ЖАЛНА ВЕСТ: КИРИЛ КОСТАДИНОВ ИВАНОВ 1942-2024

На 31 јануари, по кусо боледуваање, во благоевградската болница почина Кирил Костадинов Иванов, македонски национален деец, публицист и современ македонски херој од Пиринска Македонија, Бугарија.

Кирил Костадинов Иванов е роден на 4 мај 1942 година во село Илинденци, Пиринска Македонија.

Кирил Костадинов Иванов живее во градот Сандански, цел живот активно се бори за македонските права и слободи во Бугарија.

Во 1961 година Кирил бил еден од основачите на илегална македонска организација наречена ВМРО, а подоцна соработувал со брат му Јордан, кој е уапсен и затворен.

Кирил Костадинов Иванов е еден од основачите на ОМО ИЛИНДЕН, формирана на 14 април 1990 година во град Сандански, Пиринска Македонија.

1991 година при собирање потписи за заштита на правата на Македонците е тепан од бугарската полиција, едвај не му истекло едното око.

Заедно со членовите не ОМО Илинден Владимир Иванов Коцелов, Димчо Димитров Христов и Ангел Георгиев Шаров во 1999 година покренуваат тужба против Бугарија пред Европскиот суд за човекови права и го добиваат делото. Европскиот суд за човекови права на 11 јануари 2018 година, повторно пресудува во негова корист по тужба против државата Бугарија за заштита на правото на собир и здружување (https://humanrights.bg/Contents/Item/Display/18418).

Кирил Костадинов Иванов е брат на покоен Јордан Костадинов, поранешен долгогодишен претседател на ОМО ИЛИНДЕН, страдалник по бугарските комунистички затвори, со кого беа неуморни борци за човековите права и граѓанските слободи на Македонците во Пиринска Македонија и во цела Бугарија. И Кирил и Јордан Костадинови и голем број други наши сонародници дејствувале во најтешкиот период за Македонците во Пиринска Македонија – времето на комунистичкиот диктатор Тодор Живков, чиј режим им нанесе многу зла не само на Македонците, туку и на Бугарите воопшто. Во овој црн период отпорот на Кирил Иванов и на неговите соборци се состоел од активности во зачувувањето на македонската национална свест на Македонскиот народ во Пиринска Македонија, во прибирање на малку познати и криени (од бугарската јавност) историски податоци за историската самобитност на Македонците, зачувување (во форма на записи) на македонското фолклорно богатство од постари Македонци и слично.

Колку бизарен бил комунистичкиот (во голема степен и нацистички) режим, според кој, освен Бугари, наводно „немало“ други народи во Бугарија, најдобро се гледа по судбината на Кирил Костадинов Иванов, кога неговата сопруга Трендафила (закоравена бугарска шовинистка – типичен производ на пропагандата на Тодор Живков), по честите кавги со Кирил околу националноста на Македонците, го пријавила во милицијата како “македонски националист“. Врз основа на нејзината пријава, за Кирил било отворено досие во Службата на државна безбедност, редовно надополнувано со извештаи од шпионите кои биле уфрлувани во неговиот живот.

За време на апсењето и затворањето на неговиот брат Јордан и неговиот соборец Кирил Панчев, и во домот на Кирил Костадинов Иванов милицијата извршила претрес и му одзела вредни собрани материјали. Подоцна и неговата втора сопруга го шпионирала во милицијата. Сепак, и покрај тоа, Кирил Костадинов Иванов не само што и натаму јавно зборувал дека никој не може да го разубеди дена не е Македонец, туку и завршил факултет за ветерина и на работното место покажал завидни резултати.

По падот на комунизмот во Бугарија, Кирил Костадинов Иванов активно се вклучил во активностите на македонските организации, што подетално го опишува во неговото автобиографско дело “Мојата борба за македонски правдини во поробена Пиринска Македонија“, која исто како и неговите статии, е пишувана на пиринскиот дијалект.

Кирил Костадинов Иванов во изминатите 34 години од постоењето на ОМО ИЛИНДЕН заземаше високи функции во организацијата. Последно бил околиски претседател на ОМО ИЛИНДЕН за Благоевградската (Горноџумајска) околија.
За време на својот живот издал повеќе статии за македонското народно движење во Пиринскиот дел од Македонија.
Кирил Костадинов Иванов беше пратеник во Генералното собрание на Светскиот Македонски Конгрес.

И после се’, Боже на духовите и на секое тело, успокој ја душата на починатото твое чедо и наш брат во Господа Кирил Костадинов Иванов, прости му ги прегрешенијата волни и неволни, направени со збор, со дело или со помисла, и како Благ и Човекољубив, насели ја неговата душа во место светло, место блажено, место мирно, место каде што почиваат праведниците, место каде што нема ни жал, ни воздишка, но живот Бесконечен… Неговото дело и мисла ќе не прогонуваат: Борете се за Македонците и за Македонија!
Вечнаја памјат и Бог да го прости, почивај во мир…

СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС