ЕВРОПСКОТО ДОБРОСОСЕДСТВО НА „МАЌЕА БУГАРИЈА“

Приказ на монографијата: Веселка Тончева, Българите от голо бърдо, Република Албания - традиции, музика, идентичност, част 1, София, 2009, 328 стр.

Да не се распаднеше Југославија, немаше да дознаеме дека наши соседи здружени против нас Македонците, денес и којзнае до кога во иднина ќе си ја бркаат мувата на капата што им застана таму заради ќарот што го лапнаа по војните на почетокот од 20-ти век. Секако, тука на сцената се и нивните стари и нови учители од белиот свет.

Прослава на Илинден во Голо Брдо

Прослава на Илинден во Голо Брдо

Секоја чест на чесните и етични поединци, но гледано според антимакедонската активност во маќеа Бугарија, постојано се појавуваат нови личности по професија Бугари на кои мета им се Македонците. Една таква личност е веселата Веселка Тончева, по професија Бугарка, која се амбицирала да ги ископа и поткупи Македонците од печалбарските села во албанско-македонското пограничје, вклучувајќи го тука пограничјето со  албанско Косово. Таа и тие како неа, пазат како овчарски кучиња што се работи кај нас, што се објавува, што е актуелно и сл. Обратно пак, ние постарите научници многу сме прочитале така што тешко може некој мрсник да нè изненади. Значи, ние постарите ич не сме заинтересирани за бугарските маневри и досетки, затоа што е рамно на ужас животот да ни помине давејќи се во бугарска каша. Им го оставаме тоа на оние деца кои се отепуваат нешто да докажат на Facebook. Освен тоа, нас нè успиваате со европските приказни за  добрососедски односи во кои задолжително добрите се во ЕУ бидејќи таму нема лоши, а лошите се надвор од ова високо  друштво!  И, така, бугарските програмирани научници, будно пазејќи на нас, забележале дека сме објавиле еден зборник со статии за Голо Брдо, каде секој автор истражувал етнолошки и антрополошки теми според својот личен интерес. Секако, со оглед на фактите, ние сме можеле со полно право да и дадеме наслов на книгата Македонците од Голо Брдо, но сме избегнувале таква форма бидејќи тие живеат во многу специфични околности и постојано се надгледувани. Затоа книгата има поширок општ наслов Живот на граница (2006). Ама веселата Веселка не размислувала за некакви морални и етички прашања и последици, туку храбро и треснала наслов на нејзината книга Бугарите од Голо Брдо (2009)! Сега откако со задоцнување го видовме овој пропаганден материјал, решивме малку да се подразбудиме.  Дека поводот за објавување на оваа книга била нашата книга/зборник од 2006-тата се гледа и по фактот што цело време цитираат некој од нас, особено мене (Анета Светиева) со намера да покажат како ние нешто не знаеме а подобро знае некој друг, особено славната авторка, која има високо мислење за себе и не е свесна дека никој паметен не може да ѝ завидува на ништо. Инаку во тој зборник се објавени и статии на автори од Албанија по потекло од Голо Брдо на кои авторката не им обрнува должно внимание. Авторката беше еднаш предупредена да не ни брца прст во око со вакви постапки, но очигледно таа пет пари не дава за тоа[1].

Бугарската книга има 328 страни во електронското изданието во *pdf. формат. Самата книга е конципирана крајно традиционалистички и популистичко-политички, слично на изданијата од областа на етнографијата, етнологијата, културната историја и антропогеографијата од крај на XIX и прва половина на XX век. Тоа подразбира малку историја, малку религија, еден куп пропаганда, божемна етнолингвистика и други докази од ракав извадени, па после слој музички фолклор и на крај идентитет глазура и бугарската торта е готова.

Големо Острени, Голо Брдо

Големо Острени, Голо Брдо

Секој современ етнолог и антрополог има причина да се запраша која била крајната цел за да се создаде една ваква старовремска и пропагандистичко-политичка книга и тоа од скутот на земја членка на демократската ЕУ! Замислете сега една книга од 328 страни во која цело време се мудрува за секакви ситници и е преполна со разно-разни детали, дискусии со авторите кои претходно нешто објавиле за Голо Брдо, итн., на крајот има заклучок од неполна една страна!

