Во областите Голо Брдо и Мала Преспа се одржаа прослави по повод денот на двата Илиндена.
На прославата во областа Голо Брдо присуствуваше македонскиот амбасадор во Албанија Веле Трпевски, пратеничката Лилјана Поповска, како и делегација од невладината организација ГИ НЕ-ИМА од Прилеп која се состоеше од играорни група ,,Пелагонка,, од Обршани, Македонија, и преставник од ГИ НЕ-ИМА, претседателот Борис Темоски.
Некогаш прославите се одржувале над селото Гиноец, каде што постоеше црквата „Свети Илија“, додека од пред четири години Илинден заеднички се слави во Требиште.
Организатор на прославата беше координаторот на партијата Македонска Алијанса за европска интеграција во Голо Брдо Едмунд Османи.
Во областа Мала Преспа по повод Илинден, по шести пат се одржа македонското културно лето кое започна на 1-ви август со претставата „Ајде да си речиме уште една“ на театарот „Григор Прличев“ од Охрид во режија на Андреј Цветановски.
На 2-ри август премиерно се прикажа претставата „Револуционери“ копродукција на здружението „Сонце“ и театарот „Јордан Хаџиконстантинов Џинот“ од Велес.
Kореодрамата „Мала Преспа – голема македонска песна“ во кореографија на Маја Kаревски, а во продукција исто така на здружението „Сонце“ се прикажа на 3 август.
Фестивалот го организираше здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“ со претседател Едмон Сотир, додека го финансираа македонското Министерство за култура, Општина Велес, театарот „Јордан Хаџиконстантинов Џинот“ и „Kожувчанка“. (Македониум)