НЕ ВИКАЈТЕ МЕ ТОРБЕШ!

Јас сум од твоето исечено ткиво!
Понекогаш подбивно ме шараат со лузни.
Како модрици пцости ме боднуваат под седмото ребро.

И чувствувам пришти од погледи студни
лигави меури линам, пукаат од тага и бол.

Торбеш ме викате, но мојот прадедо
не за торба урда, за утроба сита
камбана фрлил во влажниот дол
и со бол ја копал фреската на Христа.

Свирел камшик суров како змија клета
по ребрата голи помодри од небо
крв течела топла и бликала сета,
крв човечка братко, не сок од стебло.

Рикал денот мрачен небото го цепел,
тажно гледал крстот како мртва врана
Библијата древна горела во пепел
коренот пак никнел во главата страдна.

Не го слушам звукот од Бигор што рика
на камбана жолта што ја тресе Река
но и глув сум сосема Оџа кога вика
пред мрак кога сонце на запад се влечка.

Ме викате Торбеш, но мојот прадедо
вера не би менил ни за торба сребро.
Меса му капеле под кундаци силни
животот му течел од жилите сини.

Ме викатe Торбеш но горам од љубов
за секоја грутка на мојава земја.
Вардар, Пирин, Егеј ми го пленат умов
на срце ги носам како пролет цветна.

Не викајте ме ТОРБЕШ
Зошто ѕвездите ќе ми изгаснат во очиве
и ќе се исцедат како солзи на доенче.

Не викајте ме ТОРБЕШ
зашто и сонцето пци ќе ми го исколат
и кобили со врели копита
градиве ќе ми ги здробат.

Не викајте ме ТОРБЕШ
зашто ќе ми пресушат потоците во жиливе
а утробата одрана кожа ќе ми се стори.

Не викајте ни ТОРБЕШ
зашто кринов цвет ни вовирате во мишкиве суви
што ги притајуваме со болка и надеж и вера
во секое наше утре.

Не викајте ни ТОРБЕШ
Јас сум од твоето исечено ткиво!
зашто млекото ќе им се пресуши
на момиве наши со заруменети образи,
а на ергените красти ќе им ги искинат кожите.

Не викајте ни ТОРБЕШ
и не вовирајте ни нокти во мозокот
нас не ќе не’ сотре безименоста.

Саме Лимани Жарноски

Саме Лимани Жарноски (1935 – 28 јануари 2007) е македонски поет, роден во село Жировница, Реканско. Завршил учителска школа и работел како наставник по македонски јазик во Жировница. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1991 година. Добитник е на наградата за песна на манифестацијата “Празник на липите“. Во неговото литературно творештво спаѓаат: Распукани бигори (1970), Искри во изгасната пепел (1971), Не грачи, тажна птицо (1973), Цибрини и солзи (1976), Долината на љуњите и љубовта (1981) и Завеани врвици (1983).