Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден – За многу години!

Како општонароден празник, а посебно како главно сточарско празнување, Ѓурѓовден по своето значење и по изобилството обичаи кои го следат особено се издвојува од преостанатите празнични денови во годината. Во него се сместени многу верувања и обичаи кои преку магиски пат треба да ги осигураат напредокот и плодноста на стоката, родноста на полињата и среќата меѓу луѓето.

Овој празник во македонскиот народен календар зазема значајно место затоа што претставува празник – меѓник. На овој ден започнувала летната половина од годината која, според народот, трае до празникот Митровден. Од тие причини, во една македонска поговорка се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си го Митровден.

Секоја област во Македонија слави по свое, и во Мала Преспа, на која традиционално живее македонско малцинство, се слави овој празник. На овој ден се бојадисуваат црвени јајца, за секој член од семејството како и за почит кон умрените. Памтам како дете, еден ден пред Ѓурѓовден, жените и девојките од моето село (Горна Горица) стануваа сабајле, подготвуваа јадење со себе и одеа во планина, пред да изгрее сонцето. Меѓу песни и ора, тие береа разновидни билки и коренки. Една од песните што ја пееле е:

Излези, излези Синѓилемоне,
Да одиме во планина,
Да набериме билки – коренки,
Да нараниме силно стадо.

Откако се враќале во селото, билките кои ги собрале ги ставале по аурите (местото каде се чувало говедото), за плодност на стоката како и по домовите за здравје и среќа на семејството. За жал ова традиција веќе не се применува. Сепак е останата дел од неа, на пример на денот на Ѓурѓовден, сите млади, стари и деца одат во Црквата Свети Герогија која се наоѓа во селото Глобочени. Таму се палат свеќи и се слави денот со песни и ора.

Марјана Костовски