Македонска Алијанса ја претстави изборната програма на албанската државна телевизија

Македонската патија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, на 1-ви јуни 2013 година на албанската државна телевизија ја претстави изборната програма

Постигнувањата на партијата, или како што рече, бројни резултати во кои сме вткаени сите заедно и идните залагања во петминутниот термин ги претстави Валбона Сербин, кординатор на младите на МАЕИ.

 

Таа рече дека МАЕИ е единствената партија која се грижи за заштита и афирмација на македонскиот идентитет во Република Албанија, за унапредување на положбата и правата на Македонците на целата територија на Република Албанија и континуирано ја подига свеста за посебниот македонски идентитет, за интеграција на Македонците во институциите на власта во Република Албанија и во промоција на Македонците во Албанија.

 

– Македонска алијанса во договор со трите поголеми парламентарни партии во Албанија успеа да издејствува:  Парламентот на Република Албанија со закон да ги врати македонските топонимии на селата во Мала Преспа, албанизирани во времето на Енвер Хоџа, да се отворат граничниот премин Џепиште – Требиште во Голо Брдо и граничниот премин Шиштавец – Крушево во областа Гора, нејзини активисти организираа курсеви по македонски јазик во повеќе места во Албанија, како Голо Брдо, Гора, Тирана, Корча, Билишта, ги нтенизивира средбите со домашни и меѓународни претставници и го поткрена прашањето за положбата и правата на Македонците во цела Република Албанија, рече Сербин.

Таа ги наброја и залагањата на МАЕИ за наредниот период, кои се насочени кон признавање на Македонците на целата територија на Албанија, изучување на македонскиот јазик во образовниот процес во Голо Брдо и Гора, како и во градовите каде што живеат Македонците во Албанија, економски развој на областите каде што живеат Македонци, признавање на Република Македонија од страна на Република Албанија под уставното име, правична и сразмерна затапеност на Македонците во сите институции на Република Албанија, полиција, судство, јавна администрација.

 

– Ве повикуваме да го дадете својот глас за Македонска алијанса за европска интеграција, затоа што Македонската партија е единствена гаранција дека ние Македонците можеме и мораме да се избориме самите за нашите права, за унапредување на нашата положба во Република Албанија, рече на крајот Валбона Сербин. (Македониум)