Марковски – Румбулаку: Минување на границата без застои и поголема безбедност за македонските граѓани за време на туристичката сезона во Албанија

Амбасадорот Данчо Марковски оствари работна посета на Генералниот директорат на албанската полиција, при што беше примен од директорот Мухамет Румбулаку.

Двајцата соговорници изразија задоволство од воспоставената добра соработка меѓу полициите на двете земји и изразија подготвеност за проширување на истата во иднина.

На средбата беше договорено во текот на летната туристичка сезона да има заеднички патроли во крајбрежните области на двете земји; создавање на капацитети на граничните премини, со цел да се елиминираат долгите редици и зголемување на размената на информации за спречување и сузбивање на прекуграничниот криминал, што може да се развие со искористување на големиот проток на граѓани кои влегуваат или излегуваат , на граничните премини.

Марковски ја реафирмираше заложбата на македонската Влада за отворање на граничниот премин Требиште – Џепишт 24/7, со цел да се овозможи слободно движење на граѓаните кои живеат во овие области, а кои моментално имаат ограничено движење.

Амбасадорот Марковски го информираше директорот на ДП, за барањето на директорот на Центарот за меѓународна соработка на Македонија, да оствари средби со колегите од државната полиција, со цел потпишување меморандум за соработка меѓу двете земји, не само во рамките на соработката за управување со границите, но и во областа на организираниот криминал и тероризмот. Меморандумот би ги елиминирал бирократијата и пречките во однос на размената на информации во реално време потребни за развој на заеднички операции, за заеднички гранични патроли итн.

Генералниот директор на државната полиција го увери амбасадорот во посветеноста на Државната полиција во борбата против незаконитоста, криминалот воопшто и организираниот криминал особено, како и определбата на државната полиција тесно да соработува со партнерите, бидејќи само на тој начин можеме да имаме подобри резултати во борбата против организираниот криминал и глобалниот криминал, особено сајбер криминалот.

На крајот од средбата, амбасадорот му се заблагодари на генералниот директор и му честиташе за визијата и резултатите кои Државната полиција ги постигна неодамна и го покани на официјална посета на полицијата на Македонија.

©Македониум