Владата да реагира на „дрските лаги и провокации“ на Јотова, бара хрватскиот лингвист Горан Калоѓера

Хрватскиот лингвист Горан Калоѓера, бара реакција од МАНУ, но и од научните институции (Институт за македонска литература, Институт за македонски јазик и Институт за историја) да реагираат на „провокативните и неточни изјави“ на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, изнесени викендов во Битола.

„Се согласувам со г-ѓа Јотова, најверојатно така се вика, само во едно. Нема поубаво шеталиште од битолското. Останатото што го кажа е чиста провокација, дрскост, безобразност и (не верувам дека е толку глупава) и невистина. Како прво, мислам дека г-ѓа Јотова нема поим што е ренесанса, второ, ренесансата како стилска формација не постоела ниту во бугарската ниту во македонската литература. А да се нарече Битола центар на бугарската ренесанса не е само провокација и дрскост, туку и историска лага. Госпоѓата очигледно мислела на преродба, а и во тоа има згрешено. Битола отсекогаш била „конзулски“ толерантен град и таму да се зачнува (да почне) бугарска преродба, тоа да ми извините е „пи****ија“ од светски размери, исто како и изјавата дека Зборникот е дело на бугарски преродбеници“, вели Калоѓера во објава на ФБ.

Калоѓера вели дека нема „намера да ја оспорува глупоста на Јотова, која според него има очигледна цел како дел од бугарската елита да ја детронизира (поништи) Македонија како држава и да уништи сѐ што е македонско“. Но се чуди зошто никој не реагира на провокациите на Јотова и дали навистина некој решил да ја продаде државата.

©Македониум