Единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) на својот Четврти Конгрес кој се одржа во Корча, Република Албанија донесе Резолуција за унапредување на положбата, правата и слободите на Македонците во Република Албанија која беше испратена до албанските институции и мегународните организации.
Врз основа на Статутот на Македонска алијанса за европска интеграција, Четвртиот Конгрес на Македонска алијанса за европска интеграција, одржан на 29 јули 2023 година во Корча, донесе
РЕЗОЛУЦИЈА
за унапредување на положбата
правата и слободите на Македонците во Република Албанија
(1) Македонците во Република Албанија го почитуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Република Албанија и неповредливоста на нејзините граници.
(2) Македонците во Република Албанија се залагаат за љубов, мир. толеранција и коегзистенција во албанското општество.
(3) Македонците во Република Албанија се сметаат за неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ.
(4) Македонците во Република Албанија во унапредувањето на положбата и правата и слободите, ќе соработуват со Македонците и нивните здруженија на граѓани и политички партии во Република Македонија и во целиот свет.
(5) Македонците во Република Албанија го поттикнуваат развојот на заемните братски и добрососедски односи и се залагаат за унапредување и продлабочување на соработка во сите сфери меѓу Република Албанија и Република Македонија.
(6) Се изразува согласност Република Албанија да се гради како мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество со еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, независно од нивното мислење, етничко потекло, верско уверување, политичка припадност и имотна и општествена положба.
(7) Се бара признавање на правата и слободите на Македонците на целата територија на Република Албанија, посебно во областите Гора и Голо Брдо, а не само во областа Мала Преспа.
(8) Се бара соодветна и правична застапеност на Македонците во органите на државната власт и другите јавни институции и во локалната самоуправа на сите нивоа.
(9) Се бара да имаме загарантирани места во албанскиот парламент за сите малцинства.
(10) Инсистираме Собранието на Албанија да донесе нова територијална реформа со цел да се оформат две посебни општини во Гора и Голо Брдо
(11) Се бара економски развој на областите Мала Преспа, Голо Брдо, Гора и Врбник, со посебен буџет од албанската влада така како што и народниот правобранител на Република Албанија во својот извештај од 2014 година за положбата и правата на националните малцинства укажа на лошите услови за живот и работа во регионите каде тие живеат.
(12) Бараме што побрзо да се донесе одлука граничниот премин Џепиште-Требиште да работи 24 часа.
(13) Освен албанскиот јазик како службен јазик на целата територија во Република Албанија и во нејзините меѓународни односи, се бара во единиците на локалната самоуправа каде што најмалку 10% од граѓаните се Македонци, службен јазик да биде и македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
(14) Се бара личните документи (матичните евиденции на родените, венчаните и умрените, личните карти и пасошите) на Македонците да им се издаваат освен на албански јазик и неговото латинично писмо и на македонски јазик и неговото кирилско писмо.
(15) Се бара настава на македонски јазик во основното, средното и високото образование.
(16) Се бара повторно да се обнови Лекторат по македонски јазик на државниот Универзитет во Тирана.
(17) Од институциите на власта на Република Албанија се бара да ги почитуваат и гарантираат слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање на македонски јазик.
(18) Се бара државата да ја гарантира слободата на здружување на Македонците без никакви ограничувања, заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.
(19) Се изразува согласност за почитување на слободата во правото на вероисповедта и формирањето на верските заедници.
(20) Се бара формирање на посебен државен телевизиски и радио канал за малцинските етнички заедници во Република Албанија и соодветна застапеност на програмите на државната и локалните телевизии и радиа на јазиците на малцинските етнички заедници, меѓу кои и на македонскиот јазик.
(21) Се бара Владата на Република Албанија да го помага издавањето на весници на македонски јазик.
(22) Се бара организирање попис на населението според сите меѓународни стандарти на којшто ќе се овозможи слободно изјаснување со посебни графи на пописните листи за етничкото потекло на граѓаните на Република Албанија, меѓу кои да има и графа “Македонци”.
(23) Најостро ги отфрламе обидите за денационализација на Македонците во Албанија од страна на Бугарија што таа го прави со злоупотреба на ветото за членство на Албанија во Европската Унија!
(24) Македонците во Република Албанија се согласни за полноправното членство на Република Албанија во Европската Унија и НАТО-Алијансата и со своето однесување и постапки ќе придонесуваат да се постигнат евро- атлантските стандари во сите сфери на општеството и државата.
(25) Очекувме помош и акција на Европската Унија, ОБСЕ, Советот, НАТО и Обединетите Нации во имплементацијата на точките од оваа Резолуција и постигнувањето на евро-атлантските стандарди во Република Албанија.
(26) Македонците и нивните претставници во имплементацијата на оваа Резолуција ќе соработуваат со останатите малцински етнички заедници во Република Албанија и нивните претставници, со институциите на власта на Република Албанија и со меѓународната заедница.
(27) Оваа Резолуција влегува во сила со нејзиното донесување.
(28) По еден примерок од оваа Резолуција се доставува до: архивата на Партијата, делегатите на Четвртиот Конгрес на Македонска алијанса за европска интеграција, Парламентот, Претседателот и Владата на Република Албанија, Парламентот. Претседателот и Владата на Република Македонија; и ОБСЕ, Советот на Европа, ЕУ и ООН.
29 јули 2023 година
Корча