МАЕИ со подршка на отворањето на Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров” во Благоевград

Единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) даде подршка на отворањето на Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров” во Благоевград.

На свеченото отворање на македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров” во Благоевград, во името на Македонска алијанса за европска интеграција присуствуваше членот на Извршниот комитет, Јани Колевски.

– Ми беше чест што учествував на отворањето на македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров” во Благоевград. Ова е историски настан за Македонците во Бугарија. Во името на Македонска алијанса за европска интеграција но и во името на сите Македонците од Албанија им честитам на организаторите за овој голем настан за Македонците во Бугарија. Македонците во Албанија ја подржуваат борбата на Македонците во Бугарија за заштита на својот етнички и културен идентитет, истакна Јани Колевски.

На отворањето на Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров” во Благоевград присуствуваа Македонци од Бугарија, Грција, Македонија и Албанија.

– Го крстивме клубот по името на големиот поет Никола Вапцаров роден во Македонија во времето на Отоманската Империја во 1909 година, кој целата своја љубов кон Македонија ја изразил во својата поезија. Пораснал во Бугарија, ја освоил бугарската култура и напишал прекрасна поезија на бугарски јазик. Антифашист и идеалист, човек симбол на Македонците во Бугарија, кој чесно и просперитетно работел во државата каде живеел. Немаме сепаратистички намери, сакаме да живееме во Обединета Европа. 32 години се бориме за регистрација на политичка партија. Бугарија за тоа е судена 15 пати во Европскиот суд за човекови права. Не сакаме да се судиме, ние едноставно сакаме да бидеме рамноправни како и останатите граѓани. Сакаме да се наречеме да бидеме Македонци, да може без страв да се собираме. Да бидеме од корист и за двете држави и за двата народи, бидејќи им ја знаеме душата и културата. Да си Македонец не е антибугарско дело. Македонците во Бугарија веќе 60 години се борат за своите права. Подаваме рака за пријателство, но нема да ги кренеме рацете и да се предадеме. Тука, денес сме собрани, претставници од целиот Македонски народ, од сите краеви на Македонија. Вашето присуство е силна порака кон сите и кон нас, дека не сме сами. Ќе продолжиме со праведната борба и покрај омразата, – рече Милан Ризаков во името на основачите на Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“.

– Бугарија не треба да се плаши од отворањето на Македонскиот културен клуб “Никола Јонков Вапцаров“, туку напротив со ова треба да покаже дека е вистинска демократска и европска држава! Oтворањето на Mакедонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“ е добро за Македонија, но ќе мора да се направи сѐ за сите да се сплотат. Младите треба да се донесат во клубот, зошто ако нив ги нема, ништо нема да има. Треба сите да запаметат дека Гоце Делчев се бореше за ослободување на Македонија, а не на Бугарија. Тој е роден во Кукуш, а не во Софија, сѐ друго се приказни на фанатиците и непријателите на Македонија. Во Грција направивме Македонско друштво со името на Крсте Петков Мисирков и денес работиме слободно, никој не е против. Кога отидовме во судот, не ни рекоа што име е ова – Крсте Петков Мисирков. Еве, веќе три години работиме и твориме. Затоа и Бугарија не треба да се плаши од овој клуб што денеска се отвара овде во Благоевград, – истакна отец Никодим Царкњас.

https://maei.al/archives/3033