Лафазановски: Нашето село В’мбел не постои, авионите го срамнија со земја, само зидовите на црквата Св.Димитрија останаа

Педесет години ги молев оние кој успеваа да допрат до нашето убаво село, В’мбел, да ми донесат од родното огниште грутка земја и камен, грутката земја да ја мирисам! Каменот да го скршам, белки таму ќе го пронајдам распукнатото срце на мојата мајка, татко и брат.

Црква Св Димитрија В’мбел, Егјеска Македонија

Трајко Чакаров се сети на мојата молба и ми се јави дека желбата ми ја исполни. Другиот ден дојде кај мене со ќеса во рака и ми рече, еве ти го твоето наследство и спомен од родното огниште од В’мбел. Нашето село не постои, авионите го срамнија со земја, нема ни една куќа, само зидовите на црквата Св.Димитрија останаа. Црквата целосно е украдена. Беше блед на лицето и разочаран, се поздрави и отиде.

Јас ја ставив десната рака и го фатив каменот, го ставив до моето срце да ја почуствува топлината на моето срце и радоста што го имам. Грутката земја ја ставивме во преубав сад и насадивме една мала топола како што беа оние три тополи до Чакаровци. Грутката земја и каменот со време станаа, темел на славна света библиска земја плодна родилка и божја благословена творевина, мајка вечна Македонија. Амин!

Сократ Лафазановски