На 27 ноември 1890 година, балто-германскиот лингвист Леонард Готхилф Мазинг ја одбранил првата докторска дисертација за македонскиот јазик на тогашниот Дерптски универзитет (денес „Тарту“) во Естонија, со наслов „За јазичната определба на македонските Словени“ („Zur sprachlichen Beurteilung der Macedonischen Slaven”).
Отпечатена е во Санкт Петербург. Една година подоцна, во 1891, исто во Санкт Петербуг, тој го преобјавил докторатот, вклучувајќи ја и студијата, „Кон теоријата на гласовите и акцентот во македонско-словенските дијалекти“ („Zur Laut-und Akzentlehre der Macedoslavischen Dialekte).
Младиот студент Леонард Мазинг дошол во Тарту (Дорпат) да студира теологија, но не тргнал по стапките на татка си и не станал свештеник, туку филолог. Клучна улога во запознавањето со Македонија, како што Леонард Мазинг пишува во својата докторска дисертација, имале двајца Македонци што Мазинг ги запознал во текот на неговите студии во Лајпциг и во Петроград (Санкт Петербург). Имено, во Лајпциг, во 1886 година се сретнал и извесно време другарувал со велешанецот Иван Ѓоргов, кој го запознал со состојбите во Македонија, јазикот, обичаите, историјата… Во Петроград, пак, го запознал Димитар Топеничаров, кој по потекло бил од Охрид. Од ова можеме да заклучиме дека Мазинг бил фасциниран од Македонија и не само што одбрал да докторира на тема за македонскиот јазик туку напишал и многубројни забелешки од неговите истражувања за историјата и етнологијата на Македонија. Имено, македонската етноисториска целина сѐ уште не беше поделена и административно ѝ припаѓала на Отоманската Империја.
Од тоа произлегува најзначајната оцена на Мазинг, кој во 1890 запишал: „Во денешниве услови кога Македонија не е независен политички субјект, за нас (лингвистите) важат нејзините етноисториски граници за дефиниција на јазикот!“
Со докторската дисертација, како и со другите свои дела Л. Г. Мазинг поставил пат за развој на македонистиката кон крајот на 19 век. Неговите дела привлекле и други автори на кои им била важна научната вистина за Кирилометодиевата писменост, култура и етнолингвистика, додека политиката и пропагандата им била туѓа.
Леонард Готхилф Мазинг е роден на 21 ноември 1845 година во селото Мустјала (на островот Езел, денес Саарема) во Естонија и потекнувал од семејство чиј татко бил свештеник во Лутеранската црква. Се школувал во Лајпциг, Гетинген и во Дорпат (Тарту).
Леонард Мазинг работел на Дерптскиот универзитет повеќе од 45 години каде што прво бил доцент, а подоцна и професор на Катедрата за споредбена граматика на словенското наречје. Држел курсеви за споредбено-историски граматики на индоевропските јазици, за споредбена граматика на словенските наречја, вовед во славистика, филолошка и славистичка литература, за црковнословенски јазик, за јужнословенска дијалектологија, за источноевропски јазици итн. Во тоа, секако, спаѓал и интересот за македонскиот јазик и неговата засебност. Починал на 4 април 1936 година во Тарту, Естонија. Погребан е на универзитетската парцела на гробиштата „Ради“, но неговиот гроб не е зачуван бидејќи по немилите настани по Втората светска војна и егзодусот на балтичките Германци настрадале и гробовите и надгробните плочи на починатите.
Со докторската дисертација за македонскиот јазик, Леонард Г. Мазинг се вгради во поновата македонска историја и современото македонско јазикознание/лингвистика, градејќи најголем споменик пред кој можеме да се поклониме со длабок пиетет. (Македониум)