Амбасадорот Марковски: Весникот „Преспа“, чувар на убавиот македонски збор

Македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски, учествуваше на свеченото одбележување на 30-годишнината од излегувањето на првиот македонски весник во Албанија – Преспа, при што имаше и поздравен говор:

“Почитувани Македонки и Македонци. Почитувани гости. Драги пријатели. Голема чест и задоволство ми претставува што денес присуствувам на оваа прослава посветена на 30 годишнината од печатењето на првиот број на весникот „Преспа”. На почетокот од моето обраќање ја користам оваа пригода да упатам големо признание на неговиот основач Спасе Мазенковски и неговата идеја за издавање на прв весник на македонски јазик на овие простори. Во изминатите три децении ова гласило на Македонците ја презеде улогата да биде чувар на убавиот македонски збор, да ја негува нивната етничка посебност, да ги брани обичаите од заборавот, и да го варди културното битие на македонското население во Мала Преспа, Голо Брдо, Гора и другите места во Албанија. Весникот “Преспа” е неумолив хроничар на најзначајните настани што поминале и минуваат низ времето ставајќи го пред и над се битисувањето на Mакедонецот. Во неговите написи среќаваме најразлични стории од секојдневниот живот на луѓето, вести за посети на значајни личности од двете страни на границата, но и за разни натрапници кои мешетарат и се обидуваат да го разнебитат македонското ткиво. Пустите не знаат дека со некакви марифетлаци не се купува националното азно, создавано со столетија, пренесувано од генерации на генерации. Почитувани присутни. Скромен по својот тираж но важен по своето значење весникот останува и понатаму да биде доследен на својата крилатица која гласи, “Преспа, читајте ме јас сум ваша а вие сте мои”. На членовите на редакцијата и на главниот и одговорен уредник Ефтим Митревски им посакувам натамошна плодна работа исполнета со благородни дела. Да сте ми живи и здрави”, изјави амбасадорот Марковски.

©Македониум