/aktuelno/20706-Aleksandar-DONSKI-Eksluzivno–ULTRA-SENZACIONALNO-OTKRITIE