Во рамки на Вевчанското културно лето – 2014, синоќа се промовираа шест книги со „Македонски народни умотворби“ од областа Голо Брдо во Албанија, од Цветан Мазнику и проф. д-р. Вита Која од Тирана.
Двајцата собирачи на македонските народни умотворби повеќе децении работеле на 6-те книги а тоа за нив претставува значаен фолклорен труд.
Творбите се запишани од над стотина Македонци со што е сочуван автентичниот мелос и мајчиниот македонски јазик од Голо Брдо.
Книгите претставуваат вистински драгоцен ѓердан на Македонците и на нивните традиции во Албанија.
Овој капитален издавачки проект што опфаќа над 3000 печатени страници е издание на здружението на Македонците „Мир“ од Тирана.
За овој проект зборуваа Ели Луческа, директор на Институтот за старословенска култура од Прилеп и Сашо Цветковски, директор на Националната установа – музеј „ Д-р.Никола Незлобински“ од Струга.
Во една од книгите со поговорки од Голо Брдо, Цветан Мазнику ќе напише: “Кога се сретвев со нашинци, млогу пота на мухабет чујев поговорки. И еношка реков оте поубо да и пиша, и така напраив. За три четири године се собраје над 650 поговорки… Кога се анализираат овие поговорки се чудиш колку длобоки се и како се исчувани, кога јозикот не се пишит а само се зборит.” (Македониум)