Официјални претставници од Албанија, Македонија и Косово се состанаа во Охрид за да им дадат поттик на проектите за транспортната инфраструктура. [Mики Трајковски/SETimes]
Aлбанија, Македонија и Косово работат на проекти за транспортната инфраструктура со цел да го подобрат патувањето и да ги развијат локалните економии.
Официјалните претставници од областа на транспортот и инфраструктурата се состанаа минатиот месец во Охрид и се согласија да почнат со спроведување на патни проекти почнувајќи од првото тримесечје на оваа година за поврзување на трите држави. Тие, исто така, се согласија да завршат со изградбата на патот долж источно-западниот европски транспортен Коридор 8, како и да го либерализираат товарниот транспорт.
„Почнуваме да го интензивираме процесот на соработка со цел реализација на сите проекти и искористување на сите фондови. Овој процес е отворен за сите земји од регионот, бидејќи сите се вклучени во процесот на европска интеграција“, рече албанскиот министер за транспорт и инфраструктура, Едмонд Хаџинасто.
Хаџинасто рече дека состаноците имаат конкретна платформа и се структурирани за решавање на актуелните проблеми и свртување кон иднината.
Албанија најави капитални патни инфраструктурни проекти за изградба на патишта за значително олеснување на транспортот со Македонија и Косово.
Maкедонските власти велат дека земјата ќе почне да гради два автопати во својот западен дел, кој граничи со Албанија и Косово, додека истовремено ќе работи на комплетирање на автопатот кон Грција.
„Информирав за потпишувањето на договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид, каде што градежните зафати треба да започнат во првиот квартал од 2014 година, потоа за напорите што ги прави македонската влада за обезбедување поволен финансиски пакет за изградба на патот Гостивар – Кичево. Покрај тоа, информирав за нашите планови за рехабилитација на патот кон Дебар (на границата со Албанија)“, рече Миле Јанакиски, македонскиот министер за транспорт и комуникации.
Косово го комплетираше автопатот 6, кој го поврзува Косово транспортниот Коридор 10 на правецот север-југ, рече косовскиот министер за инфраструктура, Фехми Мујота.
„Пред започнување сме со изградба на новиот автопат кој е до границата со Македонија и очекуваме да го завршиме за три години“, рече Мујота.
Мујота рече дека работата, најверојатно, ќе продолжи и преку границата во Македонија со цел овој автопат да се поврзе со автопатот Тетово-Гостивар-Кичево.
„Само овој [комплетиран] пат би го направил функционален Коридорот 8“, додаде тој.
„Ние и понатаму ќе го даваме својот придонес за [развој] транспортниот Коридор 8 на правецот исток-запад, [бидејќи] многу е важно поврзувањето на Тирана со Скопје“, додаде Хаџинасто.
Комплетирањето на патната инфраструктура значи зголемување на трговијата меѓу трите држави и македонските претпријатија ќе можат полесно да ги користат пристаништата во Албанија, како алтернатива на пристаништето во Солун, рече Мендерес Кучи, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија во Тетово.
„Ние очекуваме тоа што се договара и преговара [наскоро] да се реализира. Тоа многу позитивно ќе се одрази и на стопанството и на државните буџети. Ако нашите производи поминуваат преку албанските пристаништа, тогаш тие многу полесно ќе стигнат и до далечниот кинески пазар“, рече Кучи за SETimes.
Експертите велат дека откако ќе биде завршен автопатот во Македонија што води до албанската граница, патниците ќе стигнуваат во Тирана за два часа, а на пристаништето Драч за три часа.
„Тоа на нас како бизнисмени ќе ни овозможи полесно да стигнеме не само до албанското приморје, туку и до Црна Гора, па и Косово“, рече за SETimes Менди Кира, сопственик на градежното претпријатие „Трим и Љум“ од Струга.
Превземено од SETimes.com