ТВОЕТО ИМЕ

Како ранета птица што понира во пад
името твое лета горе, над
низ небесните синила, под сончевиот сјај
не знаеќи каде да слета, на кој крај.

Земјо благословена и крстена од Бога
со предолго име, со златени букви
– Да го ќердосаш и да го чуваш! – ти рече Тој
тогаш кога ти се роди во Божјите скутови.

И вистина така се случи,
ти светна ко сонце, како Божји рај
дур’ времиња побеснеа, врз тебе се нафрли
и име, и снага, и цела те распарчија.

Како пчели без матица, ете таму горе
летаат и буквите на името твое
зујат без правец, над поле, над море
не знаејќи каде да застанат. Каде?…

Еј Александре, Самуиле, Гоце
ти Клименте и Науме, зошто толку кроце?
Не ви е срам, сте умреле за века
до кога тоа име уште ќе ве чека?…

Станете, воскреснете, излезете смело
пред вашите браќа, над вечната робија
ставете го името на мајчиното чело.
Нека светне пак убавата Македонија.

Спасе Мазенковски