ВО ТИРАНА СЕ ОДРЖА ВТОР КОНГРЕС НА ЕДИНСТВЕНАТА МАКЕДОНСКА ПАРТИЈА СО СЛОГАНОТ ОБЕДИНЕТИ И ИНТЕГРИРАНИ!

На 6 април 2013 година во големата сала на Националниот историски музеј во Тирана се одржа Вториот конгрес на единствената македонска партија во Република Албанија - Македонска алијанса за европска интеграција.


На конгресот присуствуваа 138 делегати од Мала Преспа, Корча, Билишта, Поградец, Тирана, Елбасан, Драч, Гора, Кукс, Голо Брдо, Требишта, Мало Острени, Шиштавец и Пакишта, од осумте регионални и седумте општински организации.

Делегатите ги избраа работните тела на Вториот конгрес: работно претседателство во состав Васил Стерјовски, претседавач и членови Елена Зоркала, Спасе Мазенковски, Аднан Кејвани и Агрон Фетаху, и верификационо-изборна комисија во состав Тања Никола претседател и членови Елена Нечовски и Тодор Коламовски.


Делегатите ги разрешија органите на македонската партија за периодот 2009-2013 година и избраа нови членови на органите на македонската партија за периодот 2013-2017 година. Вториот конгрес избра централен комитет на македонската партија составен од 45 членови, којшто во паузата на конгресот, на својата прва седница за потпретседатели на македонската партија ги избраа Аднан Кејвани од Гора, Бесник Хасани од Голо Брдо и Таќо Гроздани од Мала Преспа, а за генерален секретар Васил Стерјовски. Централниот комитет го прогласи составот и на 13-члениот Извршен комитет на македонската партија.


Поранешниот генерален секретар на македонската партија Таќо Гроздани од Корча, во својот говор истакна дека недоразбирањата во партијата се надминати и повика на единство и обединување на сите Македонци во Албанија во единствената македонска партија - Македонска алијанса за европска интегерација. На тој начин сосема јасно беше ставено до знаење дека завршија сите обиди за формирање на втора македонска партија и дека се стави крај на евентуална поделба на Македонците во Албанија. Делегатите со громогласен аплауз го поздравија обединувањето на Македонците во Албанија во една и единствена македонска партија!

 


На Вториот Конгрес на македонската партија како гости присуствуваа Веле Трпевски амбасадор на Македонија во Тирана, Тодор Петров претседател на Светскиот Македонски Конгрес, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски претседател на политичката партија Македонска алијанса од Република Македонија истовремено македонски сенатор и почесен претседател на Светскиот Македонски Конгрес, Антонио Димовски потпретседател на Светскиот Македонски Младински Конгрес, Ацо Димоски заменик генерален секретар на Светскиот Македонски Конгрес, Исмаил Бојда претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија, Ташко Јованов претседател на Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН, Јанче Андоновски претседател на Републичкото здружение на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, Симеон Иванов Канго претседател на здружението МАКТЕОН и Живко Поповски претседател на Здружението за културни традиции МАКЕДОНИЈА.

 


На Вториот конгрес на македонската партија присуствуваа Илија Ѓока претставник на Влашката заедница во Албанија и Даниел Хисени претставник на Ромската заедница во Албанија.

До Вториот Конгрес поздравни телеграми испратија Партијата за човекови права на Грчката заедница во Албанија, Српско-црногорската заедница во Албанија, Еѓиптјанската заедница во Албанија, Партијата на Македонците во Грција ВИНОЖИТО, Партијата на Македонците во Бугарија ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН, здружението ОМД и амбасадорот Ристо Никовски.
На Вториот конгрес поздравни обраќања имаа амбасадорот на Македонија во Тирана Веле Трпевски, претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, претседателот на политичката партија Македонска алијанса од Република Македонија Ѓорѓија Џорџ Атанасоски истовремено македонски сенатор и почесен претседател на Светскиот Македонски Конгрес, претседателот на Сојузот на Македонците со исламска религија Исмаил Бојда, претседателот на Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН Ташко Јованов, претседателот на Републичкото здружение на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија Јанче Андоновски, претседателот на здружението МАКТЕОН Симеон Иванов Канго, како и претставникот на Влашката заедница во Албанија Илија Ѓока и претставникот на Ромската заедница во Албанија Даниел Хисени.


