Јанев: Македонија да започне процедура за продолжување на членството во ОН со уставното име

ИНТЕРВЈУ: ИГОР ЈАНЕВ, ПРОФЕСОР ПО МЕЃУНАРОДНО ПРАВО НА ИНСТИТУТОТ ЗА ПОЛИТИЧКИ СТУДИИ ВО БЕЛГРАД

Г-дине Јанев, сметате ли дека македонскиот државен врв ќе го послуша вашиот совет и ќе започне процедура за зачленување во ОН под уставното име?
Доколку имаат совест, тие ќе го направат тоа што предложив. Ние 19 години собиравме над 130 држави за ваквата акција со која треба да продолжиме членство во ОН под уставното име. Со други зборови, во двата модалитета со индиректен приод, преку Меѓународниот суд на правдата, или директно со Резолуцијата на ОНГС, ние не вршиме прием, туку само го продолжуваме нашето членство во ОН како Република Македонија. Се разбира, одлуката во овој правец зависи од советниците на претседателот кои имаат големо влијание врз процесот на одлучување. Јас сум делумно песимист, бидејки овој круг на советниците, со чесни исклучоци, е навистина многу слаб! Ова се гледа и од фактот дека претседателот смета дека ние РАЗГОВАРАМЕ за името, не разбирајќи дека при обврската за разговори за едно инхерентно право, ние сме под нелегален режим на преговори! Со други зборови советниците на претседателот, а и премиерот не ја разбираат правната природа на проблемот со името, а посебно правната природа на дополнителните услови за прием кои според Советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 1948 се нелегални. Од друга страна претседателот и премиерот не ангажираат стручни лица кои би можеле да им помогнат да ја разберат ова материја и да пристапат кон реализацијата на Резолуцијата во ОН. Од искажаните јавни ставови, на пример, се гледа дека претседателот Иванов го сведува проблемот со името на проблем на човековите права! Овој проблем пред се е проблем од областа на правата на држава во меѓународната заедница, потоа се работи за правата на кандидат за членка на ОН, и конечно членските права на државата во ОН!

Во стратегијата што ја имате изготвено напоменувате дека правните факти се на страната на Македонија и дека мора да се искористи мислењето на Меѓународниот суд на правдата од 1948 година кое вели дека дополнителните услови за прием на земја-кандидат, како во случајот со Македонија, не се легални и дека органите на ОН не смеат да ги гласаат. Постои ли некоја друга држава што на овој начин станала членка на ОН?
Како резултат на Советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 1948-ма биле примени во ОН Португалија, Трансјорданија, Ирска, Италија и Финска. Нашиот случај е многу поедноставен бидејќи ние сме веќе членка на ОН, која ја помина процедурата во Советот за безбедност на ОН за прием! Советот кај нашиот случај даде изјава во Резолуцијата 817 дека ние ги исполнуваме условите за прием во ОН! Вториот дел каде во истата реченица, нестандардно ни се поставуваат два дополнителни услови: 1. носење на деноминацијата БЈРМ, и 2. обврска за преговорите за името, според Советодавното мислење од 1948-ма не е легален! Таквите услови не се легални. Според Советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 1948-ма за дополнителните услови надвор од општите од член 4. на Повелбата на ОН не смее да се гласа, ниту смеат да се поставуваат, дури и ако земјата дала согласност. Двата услова се нелегални и од фактот што во време траат и по чин на приемот, потоа не спаѓаат меѓу експлицитни општи услови од член 4 и натаму, нивното исполнување зависи од дипломатско признавање и волја надвор од капацитетите на оваа држава. Со поставување на дополнителните услови, покрај член 4 се крши и член 2, во ставовите 1 и 7. Имено, двата дополнителни услови, креираат квазиусловен прием со кои се креираат нелегалните обврски кои ја доведуваат во прашање правната еднаквост (став 1 од член 2) на нова членка и норма на немешањето во строга внатрешна јуриздикција, содржан во став 7. Според став 7 од член 2 на Повелбата ниту ОН не смее да се меша во строгата внатрешна надлежност на државите, а овде не смеат да се мешаат ниту државите-членки. Името на една држава е есенцијален елемент на правниот субјективитет, без кој државите имаат намалена правна способност за склучување договори и другите основни правни капацитети. Одземање на правото на избор на правниот идентитет, односно името, истовремено претставува и одземање право на името како правен идентитет во меѓународното правно општење. Со друго зборови, ниту една институција не можеше и не може едно такво право да ограничи ниту при приемот во ОН, ниту во членскиот статус на една држава-членка на ОН.
Името на која било држава е во нејзина строга внатрешна надлежност и секое интерферирање во таквото право е забрането. Понатаму, од принципот на раздвоеноста на јуриздикциите, произлегува и дека државите немаат ексклузивни права на имиња.

