И оваа учебна година, повеќе од 160 ученици од основно и средно образование во општина Пустец немаат учебници на македонски јазик. Половина од учебниците не се испечатени и преведени, додека бројот на учебници кој е доставен во училиштата е ограничен. Ситуацијата е уште потешка кога станува збор за децата од прво одделение..
Иако законот за образование предвидува во областите со малцинско население 60% од предметите да се предаваат на јазиците на малцинствата, додека 40% на албански, тоа никогаш не е остварено и овој проблем се наследува со години.
Покрај недостатокот на учебниците друг проблем во општина Пустец е и амортизираната училишна зграда, каде се сместени деветолетката и гимназијата “Трајан Ѓеорѓиовски и Митре Колевски”, додека да се зборува за лаборатории или интернет, се смета за луксуз за овие деца.
Недостаток на учебници, или нормалната зграда на училиштето ги загрижува и родителите кои се плашат за иднината на децата.
Во февруари оваа година, пратеникот на Социјалистичкото движење за интеграција, Ванѓел Таво поднесе интерпелација за министерката за образование и спорт, г-ца Линдита Никола во врска за преземените мерки од страна на Министерството за образование и спорт за недостатокот на учебници на мајчин јаик за малцинските училишта.
Министерката за образование Никола тогаш во Парламентот гарантираше дека за новата учебна година, училиштата на малцинства ќе имаат можност за друга комуникација, ќе се подобри квалитетот на текстовите, но, исто така, ќе се подобри и наставата.
Исто така, г-ѓа Никола рече дека малцинските училишта во областите на Ѓирокастро, Саранда, и Македонската заедница во општина Пустец ќе имаат нови можности, не само за учебниците, туку и нови увиди на кој се работи напорно.
Но покрај ветувањата на г-ѓа Никола и оваа учебна година ситуација со недостаток на учебници е иста.
Албанија признава македонско малцинство само во областа на Мала Преспа и само тука се изучува македонскиот јазик во училиштата, додека не се признаваат Македонците во областите на Гора и Голо Брдо како и на целата територија на Албанија. Со логистичка подршка на Македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција неколку години во областите Гора и Голо Брдо, како и во градовите, Тирана, Корча, Поградец и Билишта се одржуваат курсеви на македонски јазик за македонските деца. (Македониум)