Македонија и Албанија можеа попрагматично да ги развиваат односите: Интервју со Салим Керими

Публицистот и дипломат Салим Керими неодамна издаде нова книга „Аспекти на југословенско и македонско – албанските односи и соработка (1945-1991-2000)“, чие објавување се совпадна со одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Република Албанија. Негов заклучок е дека во југословенскиот период учеството на НР/СР Македонија во вкупната југословенско-албанска соработка била значителна и мошне важна, додека по осамостојувањето на Република Македонија, меѓу двете земји започна интезивна комуникација. И покрај разликите по одделни прашања од меѓусебните односи во 90-тите години на минатиот век двете земји развиваа мошне интензивна политичка комуникација и плодна соработка во разни области.

Салим Керими

Г-дине Керими, вашата нова книга „Аспекти на југословенско и македонско – албанските односи и соработка (1945-1991-2000)“ претставува веројатно прва книга на македонски и на кој и да е друг јазик, во која се третирани одделни аспекти на учеството на НР/ СР Македонија во југословенско-албанската соработка и за македонско-албанските односи, во периодот од 1945 до 2000 година.

Да, мојот најнов труд претставува прва книга во која се третирани одделни аспекти на учеството на НР/СР Македонија во вкупната југословенско-албанска соработка, односно на македонско-албанските односи во наведениот период. Во минатото, со внатрешните состојби во Албанија се занимаваше сега веќе покојниот публицист и политичар Милчо Балевски, додека со статусот на припадниците на македонското национално малцинство во соседна Албанија се занимаваа повеќе македонски автори и посебно проф. д-р Катерина Тодоровска. За разлика од ова, со вкупните македонско-албански односи и соработка, ниту во т.н. „југослаовенски“ период ниту пак во поново време, за жал до сега, не се занимавал реќиси никој, вклучително ниту еден македонски или албански дипломат кои последните три децении биле работно ангажирани во ДКП на нашата земја во Тирана, односно на Албанија во Скопје. Поради ова и неколку други причини пишувањето и објавувањето на оваа книга за мене претставуваше голем предизвик, но истовремено и еден вид голема „привилегија“.

Зошто во книгата се осврнувате токму на овој период?

Да, станува збор за период од повеќе од пет децении кој, според мене, претставува најкритичниот и најинтересниот период на односите на ФНР/СФР Југославија и СР Македонија/ Република Македонија со Албанија. Како што е познато, во годините меѓу 1945 и 1991 година југословенско-албанските односи се карактеризираа со нагли „скокови“ и „падови“, обременети со разни обострани предрасуди и недоразбирања, контроверзии и непријателства. Друга причина за пишување на оваа книга претставува и фактот дека во периодот од 1979 до 2000 година, во разни својства, јас бев сведок и учесник во голем број контакти и активности на разните претставници на двете земји. Поради тоа чувствував еден вид граѓанска и пред сè професионална обврска моите сознанија да ги ставам на хартија пред за тоа да биде предоцна.

Кои прашања се третирани во најновата ваша книга?

Книгата е напишана на 570 страници, збогатена со 703 фусноти, списоци на користените извори и литература, на фотографии, табели и кратенки, како и индекс на имињата. Текстот е напишан со едноставен и разбирлив (македонски) јазик. Содржините и настаните што се опишани во неа се третирани тематски и хронолошки. И покрај тоа што изнесените оцени се темелени врз обемна архивска и друга документација, тие не треба да се толкуваат како официјални гледишта на која и да е институција на Република Македонија, односно на Република Албанија.

Текстот на книгата е поделен во осум засебни глави во кои посебно внимание е посветено на следните прашања: поважните аспекти на југословенско-албанските односи и соработка, во периодот по Втората светска војна и сè до десолуцијата на СФР Југославија; одделни аспекти на учеството на НР/СР Македонија во југословенско – албанската соработка, во периодот т.н. „југословенски период“; оценките, на одделни албански и странски автори за Енвер Хоџа, Неџмие Хоџа, Мехмет Шеху, Рамиз Алија и за Сали Бериша; поважните аспекти на случувањата во Албанија, на почетокот на 90-тите години на 20. век; ставот на албанските највисоки раководители во врска со отворањето на претставништвото на Република Македонија во Тирана; воспоставувањето дипломатски однсои меѓу двете земји; дилемите на некои албански раководители во врска употребата на уставното име на Република Македонија; официјалните контакти меѓу двете земји во периодот меѓу 1991 и 2000 година… се разбира и за трагичните настани во Албанија во 1997 година. Книгата содржи и два засебни прилога за Албанците во Македонија и Македонците во Албанија.

Моите размислувања и толкувања на прашањата за статусот на Косово во „југословенскиот“ период, описот на трагичните настани во Албанија во 1997 година, и прилогот за Македонците во Албанија, би можел да ги оценам како мои „оригинални“ согледувања.

Дали Југославија, Македонија и Албанија можеле порационално и попрагматично да се однесуваат при развојот на меѓусебните односи и соработка?

Според моите сознанија и сфаќање на работите, во наведениот период најодговорните политичари/ раководители на двете, односно трие земји, секако дека можеле да бидат по рационални и попрагматични при развојот на меѓусебните односи и соработка. Одговорноста за секаква постапка прво треба да се побара кај себе а потоа и кај другите, во конкретниот случај кај големите сили, кои многу работи ги кројат и редат зад затскриени врати. Така било од секогаш, а за жал така и ќе продолжи да биде и во иднина. За познатиот лошиот развој на настаните и односите меѓу Југославија и Албанија, одговорност имаат тогашните највисоки раководители на двете земји, но судејќи според развојот на настаните, најголемата оддгорност, според мене, сепак ја имал Енвер Хоџа.

Дали книгата е веќе промовирана?

Промоцијата на книгата планирам да ја направам во догледно време во Скопје, а можеби и во Тирана. Бидејќи јас сум и издавач на книгата, таа ја нема во ниту една книжара ширум земјата, но ја има кај мене и засега во повеќе библиотеки во Скопје и Охрид, а наскоро ќе ја има и во библиотеките во Гостивар, Тетово, Кичево, Струга, Ресен, Битола, и во други градови. Во странство, засега книгата ја има во Националната библиотека во Тирана. (Н.В.

https://nezavisen.mk/makedonija-i-albanija-mozhea-popragmatichno-da-gi-razvivaat-odnosite-intervju-so-salim-kerimi/