Протест на Македонците во општина Пустец за снабдување со огревно дрво

Македонците од општина Пустец годинава не можат да обезбедат огревно дрво. Се ближи зимата и немаат каде да најдат огревно дрво. Порано ги обезбедуваше општината, но сега сечењето дрвја не го дозволува Националната агенција за заштитени подрачја.

На две недели пред официјалниот почеток на зимата жителите на Пустец протестираат за огревно дрво. Годинава е невозможно да се обезбеди огревно дрво како резултат на рестрикциите наметнати од Агенцијата за заштитени подрачја.

„Има 10 години како ги купувавме дрвата, оваа година ништо. Периодот е критичен, и уште, не сме добиле дрва. Сакаме да одиме да ги купиме дрвата според правилата“, рече Цветко Китани, претседател на месната заедница на село Леска.

„Општината секогаш ги обезбедувала дрвата, сега ни велат дека директорката на заштитени подрачја не сака. Без дрва не можиме да седиме, планинска земја сме“, вели друг жител.

Протестот се одржа пред општината, токму денот кога се очекуваше посетата директорката на Националната агенција за заштитени подрачја, која ја откажа посетата на Пустец, а жителите беа примени од градоначалникот Пали Колевски кој го поддржа протестот.

„Ги поддржувам жителите во нивното барање за снабдување со дрва бидејќи тоа е елементарно право. Ние сме планинска област и огревното дрво е незаменливо. Општината од мај направи список на жители за можни барања колку огревно дрво можеби ќе им треба за зимата. Барањето го упативме до Агенцијата за заштитени подрачја. Сметавме дека ќе се реши како и претходните години, преку работи за подобрување. Во изминатите години дрвата ги обезбедувавме со санација бидејќи не е дозволено сечење дрва во заштитените подрачја. Предложивме дрвата да се поделат во текот на денот, особено на сиромашните семејства“, рече градоначалникот Колевски.

За снабдување на 800 семејства потребни се до 8 илјади м3 огревно дрво. Општината чека дозвола од Националната агенција за заштитени подрачја за спроведување на договорот, бидејќи целата територија на општината има статус на национален парк Преспа.

©Македониум