Македонците од Канада организираат донаторска вечер за помош на манастирот Св.Марeна во Туминец, Мала Преспа

Македонската парвославна црква Св.Недела од Канада, на 28 јануари 2023 година организира донаторска вечер со цел да се соберат средства за манастирот Св.Марена во село Туминец, Мала Преспа.

По тој повод весникот “Македонија” од Канада направи интервју со Леко Вурмо од Туминец, Мала Преспа член на одборот за одржување на манастирот Св.Марина.

Весник Македониум во целост го пренесува интервјуто на Леко Вурмо за весник “Македонија” од Канада.

– Селото Туминец е едно од Деветте населени места во Мала Преспа, кое се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење-Горица и е Второ село по големина, со околу 800 жители.

На езерските води се наоѓа и манастирот Света великомаченица Марина Марена – Огнена Марија во кој што се поголем дел од моштите на Светицата, а каде се уште се случуваат чуда над нејзините мошти.

Манастирот постои од далечната 1926 година, лоциран на 50-тина метри од брегот, изграден како малечко манастирче од земја и кал, го преживеал режимот на комузимот, забраните за прослави и благодарение на благочестивите верници, селаните од ова и околните села кои се организираа со намера да го обноват и изградат.

Леко Вурмоски е еден од луѓето што се грижат и одржуваат манастирот и кој со радост за нашиот весник раскажува колку е голема љубовта на Македонците не само од Албанија, туку и од Република Македонија кон ова свето место.

Секоја година на 30 јули кога се слави патроновата слава имаме високи гости вели Леко, многу верници од Мала Преспа, дијаспората, од Лерин, Охрид, Струга, Ресен, Прилеп, а жива музика каниме дури од Битола. На прославата на патронот во 2018 година специјален гостин беше албанскиот претседател Илир Мета кој придружуван од претставници на локалната власт на Пустец го посети ова свето пито место. Вие сте прекра заедница, мирољубива и трудољубива, која заслужува една подобра иднина. За Преспа, за Албанија, за Македонија и за нашиот прекрасен соживот. Убавини и добрини секогаш”, рече Мета.

Поздравувајки ги присутните верници, господин Мета тогaш нагласи дека меѓу Македонците е со посебен повод и огромно е задоволство да се види толку многу народ, посебно толку многу млади, кои ги негуваат традициите, кои некогаш беа забранети, млади кои сега гледаат со толку верба во иднината, рече тогаш претседателот Мета.

-Среќни сме на донацијата од градот Прилеп за сончевите палети, а исто така изразуваме голема благодарност до Насте Граждани од Горна Горица, кој живее во Канада кој комплетно опреми две манастирски соби, нова кујна и многу помогна во реновацијата на манастирот што е во тек вели Леко Вурмоски.

-Во моментов најпотребно ни е тракторче како за да можеме непречено да ги пренесуваме градежните материјали, затоа што патот е тешко прооден, а материјалите кои стигнуваат со кајче по Преспанското Езеро да не мора да ги носат на рамења и до 300 метра.

Според зборовите на Леко Вурмо во манастирските дворови е потребен магацин за чување на материјалите, како и средства за плаќање на работниците кои се ангажирани за реновацијата.

Тој им се обраќа на сите Македонци од Канада особено Македонците со потекло од Мала Преспа да помогнат во намерата манастирот Света Марина да го добие својот конечен лик и да ја сочува својата светост, да остане за генерациите кои доаѓаат, пишува весникот “Македонија”.

©Македониум