На 13-ти октомври 2013 година во Македонската православна црква „Св. Богородица“ во Детроит се одржа промоција на монографијата „Илинден во англиски јазик се публицистот Славе Николовски – Катин од Македонија и радио новинарот Бошко Рајчовски -Пелистерски од Детроит. Таа е издание на книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје и Македонското друштво „Љубојно“ од Детроит.
Во присуство на голем број иселеници од Љубојно, Препса, Тетовско, Битолско и други краишта од Македонија за монографијата зборуваше надлежниот архиереј на Американската епархија, митрополитот Методија.
Во своето излагање, меѓу другото, тој рече дека монографијата е сведок на судбини за Љубојно, за Преспа за Македонија. Книгата претставува израз на силна љубов кон родната земја, кон Црквата, а во исто време таа е и гордост, и радост и тага, и сон и јаве за оние кои ја напуштиле Македонија, или се поврзани по семејна или друга врска со овој убав, значаен и напатен дел на етничка Македонија – Преспа.
Книгата има монографски карактер и како раскажувачко дело претставува значаен прилог и придонес на публицистичкото и новинарското творештво. Делото е огледало и свидетелство на убавиот збор и откривање на судбината на печалбарскиот крај Преспа. Монографијата е документ на слики за голем број луѓе, настани или појави, интелектуалци или вљубеници во дедовскиот крај, во Македонија.
Сите тие вљубеници на македонскиот збор, песната, орото, на убавото во родните места Љубојно и Преспа, на вистината за македонскиот народ и Македонија ги водела силна љубов. Како и што се вели во делото дека водителка во животот ни е љубовта. Доколку таа е присутна во нас или околу нас, се‘ е полесно и поубаво, зошто љубовта е потребна насекаде и секому. А љубовта кон дедовската земја е огромна и вечна. Таа е и сон и јаве и желба и љубов и тага, и минато и вечност за секои кој го грее “туѓо сонце”. Притоа, описите за личностите се богати и разновидни со голем број податоци, а стилот на пишувањето е суптилен и слоевит на македонски и на англиски јазик..
Во книгата „Илинден во Љубојно и Преспа“ се презентирани личности кои живеат во областа на Преспа поделена во три држави Македонија, Албанија, Грција и насекаде по светот. Сите тие, а се разбира и нивните семејства се верни пријатели на авторите на ова дело. Делото е лика и прилика за начинот на комуницирањето, особено на иселениците во дијаспората, со надеж дека делото ќе остави траги за вистината за Љубојно, за Преспа, за Македонија за кои вечно да се сеќаваат идните генерации. (Македониум)