Амбасадорот Арвизу: Заканите кон македонското малцинство во Пустец се целосно неприфатливи

Американскиот амбасадор во Албанија, Александар Арвизу, ги осуди нападите и заканите на Алеанца на Црвено-црните во општина Пустец. Во своето обраќање на 15-та Меѓународна конференција за безбедност на Западен Балкан на 14.12.20012 година, американскиот дипломат рече дека: “Последните закани против македонското малцинство во Пустец од страна на некои погрешно насочени индивидуи, е целосно неприфатливо и треба категорично да се отфрли од сите Албанци”, рече амбасадорот Арвизу.

Американскиот дипломат уште истакна дека: “Етничките тензии, ако еднаш се разбудат, се тешко, ако не и невозможно да се предвидат или контролираат. Потребно е да одговорните лица да се воздржат од палење на етничките чуства, како внатре така и надвор од Албанија”-истакна Арвизу.

Активисти на албанската ултранационалистичка партија Црвено-црна Алијанса, на 16 ноември 2012 година во 11 часот упаднаа во дворот на општината Пустец, во средното училиште во Пустец за  време на наставата и во повеќе села во областа Мала Преспа. Демонстрантите извикувале пароли “Ова е Албанија“, “Ова е албанска земја“, “Надвор од Албанија“, што видно го вознемирило месното македонско население и учениците во средното училиште.

Мета на албанските неофашисти бea сообраќајните знаци и уличните информативни табли, на македонски и албански јазик, врз кои лепеле налепници “Ова е Албанска земја“.

Поради воздржаност на Македонците од поголеми инциденти, избегнати се физички пресметки. Иако градоначалникот на општина Пустец ја известил полицијата, таа дојде дури после четири дена, откако преставниците на меѓународните институции во Албанија побараа информација за овие инциденти.

Општина Пустец е населена со 100% македонско население и е призната како малцинска област на македонското малцинство во Албанија од 1945 година.

Врз основа на Меморанумот за Соработка помеѓу Институцијата на Префектот на Округот Корча и општина Пустец, потпишан на 15.11.2005 година, за соработка на полето и почитувањата на правата на малцинствата во Албанија, двете институции се ангажираат за спроведување на правото на употреба на мајчиниот јазик на македонското малцинство. Врз основа на овој Меморандум, општина Пустец се ангажира да ги постави месните традиционални топонимии, имињата на улиците, плоштадите и други топографски показатели за јавноста, освен на албански јазик и на македонски јазик.

Општина Пустец за овој упад на Алеанца на Црвено-црните ги извести канцеларијата на ОБСЕ во Тирана, Државната комисија за антидискриминација и комесарот за антидискриминација, Народниот Првобранител, Владата, Парламентот, Претседателот на државата, како и странските амбасади.

Освен осудата на американскиот амбасадор, ниту една од албанските институции не реагираше и не го осуди ова насилие што се случи во општина Пустец од страна на Алеанца на Црвено-црните. (Македониум)