Семакедонска средба за Илинден во Трново

Бугарската политика кон Македонија е многу лоша, изјави Стојан Ѓорѓиев, почесен претседател на ОМО „Илинден“ од Пирин. Тој присуствуваше на 51. Семакедонска средба во битолското село Трново.

-Сакаат да ги бугаризираат Македонците, а ние од памтивек знаеме дека сме Македонци. Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански се бореа против бугарските врховисти кои сакаа да ја спојат Македонија кон Бугарија. Ете во Битола направија клуб „Иван Михајлов“, најголемиот убиец на Македонците, ние Иван Михајлов, Тодор Александров не ги сметаме во Пирин, вели Стојан Ѓорѓиев, почесен претседател на ОМО „Илинден“ од Пирин.

На средбата свој настап имаше и фолклорно друштво од село Плетена, Бугарија кои 24 години го негуваат македонскиот фолклор.

-Немаме никаков проблем на сцените во Бугарија, односно македонскиот фолклор. Никаков проблем немаме. Аплаудираат луѓето, се радуваат. Но како да имаме проблем, браќа и сестри сме. Сега политиката е друго нешто, но луѓето не приотивречат зошто пеете таков фолклор, вели Антонија Табекташева, село Плетена.

Пред присутните својата порака ја испрати претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, кој истакна дека во својата борба под сонцето, македонскиот народ бил под четири господари.

-Византија, Отоманската Империја, Србија и Бугарија. Но денес сите тие империи и царства и кралства исчезнале и се распаднале, но она што останало, не умрело и не исчезнало, тоа се македонското духовно и материјално наследство. Но за жал денес, во 21 век, во навидум изградени демократски општества, продолжуваат уште активните обиди за исчезнување на макдонскиот идентитет, а што е потрагично продолжува самоуништувањето на националната свест и идентитеските белези кои ја обележуваат македонската нација како посебна, изјави академик Љупчо Коцарев, Претседател на МАНУ.

Организаторите побараа раскинување на договорите од 2017 и 2018 година.

-Со овое договори Македонија од држава треба да стане територија, без македонски народ и историја чии администратори ќе биат Атина и Софија, рече Александар Јаневски, Претседатeл на здружението на македонците од егејскиот дел на Македонија.

Пораки имаше и од Македонците во Грција и Албанија.

– Од владата во Тирана бараме унапредување на положбата и правата на Македонците на целата територија на Република Албанија и од албанското Собрание бараме со новата територијалната организација, општина Пустец да не се укинува, додека областите Гора и Голо Брдо населени со мнозинско македонско население да бидат посебни опшини. За нас се неприфатливи континуираните напори од Бугарија, злоупотребувајќи го членството во ЕУ, за асимилација и негација на Македонците во Албанија, со цел создавање непостоечко бугарско малцинство каде живеат Македонци, изјави Васил Стерјовски, Претседател на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција.

-Уште ќе кажуваме лаги? Новите генерации уште ги ги учиме лажна историја?, рече Архимандрит Никодим Царкњас.

©Македониум