МАЕИ за нов претседател на Албанија го предлага проф.д-р Кимет Фетаху

Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, за нов шеф на албанската држава го предлага проф.д-р Кимет Фетаху.

Според лидерот на партијата Васил Стерјовски, предлогот е доставен денеска до претседателката на парламентот, Линдита Никола, како и до координаторите на пратеничките групи на Социјалистичката партија, Таулант Бала, на Демократската партија, Енкелејд Алибеај, на „Сојуз за промени“, Фатмир Медиу и до Месила Дода, координаторка на пратеничката група „За демократија и интеграција“.

-Изразувајќи ја највисоката почит кон Вас и институцијата, Собрание на Република Албанија, со ова писмо, партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), како единствена партија која ја претставува македонската заедница во Албанија, дава свој придонес во рамките на консултативниот процес за избор на шеф на државата со кандидатурата на проф.д-р Кимет Фетаху за функцијата Претседател на Република Албанија, стои во дописот.

-Проф.д-р Кимет Фетаху е роден 1955 година во селото Требиште, област Голо Брдо. Тој е доктор на науки, универзитетски професор и македонски општественик во Република Албанија. Има завршено универзитетски студии во Народна Република Кина и Албанија, во насоката рударство и збогатување на минерали. Во својата професионална кариера е предавач и раководител на секцијата за збогатување на минералите и долгогодишен член на Научниот совет на геолошко-рударскиот факултет каде што се уште е активен како професор, a се занимава и со широка општествена дејност, се наведува во образложението на предлогот.

Се додава дека е активен во организирањето на Македонците во Република Албанија, особено по падот на диктаторскиот режим, во 1990 година. Во 1991 година тој ја формира организацијата на Македонците од Албанија „Братство“, која во 1993 година е преименувана во „Мир“, чиј претседател е сè уште. Исто така е директор на Центарот за етнички истражувања во Тирана.

-Проф.д-р Кимет Фетаху даде извонреден придонес во последните 30 години за зајакнување на статусот и правата на македонската заедница и другите етнички заедници во нашето мултикултурно, повеќејазично и мултирелигиско општество, за развојот на цивилното и граѓанското општество, се наведува во продолжение.
Стерјовски посочува дека Фетаху како аполитичен кандидат и лојален државјанин на Република Албанија, ги исполнува сите критериуми предвидени во Уставот, како личност со потребното достоинство да биде Претседател на Републиката, да биде гарант на Уставот, на правата и слободите на граѓаните, на развојот на демократијата, на правдата за сите, за заштита на уставноста и законитоста, на еднаквоста на сите пред Уставот и законит.

-Врз основа на неговиот личен и професионален интегритет, независноста од политиката и посветеноста во развојот на еднаквоста и рамноправноста на сите пред Уставот и законите, ја бараме Вашата поддршка и поддршката од Вашите пратенички групи за кандидатурата на проф.д-р Кимет Фетаху за Претседател на Република Албанија.

Изборот на проф.д-р Кимет Фетаху за претседател на Република Албанија од страна на Собранието на Република Албанија ќе и направи голема чест на нашата земја, дома и во светот, стои во предлог-дописот.

Мандатот на актуелниот претседател Илир Мета завршувана 24 јули а новиот, парламентот треба да го избере до крајот на месецов. Лидерот на владејачките социјалисти и премиер Еди Рама, упати апел до сите политички субјекти да достават предлози.

©Македониум