Македонците од Голо Брдо, Албанија го прославија отварањето на граничниот премин Џепиште Требиште

Со зурли, тапани и музика, Македонците од областа Голо Брдо на 17 мај 2013 година го прославија отварањето на граничниот премин Џепиште-Требиште.

Стотина Македонци, и политичките претставници на Македонците во Албанија во присуство на министрите за внатрешни работи на Македонија и Албанија, Јанкуловска и Нока го дочекаа денот на официјалното пуштање во употреба на преминот кој ќе функционира како заеднички

- Луѓето од двете страни на границата ќе можат да развиваат бизнис, трговија. Ние од наша страна интензивно ќе ги продолжиме работите околу асфалтирањето на патниот правец од преминот до Требиште во должина од четири километри - изјави Нока.


Искажувајќи задоволство што присуствува на овој свечен чин, министерката Јанкулоска нагласи дека отворањето на преминот веќе подолго време го бараа жителите од двете страни на границата.

- Убедени сме дека отворањето на овој граничен премин ќе им го олесни животот на граѓаните од овој регион. Ваквиот систем на функционирање со единствена гранична контрола е показател за одличната соработка на полициите на двете земји - рече Јанкулоска.

Премиерите на Република Македонија и Република Албанија, Никола Груевски и Сали Бериша во 2008 година потпишаа договор за отворање нов граничен премин, но истиот не можеше да се спроведе поради технички проблеми. Новиот договор беше потпишан минатиот ноември.

Жителите на општина Требиште во Албанија, повеќе од 20 години бараат отварање на овој граничен премин.

Тие велат дека луѓето мора да патуваат и по 70 километри до најблискиот граничен премин кај Блато за да можат да ги посетат роднините и пријателите или за бизнис преку границата која е оддалечена 4 километри.

Преминот е особено важен за 12.000 локални жители и ќе го запре процесот на миграција од овој регион поради лошата економска ситуација и лошата инфраструктура. Во изминатите 20 години е инвестирано малку во овој дел од Албанија, каде што живеат голем број Македонци. Најблизок град е Пешкопеја, оддалечен 80 километри, и дотаму нема асфалтиран пат.

- Ставањето во функција на овој граничен премин ќе го запре иселувањето на Македонците од оваа најсиромашна област во Албанија. До пред дваесет години во областа живееjа над 35.000 Македонци, сега не има околу 12.000, а нема пат, водовод, канализација, амбуланти, училишта - велат од Македонците од Голо Брдо.

Македонската партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција на секоја своја средба во изминатите години со преставници на албанските и македонските институции лобираше за отворање на овој граничен премин.
Од македонска страна асфалтиран е пат до самото место каде што ќе се отвара граничниот премин, додека од албанска страна лошата е патна инфраструктура. На почетокот на ова година тендериран е патот и пред еден месец започнато е со асфалтирање на патот во должина од 4 километри од граница до центарот на Требиште. (Македониум)