Областа на Преспа, Општина Пустец е подрачје со народ кој го сака образованието. Постигнувањата во полето на образованието се големи. Нема семејство во Преспа, кое да нема дете со високо образование а и со средно исто така. Во овие постигнувања една голема улога има и преспанската жена – учителка.
Преспанското подрачје има извадено голем број на учителки, кои во своите почетоци ја имаат жртвувано и својата младост и имаат дадено голема придонес. Тие одеа дури во најдалечните села, далеку од своите фамилии. Овој гест на жртва во тие времиња беше хероизам, оти тогаш немаше ни патишта, ни превоз, ни економски услови, а тие хероините на науката доаѓаа пешки на училиште кај своите ученици за да ја прошират науката и образованието и се враќаа кај своите семејства кога завршуваше учењето, во сабота попладне, и тоа повторно пешки.
Овие учителки, да ги наречам со полна уста, хероини се многу. Тука сакам да ги спомнам за нивната неуморна работа учителките: Ванѓелиа Колевска, Нуна Темелко, Цвета Џаво, Дола Мале, Менка Трајко, Ристана Ставре, Лефтери Мале, Божана Митре, Дита Трајко, Мариа Вурмо (Стерјо), Тодора Шкемби, Крисанта Јанкула, Николинка Митре и многу други, на кои им се извинувам ако некоја сум заборавила, не споменуваќи ги тука сите учителки кои работаат моментално сега во Преспа, Општина Пустец. Тие денес се многу повеќе на број од мажите.
Од нашите училишта има излезено кадар со високо ниво на знаење, кои го даваат нивниот труд во нашето подрачје и секаде низ Албанија и надвор од нејзините граници. Нашите училишта име извадено низ годините вредни учители, доктори, воени лица, универзитетски професори, агрономи, економисти, физичари, глумци, пратеници …и др. Сите многу вредни и успешни во својата струка. Ама да бидеме искрени дека овие постигнати успеси не се само наши на преспанските учители, туку и на професорите ширум Албанија, каде имаат учено и студирано нашите деца, ова дури до денот на отварањето на границите, каде сега освен тука, студираат и надвор претежно во нашата Македонија.
Како што вели една народна поговорка; “Едната рака ја мие другата, двете лицето„. Кога нашите деца одеа на средно или на факултет, иако другарите ги познаваа дека се од Преспа поради својот диалект во говорот на албанскиот јазик, ама беа први во учењето. Другарите и професорите им велеа: “Учите вие Македонците, ви фаќа вас главата оти вие се храните со риба„. И ова констатација може да е вистинита. Ама ние Македонците во Албанија имаме една среќа затоа што истовремено учиме два јазици, македонски и албански. Нашите учители и учителки не имаат образовано да ги сакаме исто и двата јазика а и двете нации Македонската и Албанската. Оти ние имаме два јазици тој на родената мајка, Македонскиот и од друга страна јазикот на државата во која живееме, Албанскиот. И за тоа треба да ги совладуваме и двата јазика.
Преспанските учители освен учењето беа многу активни и во формирање на културни, играорни групи по сите села во Преспа и во своето училиште и секоја година учествуваа на фолклорните фестивали кои се организираа во нашето подрачје. Овие фестивали за жал денес се згаснати и тие се минато време за Македонскиот народ во Преспа кој со многу желба ги чекаше.
Морална задача на учителите е :“Да го чуваат и да го збогатуваат мајчиниот јазик, оти јазикот како што велат учените луѓе е круната на еден народ. Колку побогат јазикот, толку поубава круната. И во овој правец не сме останати назат. Две книги со фолклорен материал, собрани со многу љубов од учителката Крисанта Јанкула, како дел од богатата духовна култура на нашето подрачје, се испечатени крајните години. Една од Филолошкиот факултет, “Блаже Конески” при Униврзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје со наслов: “Проза и поезија од мојот крај, и втората испечатена од Институтот за македонски јазик: “Крсте Мисирков” во Скопје со наслов “Записи од мојот крај”. Спонзор на втората книга е самата авторка. Мислам дека треба да се помогне за печатење на вакви книги како од албанската така и од македонската влада, за да се мотивираат тие што имаат желба да пишуваат. И на крај драги присутни да си честитаме заедно:“Да славиме илјадици години успешно образование на мајчин македонски јазик„.
Излагање на Крисанта Јанкула на научната конференција “75 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија” која што се одржа во Тирана на 21 декември 2019 година во организација на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
©Македониум