ВО ТИРАНА ЌЕ СЕ ОДРЖИ ВТОР КОНГРЕС НА МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА ЗА ЕВРОПСКА ИНТЕГРАЦИЈА

На 6 април 2013 година во Тирана, во салата на Националниот историски музеј, со почеток во 12.00 часот, под мотото “ОБЕДИНЕТИ ЗА ИНТЕГРАЦИЈА”, ќе се одржи Вториот Конгрес на македонската партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција. По интонирањето на државната и партиската химна „Народе македонски“, Конгресот треба да донесе Програма за работа на Македонска партија и Резолуција за унапредување на положбата и правата и слободите на Македонците во Република Албанија.

Членовите на Македонска алијанса за европска интеграција на Вториот Конгрес ќе ги претставуваат 140 делегати од Мала Преспа, Корча, Билишта, Поградец, Тирана, Елбасан, Драч, Гора и Голо Брдо.

Конгресот ќе го прогласи составот на 40-члениот Централен комитет на Партијата и ќе избере претседател и Надзорен одбор на Партијата за периодот 2013-2018 година. Засега за претседател на Македонска партија е номиниран Едмонд Темелко, актуелен градоначалник на општина Пустец и претседател на Македонска алијанса за европска интеграција.

Двајца потпретседатели и генерален секретар ќе избере Централниот комитет на Партијата, којшто истовремено ќе го прогласи составот на Извршниот комитет на Партијата.

Конгресот ќе донесе и одлука за учество на Македонска алијанса за европска интеграција на парламентарните избори во Република Албанија јуни 2013 година, со овластување, Централниот комитет да донесе одлука за коалицирање, да потврди договор за коалиција и да утврди листа на кандидати за пратеници од Македонска алијанса за европска интеграција.

Од формирањето на Партијата на 30 октомври 2004 година ова е Втор Конгрес на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција во Албанија.

На Конгресот ќе учествува висока делегација на Македонска Алијанса од Република Македонија предводена од претседателот Ѓорѓија Џорџ Атанасовски, Светскиот Македонски Конгрес предводена од претседателот Тодор Петров  и преставници на Македонските организации од Балканот. (Македониум)