Може ли во целата процедура да се заобиколи Советот за безбедност на ОН и топката да се префрли во Генералното собрание каде имаме далеку поголеми шанси поради фактот што две третини од земјите-членки не имаат признаено под уставното име.
Од фактот дека ние, како што кажав, го поминавме Советот за безбедност на ОН, поаѓајќи од ставот на Советот за безбедност (СБ) дека ние ги исполнуваме условите за членството, а дека дополнителните услови се нелегални, ние треба да побараме било Директна резолуција на Генералното собрание со која ќе го продолжиме нашето членство во ООН со сите права како и другите членки на ОН. Ова подразбира дека треба да имаме право на самоопределување на сопствен правен идентитет, односно името како основно членско право. Во воведен дел на таквата резолуција на Генералното собрание мора да има повикување на Советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 1948-ма и резолуцијата 197/ИИИ од 1948-ма на ОНГС со која се прифаќа таквото мислење од Меѓународниот суд. При гласањето за примена на Советодавното мислење од 1948 г. се врши гласање со простото мнозинство од присутните и кои гласаат во Генералното собрание на ОН. Овде, значи, немаме ништо со Советот за безбедност на ОН. Исто е и со индиректниот пристап или модел кој е предложен со писмото од моја страна до Иванов.
При моделот со индиректен пристап, кој го предложив на Владата и претседателот постои еден меѓучекор, а тоа е прво поставување прашање до Меѓународниот суд за правда, како и во1948 г., дали специфичните услови за Македонија се надвор од пропишаните од член 4. Со оглед дека судот мора да ги користи истите критериуми како во 1948-ма, тој ќе се прогласи за надлежен и ќе заземе став дека условите при нашиот случај се дополнителни и нелегални. Потоа, со ова Советодавно мислење кое е предмет на прифаќање од Генералното собрание на ОН, се бара воведување на сите, досега ограничени права, меѓу кои е и право на слободно користење на нашето уставно име во ОН. И овде при гласањето за прифаќање и примена на Советодавното мислење за Македонија, ние не одиме преку СБ на ОН, а гласањето е со простото мнозинство од присутните и кои гласаат во Генералното собрание на ОН. Се гласа со простото мнозинство исто како и при постапките за прифаќање на сите досегашните судски мислења. Овој факт исто така не беше познат на многу наши домашни авторитети, кои сметале дека е потребно двотретинско мнозинство, па чекале наивно бројката на земји кои не признале под уставното име да се зголеми на над 130 земји!

Сметате ли дека грешката се направи во 1993 година кога Македонија се согласи да биде примена под референцата ФИРОМ?
Република Македонија аплицираше во 1992 година под уставното име. Во спорното писмо на Бранко Црвенковски кое беше пратено два дена пред гласањето во СБ на ОН (1993), јасно стои дека Македонија под никакви услови не ја прифаќа референцата БЈРМ. Од друга страна, дури и да се согласела на преговорите и носење на референцата, СБ на ОН не смееше и не смее да гласа за такви дополнителни услови! Истото важи и за ГС на ОН. Понатаму, прифаќање на нелегалните услови не ги легализира таквите услови. Со други зборови не постои битна грешка од македонската страна при приемот во ОН! Она што може да се замери е голема нестручност на советници и министри кои не се сомневале во тоа дека ваков прием е легален. Од друга, никој од опозицијата исто така немаше претстава за што се работи. На крајот на краиштата и самите служби на ОН не го земале предвид судското мислење од 1948-ма, ГС на ОН резолуцијата од 1948-ма, и УН док. С/ 1466 од 1950 г.. Со други зборови на македонските кадри не може многу да им се замери, имајќи предвид и дека сериозни правни авторитети немале сознанија дека се работи за кршење на Повелбата на ОН.

Верувате ли дека во скоро време Македонија и Грција со политички средства можат да дојдат до заедничко прифатливо решение за разликите околу името?
Природата на спорот е таква што никакво политичко решение преку преговори не е возможно. Ова стана јасно кога покрај барањата за името во преговорите се инволвираа и поголем број на аспекти надвор од описот на Резолуцијата 817, односно поширока целина на национално-идентитетски и културно-идентитетски аспекти. Ова е логична последица на уценувачкиот однос поврзан со дополнителните услови при приемот на РМ во ОН. Од овој агол се гледа и колку е наивна идејата на МАНУ за заеднички состаноци со Грчката академија, па дури и Европската, на која позициите на интелектуалците и правниците би се доближиле. Понатаму, ниту некоја следна влада на СДСМ, или која било друга нема да може да ги прифати грчките позиции, ниту пак овие (Грците) од нив ќе се откажат. Политичко решение не постои, и мора да се примени метод во кои органот на ОН, треба да донесе одлука. Меѓутоа, во се ова загрижувачки е дека премиерот и претседателот, како и МНР ништо на овој план не прават. Со оглед на тоа дека на секоја политичка и правна акција ќе имаме контралобирање од Грција, крајно е несериозно пасивно чекање некој друг да го реши проблемот (пр. САД и слично) или стратегија по принцип нека го решава целиот проблем следната влада. Наместо да се повикаат сите земји во ОН што досега не немаат признаено под уставното име, наместо на сите места да се објаснува кршење на Повелбата и дискриминацијата во членскиот статус на Македонија, нашите политичари даваат ветувања дека проблемот наскоро ќе биде надминат преку компромис околу името (со Бан Ки-мун и Нимиц). Со ваков несериозен пристап Македонија може само да го загуби името, а најверојатно и поширок опсег на други идентитетски елементи. Какви безбедносни последици за Македонија ова носи на подолг период можеме само да замислиме.