Нема друг начин да се расветлат причините за создавањето на оваа монографија, освен да се објави во оригинал комичниот заклучок кој изобилува со фрази и ништо вредно не кажува освен главната намера - ископај Бугари во Голо Брдо како знаеш и умееш! Гледано според територијата, бројот на селата и бројот на ископаните Бугари, произлегува дека тука живеат поголем број Бугари на м² отколку во сама маќеа Бугарија! Повелете прочитајте. Се надевам дека ќе го разберете јазикот, бидејќи како што кажува Кнчов (во извештајот на Карнеги комисијата, 1914) „во суштина бугарскиот јазик се базира на македонските дијалекти“[2], а и американските протестанти слависти што им го кодифицирале јазикот на Бугарите, работата ја вршеле од Македонија, слушајќи го тука цело време македонскиот јазик уверувани од Бугарите  дека е тоа бугарски[3]!

VI. Заключителни   думи

Българите от Голо Бърдо живеят вече почти един век административно и териториално в границите на Албания (и като кралство, и като република).

Традиционната им култура, функционирала относително пълноценно в изолирано, затворено пространство до 1991 г., вече се трансформира в друга потип социокултурна система. Миграцията в градовете е причина за забравяне на традиционните песни, на обредността, на местните приказки и разкази.

Самоопределянето обаче остава. Докато е жив споменът за произход от ГолоБърдо, заявяването на голобърдци като (етнически, езиково, културно) различни, ще го има.

За нас тази общност безспорно е българска. Но предаваното по традиция знание за български произход не само не изключва необходимостта от изучаването на местната културно-историческа памет, но и го превръща в императив за българската държава, за българската наука, за всеки любознателен българин, най-малкото защото има значение за самата общност на голобърдците.

Защото за почти един век от 1912 г. насам многобройните промени, на които е

подложена областта, не са успели да изтрият българщината в нея. Те са обаче фактор за разколебаване на етнокултурната и езикова идентичност, среда за формиране на нови идентичности.

Затова връзката с нашите сънародници в Албания не бива да се губи, а трябва непрестанно да се подновява. За някои читатели тази книга е запознанство с тях, за други – поредна среща, а за самите българи от Голо Бърдо е възможност да си припомнят многовековното родство с България, запечатанов традиционните им знания и култура.

 

Ете, толку беше од големиот научен заклучок! Не вреди ни колку заклучоците во дипломските работи на нашите студенти од Институтот за етнологија и антропологија. Значи веселата Веселка, Бугарка по професија, ја оправдала целта на своето постоење. Вредно копала и на крај ископала некакви Бугари. Сега копа во Гора во Косово и во Албанија. Сме слушнале од наши познати од Албанија, дека некогаш бил склучен договор меѓу двете држави - Албанија и Бугарија, со што Бугарија добила  право да го штити своето малцинство! Не сум проверувала дали има вистина во ова тврдење, ама познато е дека Бугарија правела договори и сојузи против Македонците со Србија, со Грција и којзнае со кого уште не. Тоа се потврдува и денес.

Да можат да станат од гробовите сите оние Нашинци кои немајќи друг излез во турско, се крстеле во егзахриските цркви и ги слушале проповедите на учените Бугари пратени тука да моделираат Македонци од нашите деца во бугарските црковни училишта и други бугарски образовни институции. Да станат од гробовите и после толку години да ги видат и денес истите чесни намери на маќеа Бугарија. Онаа во која верувале дека ќе им помогне да се ослободат, заради која многумина загинале или биле убиени млади, а исто толку многу скапувале по затворите во сите можни режими: турски, бугарски, грчки, српски, југословенски/македонски и кој ли уште не. Затоа нашите стари со тажно лице велеа: Жална Македонија...

Нашето разочарување  од оваа жена е огромно. Таа истата пред повеќе од шест години беше во Скопје на тримесечен престој. Тука работеше на проект за музичкиот фолклор и визуелни  медиуми во Бугарија и Македонија. Плачеше дека немала телевизор во хотелот и не можела да ја работи темата. Мојот најдобар соработник и пријател (Љ.Р.) направи сè да ѝ помогне. Од дома ѝ однесе телевизор, плус ѝ помагаше цело време.  Била поканувана во нашите куќи и на нашите скромни трпези. Никој не очекува некакво мерси ама ни ваков низок удар. Нема што да се каже - се познава за каков програмиран научник станува збор.

