ПРОМОЦИЈА НА “СОБРАНИ ДЕЛА – ПРВ ТОМ“ ОД СПАСЕ МАЗЕНКОВСКИ

Македонското друштво “Сонце”, заедно со единствената Македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, по повод 70 години од раѓањето на Спасе Мазенковски и 11 Октомври – Денот на востанието на Македонскиот народ, во своите простории во Пустец организира промоција на првиот том “Собрани дела“ на Спасе Мазенковски кои за првпат се објавуваат на македонски јазик.

Издавач на книгата е печатницата “Менора”, а промотор на книгата беше проф.д-р Катерина Тодороска.

Пригодни обраќања на промоцијата за животот и делото на Спасе Мазенковски имаа ќерката на Спасе Мазенковски – Елеонора Мазенковска Стојан, претседателот на Македонската партија во Албанија Васил Стерјовски, градоначалникот на општина Пустец Пали Колефски, уредникот на Македонското радио во Австралија “Трипати зет“ Ицо Најдоски, поранешниот градоначалник на општина Пустец Едмонд Темелко, преседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, новинарот Кирил Добрушевски од Битола и советникот во општина Пустец Ефтим Митревски.

Сите говорници евоцираа спомени од животот на Спасе Мазенковски и неговите дела. Ќерката на покојниот Спасе Мазенковски, Елеонора Мазенковска Стојан изрази благодарност до проф.д-р Катерина Тодороска, која прифатила да ги обработи и објави ракописите од необјавените дела на Спасе Мазенковски. Проф.д-р Катерина Тодороска информира дека за очекување се и наредни томови од ракописите на Спасе Мазенковски кои ќе се објават дополнително, за што јавноста ќе биде благовремено известена.

На промоцијата присуствуваа и парохискиот свештеник во Пустец отец Алекс Темелко и претседателот на Матицата на иселениците од Македонија Иван Петрески.

Присутните ја прифатија иницијативата за организирање традиционална годишна Културна манифестација која би се организирала секоја година во Пустец, со литературни читања од делата на Спасе Мазенковски и Стерјо Спасе.

Делегација од организаторите на промоцијата положија свежо цвеќе и запалија свеќи на гробот на Спасе Мазенковски во неговото родно место Леска, и ја посетија неговата сопруга Наташа Мазенковска и се задржаа во разговор со неа.

©Македониум