Во Пустец одржан „Фестивал на поезијата – мост на поврзување меѓу Македонија и Албанија”

Во Пустец денеска одржана е манифестацијата „Фестивал на поезијата – мост на поврзување меѓу Македонија и Албанија”.

– Овој значаен настан, кој се одржа во дворот на гимназијата „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колефски“ во Пустец, ги обедини младите љубители на литературата од Македонија и Албанија. Учениците и наставниците од гимназијата од Пустец, гимназијата „Цар Самоил“ од Ресен, како и студенти и професори од Универзитетот „Фан Ноли“ од Корча, заедно ја славеа поезијата, објави Васил Стерјовски.

Додава дека презентирајќи творби од познати македонски и албански поети создадоа магична атмосфера, која ја истакна моќта на литературата да сплотува, инспирира и да гради мостови на пријателство.

– Културата, литературата и поезијата продолжуваат да бидат нашата заедничка нишка – поврзување меѓу младите, градење нови пријателства и продлабочување на соработката меѓу двата народа, посочува Стерјовски, кој е професор на универзитетот во Корча.

Според него, заедничка порака била да го негуваат духот на поезијата и да создаваат повеќе вакви незаборавни моменти.

©Македониум