Започна со работа Македонскиот Бизнис Клуб во Тирана

Во организација на македонската Амбасада, во присуство на над дваесет стопанственици од Македонија кои делуваат на албанскиот пазар беше обновена работата на македонскиот Бизнис клуб во Тирана. На средбата учествуваа и претседателката на сојузот на стопанските комори Инес Мучостепа и претседателот на стопанската комора на Драч, Албан Истери.

Како што инормираа од Македонската амбасада во Тирана, состанокот беше организиран во Македонскиот културно информативен центар, со цел промовирање заедништво на македонската бизнис заедница, можност за создавање непосредни меѓусебни релации и контакти, размена на информации и идеи за поуспешен настап пред албанската бизнис фела, односно прашања и проблеми од заемен интерес, со цел натамошно проширување и продлабочување на економско – трговската соработка меѓу Северна Македонија и Албанија.

Во своето обраќање амбасадорот Данчо Марковски се осврна на основните постулати според кои се водеше Амбасадата во реализацијата на оваа идеја за етаблирање на Бизнис клубот. Притоа, го истакна современиот пристап во работата на ова дипломатско претставништво кое во целост го става своите кадровски и работни потенцијали во служба на стопанствениците од Северна Македонија. Потенцираше дека идните активности на Клубот ќе бидат насочени кон градење чувство на припадност кон една деловна заедница способна да го гради својот углед меѓу албанските структури, демонстрирајќи го притоа македонскиот дух на претприемништво, меѓународно експертско искуство, но и промоција на новиот имиџ на Република Северна Македонија. Вклучувањето на Македонскиот културно информативен центар во овој вид активности меѓу другото значи и наминување на одредени стереотипи со цел градење на економско – трговски и културни врски кои треба да резултираат зголемувањето на нивото на економската соработка.

Претставниците на компаниите, како „Витаминка Прилеп“, „Алкалоид – Скопје“, „Цементарница Усје“, „Дуна компјутери“, „Еурофарм“ , БЕ-ДА логистик и др., изразија задоволство од овој пристап на соработка и заштита на нивните интереси. Во продолжение на состанокот беа предложени конкретни чекори и начин на функционирање на Бизнис клубот.

Следниот состанок на членовите Клубот, ќе биде организиран тематски по кластери со присуство на албански компании по B2B принципот.

©Македониум