Репресиите и асимилирањето на Македонците во Бугарија и Албанија остануваат високо на агендата на бугарската држава

„Кога сакав да учам високо образование, не ми беше дозволено. Ми измислуваа дијагнози кои ги немав и со лажен документ ме направија туберколозен. Ме пукаа додека си работев во лозјето, ме следат кога излегувам од дома. И се’ само заради тоа што се декларирам како Македонец од Пиринска Македонија“, – вознемирено раскажува Кирил Тилев, претседател на „ОМО Илинден“ од Бугарија. Тој смета дека Македонија никако не смее да го отвора Уставот за да ги стави Бугарите во него, бидејќи, како што вели, Бугарите веќе ги имаат сите права во Македонија, а и нема да запрат на тоа, туку ќе бараат уште повеќе.

„Бугарите не запираат пред ништо, само и само да можат да не’ уништуваат, да клекнеме. И како што Република Македонија си молчи, Бугарите си настапуваат. Влегоа во Република Македонија и таму во центарот на Скопје ви викаат – вие сте Бугари. На Бугарите не може да им се верува, тие се така воспитувани во национал-шовинизам што тоа тешко ќе се искорени во Бугарија. Само тие самите можат тоа да си го искоренат кога ќе тргнат во демократски промени и да ги признаат малцинствата во Бугарија и да им дадат права“, посочува Кирил Тилев, претседател на „ОМО Илинден“ од Бугарија.

Кога станува збор за асимилаторските политики на Бугарија врз Македонците, особено во последниве години, во ништо подобра состојба не се ни нашинците кои живеат во Албанија. Тие се жртви на нескриените, брутални методи на Бугарија, со уцени, закани и поткупи, карактеристични за 19 век, да се попишуваат како Бугари. Ова, најмногу заради пасивноста на нашата власт.

„Од една страна Албанија кокетира и со македонска, и со бугарска страна, си ги гледа пред се’ своите интереси. Треба да биде поактивна македонската диоломатија и на терен, и кај Македонците во Албанија, да не го остава празен просторот затоа што тој простор го пополнуваат Бугарите. Сами не можеме да се бориме со оваа бугарска пропаганда која троши милиони евра за своите цели во Албанија, но и воопшто…Затоа ние Македонците во Албанија им сме битни на Бугарија како инструмент за докусурување на Македонија“, кажа Васил Стерјовски, претседател на Македонска алијанса за европска интеграција од Албанија.

„Ова што ни се случува сега, бугарската политика го работи веќе 200 години, но денес наиде на исклучително плодно тло“, смета в.д. претседателот на ГИ „Не’ има“, Илија Богатиноски и додава:

„Европските права на малцинствата постојат повеќе од 30-50 години. Ние не сакаме ништо нов, туку тие европски права да важат и за Македонците по род во соседните земји околу Македонија“, изјави Илја Богатониски, в.д. претседател на ГИ „Не’ има“.

Инаку, ова беа само дел од излагањата изнесени на годинашниот, 23-ти по ред Семакедонски собир, организиран од ГИ „Не’ ИМА“, а кој традиционално се одржува по повод денот на раѓањето на македонскиот идеолог Гоце Делчев.

Каролина Дурло