Меѓународната заедница се раздвижи околу проблемите на Македонците во Албанија

Преставници од амбасадите на Америка и ЕУ во Тирана во посета на Пустец

Преставници од амбасадите на Америка и ЕУ во Тирана во посета на Пустец


По барањата на Македонците и на Австралискиот пратеник Лук Симпкинс, да се санкционираат и да запрат нападите на Црвено-црната Алијанса врз Македонците во Пустец, како и да им се овозможи образование на мајчин јазик во Голо Брдо претставници на Американската амбасада и на Европската Унија  во Тирана, ја посетиле општина Пустец каде оствариле средба со градоначалникот Едмонд Темелко, Васил Стерјовски од Македонска алијанса за европска интеграција и Бесник Хасани, претседател на македонско друштво “МОСТ” од Голо Брдо.

- Во посета на нашата општина беше американскиот дипломат задолжен за човекови права Џеј Потер заедно со претставник на ЕУ. Тие искажаа целосно разбирање за нашите барања и ветија дека сериозно ќе реагираат до владата на премиерот Сали Бериша околу  дискриминацијата на Македонците. Разговорот имаше голема тежина и ни влеа надеж дека меѓународната заедница ќе изврши притисок врз властите во Република Албанија и оти конечно ќе се почне со решавање на проблемите на Македонците во Албанија – изјави Темелко.
Меѓу другото, тие и запознале со проблемите околу образованието, непризнавањето статус на малцинство на целата територија на Албанија, дискиминирачкиот попис чии резултати не ги признаваат заедно со другите малцинства и ред други проблеми. Посебно станало збор за дивеењето на членовите на националистичката Алијанса „Црвено црни“ во Пустец и се погласната националистичка реторика на албанските политичари.

Инаку, со проблемите со кои се соочуваат малцинствата во Албанија, и неостварувањето ни најминималните нивни легитимни права, кон крајот на август лани, на маргините на Школата за млади лидери во Охрид  преставници на македонското и ромското малцинство во Албанија, Васил Стерјовски од Македонска алијанса за европска интеграција и Арбен Костури претседател на ромското здружение “Дисутни Албанија” го запознаа Филип Рикер заменик помошник на државниот секретар на Соединетите Американски Држави.

Арбен Костури, Филип Рикер и Васил Стерјовски

Арбен Костури, Филип Рикер и Васил Стерјовски

Заменик-помошникот  државниот секретар Рикер на средбата со нив истакнал дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да помагаат во интегрирањето на Албанија во Европската унија, затоа што ова е единствената алтернатива на Албанија како и на земјите од регионот, и оти  почитувањето на правата на малцинствата е еден од приоритетите од исполнувањето на стандардите за европската интеграција. (Македониум)