Амбасадорот Веле Трпевски ги пренесе поздравите од македонскиот министер за надворешни работи Никола Поповски за успешна работа на Вториот конгрес на македонската партија во Албанија и потенцира дека македонската амбасада во Тирана останува отворена за помош на Македонците во унапредувањето на нивната положба и права во Албанија.

Претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров повика на семакедонско помирување и обединување заради победа на престојните парламентарни избори во јуни 2013 година во Албанија.

Претседателот на Македонската алијанса од Република Македонија Ѓорѓија Џорџ Атанасоски укажа на значењето од единство меѓу Македонците во Албанија и посака позитивни резултати на наредните парламентарни избори.

Претседателот на Сојузот на Македонците со исламска религија Исмаил Бојда апелираше на единство меѓу христијаните и муслиманите, Македонци по потекло, во нови битки за права и слободи во Албанија.

 


Претседателот на Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН Ташко Јованов укажувајќи дека Македонци од Егејскиот дел на Македонија има и во Албанија, ги поздрави делегатите со надеж дека и Македонците во Грција ќе ги остварат своите права на имиња и презимиња, топоними и образование на македонски јазик, како и Македонците во Албанија.

Претседателот на Републичкото здружение на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија Јанче Андоновски упати честитки за обединувањето и посака победа на престојните парламентарни избори, Македонец пратеник во Собранието и Македонец министер во Владата на Република Албанија.

Претставникот на Влашката заедница во Албанија Илија Ѓока и претставникот на Ромската заедница во Албанија Даниел Хисени во своите поздрави до делегатите на Вториот конгрес на македонската партија во Албанија изразија подготвеност за соработка, координација и размена на искуства и информации меѓу етничките заедници во Албанија со цел унапредување на нивната положба и права во Република Албанија.


- Колку сме, толку сме, токму сме. Не заборавајте, дека сепак, многу сме. И пред се’, Македонци сме! Не’ има не само во Мала Преспа, туку и во Голо Брдо, Гора, Тирана, Корча, Билишта, Поградец, Елбасан, Драч... низ цела Албанија. Наш завет е да бидеме обединети и интегрирани. Обединети, затоа што само единствени сме силни и така можеме да победиме и успееме. Интегрирани, затоа што мораме да станеме дел од институциите на системот, преку нив да се бориме и избориме за нашите права и слободи, како еднакви со еднаквите и рамноправни со рамноправните. Минатото и иднината на Македонците во Албанија се неотуѓив и нераскинлив дел од историјата и развојот на Република Албанија, затоа што колку што Албанија е албанска, толку е и македонска држава. Македонците во Албанија се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ во целина, но Албанија е татковина и на Македонците. Македонците во Албанија се нејзини лојални државјани. Така било, така и ќе остане. И Македонците се бореа за слободата на оваа држава, беа дел од антифашистичката коалиција во Втората Светска Војна и затоа Македонците се вградени во државноста на Република Албанија. Тоа никој и никогаш не може да го смени, таа историја е трајна вистина за оваа држава и овој дел од Европа, - истакна во своето експозе претседателот на македонската партија во Албанија Едмонд Темелко.

- Македонската партија предлага Договор за траен мир и добрососедство меѓу Албанија и Македонија и Договор за положбата и правата на Македонците во Република Албанија и на Албанците во Република Македонија, на заемна, реципроцитетна и рамноправна основа. Ги посакуваме правата и слободите на Албанците во Македонија и за Македонците, Грците, Власите, Ромите, Србите, Црногорците и Еѓиптјаните во Албанија, посакуваме еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Бараме право на образование на мајчин македонски јазик на целата територија на Албанија во сите степени на образование, во сите места каде што Македонците живеат, право на информирање на државната телевизија и радио со програми на македонски јазик, право на вероисповед на македонски јазик, право на културни и образовани установи за Македонците, - беше дециден претседателот на македонската партија во Албанија Едмонд Темелко.

Вториот конгрес на македонската партија го верификува мандатот на делегатите и утврди дека може полноважно да работи и одлучува.

Делегатите го овластија Централниот комитет на македонската партија да донесе одлука и да утврди договор за коалицирање на парламентрните избори во Република Албанија 2013 година, како и да ги утврди кандидатите за пратеници на парламентарните избори во Република Албанија 2013 година од Македонска алијанса за европска интеграција.

Вториот конгрес успешно ја заврши својата работа, а Македонците го честитаа обединувањето во една и единствена македонска партија во Албанија. (Македониум)