Парламентарното собрание на Советот на Европа усвои на 2 октомври, 2014 година, извештај за Албанија, истакнувајќи дека и покрај постигнатиот напредок, остануваат вознемирувачки прашања како што се непристрасноста на државните институции, независноста на судството, корупцијата и непочитување на малцинските права.
Според извештајот, што го изготвија известителите Григоре Петренко и Џонатан Еванс, се истакнуваа партизираност на демократските институции, распространета корупција во судството, отсуство на политички дијалог, односно преголем јаз меѓу власта и опозицијата.
„Во врска со заштитата на малцинските права и борбата со дискриминацијата, признавајќи ги притоа сите постигнувања, го повикуваме парламентот да усвои сеопфатен закон за малцинствата, како и закон за заштита од дискриминација“, се вели во препораките на ПССЕ.
Притоа се истакнува дека Албанија ја нема ниту потпишано ниту, пак, ратификувано Европската повелба за малцински или регионални јазици и затоа се повикува Тирана без одлагање да ја исполни таа обврска.
Александар Николоски, кој е во Мониторинг-комитетот на СЕ, во дискусијата посочи дека Албанија мора да биде поинклузивно општество не само за политичките сили туку и за сите етнички групи што живеат во земјата. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ притоа истакна две прашања кои се поместени во извештајот, а тоа се локалната самоуправа, односно новата територијална поделба, која е на штета на македонското малцинство и дискриминацијата на малцинствата.
– Слабост на законот за организација и функционирање на локалната самоуправа е во тоа што не им дава на градските совети овластување над избраниот градоначалник, што би можело да доведе до конфликти. Би сакал да ве информирам дека во Албанија постојат општини главно населени од малцинството на етничките Македонци. Имајќи предвид дека со законот за територијална и административна реформа се предвидува општините да имаат најмалку 10.000 жители, тоа значи дека овие општини ќе треба да се спојат со друга општина. Согласно со законот, доколку општините се спојат со друга општина, Македонците се плашат дека тие ќе ги загубат своите основните малцински права бидејќи во новите општини албанското население ќе биде доминантно – рече Николоски додавајќи дека се надева оти законот ќе падне пред Уставниот суд на Албанија.
Албанскиот пратеник од владејачката Социјалистичка партија, Едуард Шалси, му реплицира на Николоски потенцирајќи дека територијалната реформа и малцинствата се тема за која во албанското општество се зборува 20 години.
– Македонското и грчкото малцинство ќе имаат свои општини. Ги исклучивме главните критериуми за да ги исполниме барањата на малцинствата. Kако дел од територијалната реформа, Пустец сега е општина на македонското малцинство – рече Шалси, не спомнувајќи дека претходно се избришани македонските општини во Гора и во Голо Брдо.
Меѓутоа, од територијалната поделба не беа задоволни не само Македонците туку и Грците и тие неодамна најавија дека ќе поведат постапка пред Уставниот суд поради тоа што законот не ги почитува одредбите од конвенцијата за заштита на националните малцинства.
Наставата на јазиците на малцинствата (признаените и други) останува несоодветна. Во некои области во кои живеат малцинства се обезбедени функционални училишта на македонски јазик, но надвор од овие области барањата за образование на овие јазици најчесто се одбивани од властите, посочи Александар Николоски.
– Парламентарното собрание на Советот на Европа треба да го следи ова и да го бара од властите и во согласност со Повелбата за регионални и малцински јазици да обезбедат образование на македонските јазик – додаде тој.
На крајот на извештајот од страна на Парламентарното собрание се нагласува дека ќе се продолжи да се следи спроведувањето на обврските и заложбите преземени од страна на Албанија, додека овие проблеми не добијат позитивни одговори. (Македониум)