Летен камп “Ја сакам Македонија” за македонските дечиња од соседните земји на Македонија

Во организација на Министерството за надворешни работи, од 18 до 25 август 2013 год., во Охрид  се одржува вториот Летен камп “Ја сакам Македонија” на којшто учествуваат вкупно 35 ученици, припадници на македонското национално малцинство од Србија, Албанија, Косово и Бугарија. Од Република Албанија на летниот камп учествуваа македонски деца од областите Голо Брдо и Мала Преспа, како и од градовите Корча, Подградец и Билишта

Во рамките на програмата на Летниот камп – 2013, се одржува настава по македонски јазик, македонска култура и историја од страна на предавачи од Филолошкиот факултет при Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип. Дополнително, за улогата и значењето на мајчиниот јазик во одржувањето на личниот, националниот и културниот идентитет пред учесниците на Летниот камп на 24 август, предавање одржа министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Министерот Попоски истакна дека јазикот е главна алка што не спојува како Македонци, каде и да живееме, а благодарение на овој камп и сите други средби и иницијативи од овој вид можеме подобро да се запознаеме и да научиме повеќе едни за други,  со што нашите меѓусебни врски дополнително ќе се зголемат и ќе се зацврстат.

Овој настан претставува дел од проектот на Владата на Република Македонија „Далеку, а блиску”, чија главна цел е подигнување на нивото на познавањето на македонскиот јазик меѓу припадниците на македонските национални малцинства во соседните земји и македонските заедници во дијаспората. Летниот камп “ Ја сакам Македонија” и оваа, втора година по ред, се одржува во хотелот  „Конгресен Центар” во Охрид , а предвидено е да трае до 25 август. Настанот, има за цел да го подобри познавањето на мајчиниот јазик на целната група и едновремено да се создаде поголемо заедништво помеѓу Македонците од соседните земји.

Освен наставната компонента, учесниците имаа можност да ги посетат културно – историските знаменитости во Охрид и охридското крајбрежје, како што се Музејот на вода – залив на коски во месноста Градиште, манастирскиот комплекс Св. Наум Охридски, како и Самуиловата тврдина, црквата “Св. Пантелејмон” на Плаошник и Куќата на Робевци во Охрид и да проследат проекции на документарни филмови за историјата на Македонија и македонскиот народ.

Предвидено е, секоја година да се зголемува бројката на учесници на кампот, а право на учество да имаат сите Македонци, без разлика на кој дел од светот живеат, што  укажува дека овој проект полека прераснува во една традиција којашто ги обединува Македонците од дијаспората и македонските национални малцинства од соседните земји,  во Република Македонија. (Македониум)