Добро, ете ние не сме никој и ништо за професионалните Бугари, бидејќи тие во секој Македонец гледаат Бугарин, Србин, Грк и што ли уште не. Но, да видиме што сте и кои се тие?  Самите кажуваат дека во основата на нивниот јазик се македонските дијалекти, слушаат и продуцираат македонска музика, луди се по Македонија...! Што е работата? Јас препознавам само два одговори. Првиот: дека кај нив таму во маќеа Бугарија има многу Македонци - и тоа освен оние кутрите и згазените од Пиринско и други места кои и денес се кажуваат така и трпат разни освети заради тоа, постои критична маса поранешни Македонци - сега бугарски етнички конвертити. А тие се поголеми Бугари од Бугарите, според старото потврдено народно правило дека потурчените се поголеми Турци од Турците. Вториот: дека немаат или не се одушевени од сопствената народна култура, па посегаат со раце и со нозе по нашата - македонската.  Ни еден народ не би посакал да биде во позиција да му биде културна и етничка база на некој друг народ, а истовремено, за да не се примети реалноста, да биде понижуван и негиран по принципот нападот е најдобра одбрана. Секако, ни Македонците не се одушевени од оваа проекција и грда стварност на својот европски сосед.

На крај, за да ги оладам малку професионалните Бугари загрижени за бугарштината како веселата Веселка, им соопштувам во оваа прилика дека група ентузијасти од Голо Брдо, по сопствена иницијатива објавија пет (5) книги со наслов Голобордски фолклор или вкупно 1175 страни. Еве една реченица што ја напишале во воведот на првата книга, без никој да им пика во уста кои се и што се: Пословиците и поговорките кои ги читаме во оваа книга претставуваат вредности на нашиот македонски народ. Нашите прадедовци и дедовци, ни нешколувањето на мајчин јозик, ни други сопки не ги спречиле да го сочуваат и преносат, нашиот богат фолклор и јозик до денес, а наша задача е, овие бисери да му ги преносиме понатаму на нашите деца, и внуци, каде да се“.

Драги загрижени Бугари, овие пет книги се пред мене на маса, но намерно не ви давам повеќе податоци. Помачете се сами да ги најдете. Воздржете се од омраза и злоба кон овие луѓе кои со сопствен труд собрале огромен фонд на материјали од усното народно творештво на Голобрдците, и успеале да ги објават со лични средства од нивните плати и пензии.

Проф. д-р Анета Светиева

Текстот е превземен од Македонска Ризница

http://issuu.com/makedonska_riznica/docs/makedonska_riznica_13



[1]  (Анета Светиева), „Нашинците“ никогаш нема да бидат „Вашинци“ иако имате желба, време, нерви, план и пари, Етнолог, 12-13, МЕД - ИЕА,Скопје 2009, 318-321

[2] CARNEGI Report of the International Commission to Inquire into the Causes and Conduct of the Balkan Wars, Washington, D.C. 1914 , s.27: „Bulgarian linguistists, on their side did the same, and instisted on an essentially Bulgarian basis in the Ma­cedonian dialects“;Поранешните Балкански војни (1912–1913) – Извештај на Карнегиевата балканска комисија, Култура, Скопје 2000, 58.

[3] TSANOFF, Vladimir A., Raport and Letters of American Missionaries: Re­fer­ring to the distribution of nationalities in the former provinces of European Turkey, 1858–1918, Sofia 1919 : Список на места на престој  на протестантите наведени во воведниот текст и во материјалите: Битола (Monastir): 66; Солун (Salonica): 55; Самоков (Samokov): 46; Сер (Seres): 34; Цариград (Constantinople): 34; Едрене (Adrianople): 25; Пловдив (Philip­popolis): 27; Струмица (Strumitsa: 14; Strumnitza: 7) = 21; Корча (Kortcha): 20; Софија (Sofia): 14; Банско (Bansko): 11; Радовиш (Radovish): 10; Скопје (Uskub: 4; Skopia: 5) = 9; Велес (Veles): 8; Неврокоп, ден. Гоце Делчев (Nevrokop): 8; Горно Броди (Upper Brody, Gorno Brody, Brody): 8; Разлог (Rasloge): 8; Моноспитово (Monospitovo): 8; Ениџе Вардар (Vardar Enidje: 2; Yenedye: 2; Yenidji: 1; Enidji): 2 = 7; Драма (Drama): 6; Прилеп (Perlepe: 4; Prilep) 2 = 6; Горна Џумаја, ден. Благоевград (Djumaya): 6; Кукуш (Kokush: 1; Ku­kush: 4; Koukoush): 1 = 6; Кавадарци (Kafadartsi): 5; итн.