МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА ЈА ЗАПОЧНА ПРЕДИЗБОРНАТА КАМПАЊА ОД ПЛОШТАДОТ “ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ” ВО ПУСТЕЦ

Македонска алијанса за европска интеграција ја започна изборната кампања за парламентарните избори во Албанија што се одржуваат на 23 јуни 2013 година. Првиот предизборен митинг единствената македонска партија во Албанија го одржа неделава на 26 јуни во Пустец, Мала Преспа.


На предизборниот митинг во Пустец освен партиското раководство на Македонска алијанса присуствувше и претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров и други гости од Република Македонија.

Ниеден Македонец во Република Албанија да не гласа за ниедна албанска партија, бидејќи тие ги штитат интерестите на албанците. Секој глас даден за нив е глас против Mакедонците и против интересите на македонскиот народ. Да се обединиме за нашата иднина и иднината на нашите деца. Ова е повикот што го упати претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција, Едмонд Темелко.

На митингот се обрати и носителот на листата за округот на Корча од Македонска Алијанса, Валентина Нестор. Според неа Македонците треба да се обединат за да ги постигнат сите стандарди што ги уживаат малцинствата во една демократска држава. “Ние како Македонци да бидеме рамноправни овде во Албанија, а не дискриминирани како што сме во моментов од сите државни институции. За да успееме да бидиме рамноправни со Албанците мораме да имаме барем еден пратеник во aлбанскиот парламент“, додаде Нестор.

Свое обраќање имаа и носителите на листите на регионот на Пешкупија, Тирана и Кукс.

“Обединети во Македонска алијанса, го кренавме гласот за нашите права и слободи, за подобрување на нашата положба во Албанија

Ова е доказ дека ако сме обединети сите Македонци од Гора, Преспа, Голо Брдо и насекаде низ Албанија, ќе бидеме уште посилни и никој не ќе може да не скрши”-истакна Бесим Мемишај носител на листата на округот Кукс.

 

“Преку Македонска алијанса во Голо Брдо успеавме за прв пат да отвориме македонски курсеви за нашите дечиња. Сега бараме од албанската држава да не признае како Македонци и институционално во училиште нашите деца во Голо Брдо да го изучуваат македонскиот јазик, исто како во Преспа. И знаеме дека со Македонска алијанса ние тоа и ќе го постигнеме, затоа што Македонска алијанса е единствената партија во Албанија која се грижи за правата на сите Македонци во Албанија” - истакна Бесник Хасани носител на листата на регионот Пешкупија.

 

Додека носителот на листата на регионот Тирана, Аднан Ќејвани истакна дека Македонците ги има не само во Преспа, туку и во Гора, Голо Брдо, Тирана, Корча, Билишта, Поградец, Елбасан, Драч, Кукс...низ цела Албанија. Македонска алијанса е гаранција за правата на Македонците во Голо Брдо, Преспа, Гора, во цела Албанија, истакна Ќејвани.

Македонска алијанса за европска интеграција е во изборната коалиција „Алијанса за работа, благосостојба и интеграција“ која ја сочинуваат 25 партии, предводена од Демократската партија на Сали Бериша и настапува со 86 кандидати Македонци во сите 12 изборни единици.
На гласачкото ливче, МАЕИ е под број 63, и ќе стои името на партијата и нејзиниот симбол - знамето со шеснаесеткракото сонце, жолто на црвена основа. (Македониум)